Стотици илјади граѓани со блокирани сметки
25 јуни 2019Б. М од Сплит (името ѝ е познато на редакцијата) повеќе од една деценија живее со блокирана сметка, а деновиве потпиша стечај. Има 57 години, а веќе 15 години е без работа. Оттогаш работи нешто повремено на црно во продажба на недвижности. Тој со неговото тричлено семејство живее во социјален стан во сопственост на градот кој им ги плаќа и режиските трошоци.
„Во 2004 година речиси преку ноќ останав без работа во трговија, фирмата пропадна и оттогаш нема постојана работа“, ни раскажува Б.М. „Во тој момент имав долг на кредитната картичка од 10.000 куни (1.350 евра) кој денес изнесува 50.000 куни бидејќи банката мојот долг им го продала на фондови за наплата на долгови, а тие само го трупаат со затезни камати.“
Овој човек тврди дека кога ќе западнете во блокада, почнуваат да се појавуваат и прастари фантомски сметки.
„Една таква од 2001 година од телекомуникациска компанија се појави седум години подоцна. Според неа, сум должел 300 куни, но кога ми се обратиле седум години подоцна сметката е 8000 куни. Ми нудеа спогодба да платам 'само' 3000 куни. На крај со нив завршив на суд и ги победив бидејќи судијката го прогласи долгот за застарен“, ни вели овој сплиќанец.
Сите овие години упорно бара работа за да си ги исплати долговите и да продолжи со нормален живот, но ретко кој сака да вработи луѓе со блокирани сметки, особено вакви како него со 57 години. Така Б.М. и сопругата живеат од повремена работа на црно, нејзината пензија од 2300 куни и помош од роднини од Австралија.
Повеќе: Предпразнично 83.000 граѓани со блокирани сметки
Армија „блокирани“
Околу 270.000 хрватски граѓани имаат блокирани банкарски сметки, велат официјалните статистички податоци од државната Финансиска агенција (ФИНА). До минатата година таа бројка беше над 330.000. Тука спаѓаат луѓе кои не плаќаат редовно рати за кредит или комунални сметки, телекомуникациски сметки, прептплата за јавниот медиумски сервис ХРТ и слично.
Армијата од повеќе стотици илјади граѓани настана не само поради долготрајната економска криза, туку и поради работењето на банките на штета на клиентите – ова е докажано и на суд во случаите на должници во швајцарски франци, како и на адвокатското и нотарско лоби кои испреговараа сите трошоци за извршителите да се префрлат на сметка на должникот.
Законот за извршување е сменет 25 пати со што стана најчесто менуван закон во историјата на Хрватска – трошоците за извршување во просек сѐ уште се три пати поголеми од износот на основниот долг. ФИНА исто така ги зголеми и своите приходи, бидејќи претходно за извршување наплаќаше 87 куни (околу 12 евра), а сега, во зависност од износот, таа сума може да биде од девет до 675 евра.
Бројот на граѓани со блокирани сметки во последните години се намалува делумно и поради тоа што голем дел од тие граѓани се иселуваат, па почнуваат да ги исплаќаат долговите во татковината. Дополнително, тоа е и поради законот кој беше донесен минатата година, според кој извршувањето веќе не се спроведува по три години од налогот на ФИНА доколку цели шест месеци нема никаква наплата.
За главницата и каматите хрватските граѓани денес должат 3,2 милијарди евра. Дел би можел да се спаси со новиот Закон за стечај на потрошувачи, кој стапи на сила на почетокот од годинава. Тој народски се вика „Закон за личен банкрот“.
Маѓепсан круг
Ретко кој успева да го пробие магичниот круг на беспарицата, долговите и каматите. Владимир Милиновиќ, кој е новинар и медиумски претприемач, сепак некако успеал. Во екипата на „блокираните“ влегол како жирант за кредит на колешка, самохрана мајка која се обидела со кредит за рефинансирање да се извлече од должничкиот пекол. Тоа сѐ потоа паднало на товар на Милиновиќ.
„Се извлеков зашто имам и формално образование и улична школа, повеќе таленти, верни пријатели и семејство кое застана зад мене, живеам во Загреб каде можноста за заработка е многу поголема отколку во други делови од Хрватска“, раскажува Милиновиќ. „Некој во Книн или Славонски брод со просечно образование воопшто нема шанси да се извлече, бидејќи пред сѐ нема да може да најде работа и затоа луѓето бегаат надвор, повеќето од нив токму за да се извлечат од блокади и долгови“, заклучува Милиновиќ. Сепак, фактот дека бил блокиран и натаму му влијае на кредитниот рејтинг и тој не може да добие кредит како приватно лице, а неговите компании не може да добијат ниту право на дозволен минус ниту претприемачки кредити.
Стотици илјади во долгови, профит само за неколкумина
Ѕвездата на хрватските избори за Европски парламент, поранешниот судија Мислав Колакушиќ, го освои пратеничкото место токму поради поддршката од блокираните и веднаш најави дека ќе се кандидира и за претседател на Хрватска. Иако станува збор за потенцијал од еден милион гласачи (300.000 граѓани со блокирани сметки и нивните семејства), интерес за нив покажа само Колакушиќ и Жив ѕид.
Социологот Ренато Матиќ смета дека е чудно и индикативно дека ниту една од актуелните политички опции, не ја искористила оваа шанса за предвидливо долгорочен политички успех.
„Кому во хрватското општество не би му одговарало да се реши егзистенцијалниот проблем од кој е директно погодена речиси една четвртина од населението“, се прашува социологот Ренато Мариќ за ДВ и сам си го дава одговорот: „Секако, тоа не им одговара на оние општествени актери кои остваруваат профит сѐ додека постои овој проблем."
Тој нагласува дека политичките елити пред очи имаат животен проблем на милиони луѓе и моќ да го решат, од што и политички ќе профитираат. „Сето тоа им е безнајчајно во одос на профитот на неколкумина“, вели Мариќ. Но, како што заклучува, ова продолжува поради политичката незрелост на општеството – на изборите победуваат истите политички елити меѓу кои нема такви со блокирани сметки.