1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Мафијашки филм на Малта

Барбара Везел
2 декември 2019

На крајот сепак мораше да попушти под притисокот: премиерот на Малта, Мускат, најави дека се повлекува од функцијата во јануари. Како неговата влада е поврзана со случајот со убиството на новинарката Дафне Галиција?

https://p.dw.com/p/3U4dp
Malta Valetta Demonstration für ermordete Journalistin Daphne Caruana Galizia
Фотографија: Reuters/Y. Nardi

„Мафија, мафија" и „убијци, убијци" скандираа гневните граѓани на Малта со денови. И вчера илјадници повторно излегоа на улиците во главниот град Валета за да го изразат својот бес. Се работи за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција од пред две години, која пак откри мрежа на корупција во владата. И се работи за распадот на демократските институции на Малта заради серија скандали кои потсетуваат на алчноста и бескрупулозноста во мафијашките филмови.

Почнува расветлувањето на случајот

Правосудството во Малта делуваше сосем изнанадувачки и во неочекуван момент: имено во 19 часот сабота испрати вооружани полицајци да го приведат бизнисменот Јорген Фенеч кој само ден претходно слободно шеташе низ судот. Пред портите чекаа медиумите, внатре беа најблиските роднини на убиената новинарка: ужалените родители, сопругот и синовите. Го слушаа обвинението, според кое еден од најбогатите луѓе на островската држава се товари дека поттикнувал убиство и криминални дејствија. Слушаа и како се колнеше во неговата невиност.
Сестрата на Дафне, Корин Вела, надвор пред новинарите нагласи дека вистинското расветлување на случајот допрва почнува: „Очекуваме сега да има истрага против премиерот Џозеф Мускат и шефот на кабинетот Кит Шембри, заради нивната поврзаност со убиството."
Во текот на хаотичната недела на Малта во која дневно на виделина излегуваа нови околности поврзани со убиството, едно нешто стана јасно – доказите во истрагата укажуваат директно на најтесниот круг околу премиерот и го товарат и него. Тој повеќе од една година знаел за улогата на Фенеч во случајот со Каруана Галиција бидејќи неговите тајни служби го следеле бизнисменот, а Мускат ги читал протоколите. Но, зошто премиерот ништо не преземал?

Malta Premierminister Joseph Muscat
Премиерот на Малта Џозеф МускатФотографија: picture-alliance/AP Photo

Пробив благодарение на случајност

Кон крајот на ноември куче-трагач по пари на аеродромот во Малта открило повеќе од 200 илјади евра во торбата на таксистот Мелвин Теума. Тој беше уапсен заради сомневање за перење пари и на властите им понуди договор: знаел се за убиството на новинарката од пред две години. Во замена за помилување понуди признание на соучесништво и призна дека тој ги најмил извршителите на убиството. Тој го посочи Јорген Фенеч како налогодавач. Сопственикот на казино и хотел, еден од најбогатите олигарси на Малта, потоа беше фатен од крајбрежната стража при обидот за бегство со неговата јахта. Од тогаш неговите адвокати со сите можни правни средства се борат да докажат дека вината не ја сноси тој, туку членови на владата. Двајца министри и шефот на кабинетот, десната рака на Мускат и човек кој ги има конците в раце, веднаш по апсењето на Фенеч се повлекоа од функциите.

Повеќе:

-Малта - Трагите за убиството на новинарката водат кон владата?

-Малта - случај за санација во ЕУ

-Малта: битка против корупцијата, измамниците и имбецилите

Тоа што го предизвикува бесот на народот се грозните детали на заверата за убиство. Во меѓувреме почна да сведочи и еден од тројцата поситни криминалци кои веќе две години во притвор чекаат на процесот. Најпрво се обиделе новинарката да ја застрелаат низ прозорецот во нејзината работна соба. Кога тоа не успеало оружјето го замениле со бомба која наводно потекнува од сицилијанската мафија. Соучесникот исто така раскажал како таа на крај се нашла во автомобилот на Дафне Каруана Галиција, како и тоа дека убијците за извршувањето на налогот добиле 150 илјади евра. Еден човечки живот изгледа нема голема вредност на Малта.

Расте гневот на населението

Во меѓувреме се создаде протестно движење на Малта, во која претходно се живееше речиси аполитично. Бесните граѓани се убедени дека најтесниот круг во владата е вмешан во убиството на новинарката. Влада која од почетокот на нејзиниот мандат го отвори островот за бизниси на дубиозни инвеститори од Русија и Блискиот исток, им продаде европски пасоши, фаворизирајќи даночно затајување и замижувајќи во случаите на перење пари. Во меѓувреме Европската централна банка отвори истрага против „Банката на Валета“. Минатата зима и ја одзема лиценцата на сомнителната Пилатус банка. Но, сега се работи за многу повеќе. Демонстрантите не сакаат да живеат во земја чии институции се тотално поткопани од корупција. Земја во која ниту судството, ниту полицијата се независни, обвинуваат три постари дами кои беа на протестите. „Нашата земја е уништена од оваа група криминалци – човек мора да ги нарече така оние кои се уште настапуваат како владини членови." И нејзината сосетка луто додава: „Тие мора да платат за своите дела и не може да бидат ослободени од вината. Сакаме правда." Но, што може да се очекува кога премиерот ги назначува сите највисоки функционери, од највисокиот судија до началникот на полицијата.

Malta Yorgen Fenech
Бизнисменот од Малта Јорген ФенечФотографија: REUTERS

Протестите и повикот на расчистување на мочуриштето од криминал на Малта не познава генерациски граници. „Она што го доживеавме во изминативе години е еден вид на фузија меѓу владата и стопанството," објаснува Раиса, учесник на демонстрации организирани од млади активисти. Островот е уништен од еден вид криминално здружение, кое истовремено ја разнесува демократијата. „Но мислам дека можеме да придонесеме да се промената нештата, верувам дека можеме да донесеме промени," се надева таа и покрај тоа што целата земја е претворена во едно мочуриште.

Малта - „пиратски залив“

Мануел Делиа, кој по смртта на Дафне Каруана Галиција е неуморен борец за расветлување на убиството и е еден од предводниците на протестите, бара итна оставка од премиерот Мускат. „Тој мора да си замине бидејќи и стои на пат на правдата. Судот мора да ги испита сите инволвирани, вклучително и премиерот," вели тој. Очите на светот се вперени во Малта, која важела за респектабилна демократија, но островот се претвори во “пиратски залив“, каде корупцијата и криминалот станаа вообичаени за политичките и општествените елити.

И синот на новинаркатата, Метју Каруана Галиција го загуби трпението на еден од протестите, бидејќи Мускат сѐ уште цврсто се држи на позицијата, а полицијата по кратко апсење и исто толку кратко испрашување на неговиот поранешен шеф на кабинет повторно го пушти на слобода – поради недостаток на докази. „Иако има цврсти докази дека Кит Шембри е најголем криминалец од сите, и соучесник во убиството на мајка ми, како и за тоа дека помогнал ова убиство да се прикрие," тој е повторно на слобода. „Ова е срамота," вели Метју.

Денеска во Малта повторно доаѓа делегација од Европскиот парламент за да се информира околу досегашните наоди во истрагата и состојбата во полицијата и судот. Тие беа дојдени и веднаш по убиството на новинарката, но посетата беше без ефект. Во меѓувреме ЕП изрази искрени сомневања во однос на владеењето на правото на островската држава. Но, ова е повторно еден од случаите кога Европската Унија реагира задоцнето на развојот на настаните, кои се случуваат пред очите на сите.