1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Масакр во метрополата на разонодата

Катарина Абел
4 октомври 2017

Лас Вегас или „Градот на гревот“ отсекогаш бил симбол за добра забава. Меѓутоа, сега овој град стана место на атентат, во кој загинаа најмалку 59 лица, а над 500 се ранети.

https://p.dw.com/p/2l9XS
USA Las Vegas Trauer nach Massen-Schießerei
Фотографија: Reuters/Chris Wattie

„The Strip" е најпознат дел на Лас Вегас. Овој пустински град во понудата има околу 150.000 хотелски соби и околу половината од нив се наоѓаат на „The Strip". Тука се сместени познатите хотели како што се Цезар палас, Циркус Циркус и Мираж, но и комплексот на хотелот Менделеј беј, од чиј 32. кат убиецот Стивен Падок пукаше врз посетителите на музичкиот фестивал „Пат 91 Харвест“.

USA Nevada Las Vegas Strip
Фотографија: Imago/Westend61

Непресушен извор на пари за пустинскиот град секогаш биле игрите на среќа. Речиси секој хотел има сопствено казино. Над 1.000 маси за игра и десетици илјади автомати за игри на среќа секоја година ги мамат туристите желни за брзи пари. Секоја година има сѐ повеќе посетители. Во 2016 година Лас Вегас го посетија 42,9 милиони луѓе, што беше рекорд. Од тоа најмногу профитираат казината, кои во 2014 година забележаа профит од 4,5 милијарди долари (3,8 милијарди евра).

Меѓутоа, казината сега веќе не се главен извор на пари во градот - во меѓувреме забавата, хотелите и продажбата на сувенири носат трикратен промет. Пријателството меѓу шоу-бизнисот и Лас Вегас има долга традиција: групата актери наречена Рет Пек, собрана околу Френк Синатра, Дин Мартин и Семи Дејвис Џуниор, доживеа голем успех во хотелот Сендс, кој беше во сопственост на индустријалецот Хауард Хјуз, посебно во текот на 60-тите години од минатиот век.  

US Sänger Frank Sinatra
Фотографија: Getty Images/Newsmakers

Во Лас Вегас гостуваа многу ѕвезди - од Елвис Присли до британскиот бенд Ху. Меѓу 1970 и 2003 година, илузионистите Зигфрид и Рој од Германија со своите бели тигри беа една од најголемите атракции за туристите.

Во моментов главна ѕвезда во градот е Селин Дион. Канадската пеачка од 2011 година настапува, со паузи, во Колосеумот на Цезар палас. Често настапува и двапати дневно. Чест гостин во Цезар палас е и нејзиниот британски колега Елтон Џон, кој само месецов ќе одржи 10 концерти.

Las Vegas Celine Dion 2017 Billboard Music Awards - Show
Фотографија: Getty Images/E. Miller

Фестивалот на кантри музика „Пат 91 Харвест“ се одржува од 2014 година. Картите за овој тридневен фестивал годинава беа распродадени - дури 30.000 влезници. На последниот ден од фестивалот се случи трагичниот напад, во кој Стивен Падок со автоматско оружје пукаше во посетителите за време на настапот на пеачот Џејсон Алдин, а потоа и се самоуби.