МВР во големи набавки: Ќебињата од ЈНА - во историјата!
17 август 2018Со 18 постапки за набавка од кои дел се завршени, а дел во во тек, МВР ќе обезбеди униформи и делови на униформа кои со години не биле набавувани за полициските единици. Ова го потенцираат од МВР по вчерашната реакција на Независниот синдикат на полицијата, кој се пожали дека нови униформи не се набавени веќе десет години.
За јавноста тоа не е нов податок. Го слушна уште во 2015 година, но не од Независниот синдикат на полицијата, туку од тогашната мининстерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во една од опозициските „бомби“. Во разговор со тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, кога тој критикува дека се расфрлаат пари за аква-паркови или за 100 слики во Археолошкиот музеј, Јанкулоска се жали дека „полицајците се уште спијат на железни кревети со ќебиња на кои пишува ЈНА“.
Два месеци по објавената „бомба“, пролетта 2015 година, на прашањето дали полицијаците се уште спијат на ќебиња од ЈНА, Јанкулоска прашањето го оцени ако „малициозно“, бидејќи произлегувало од креирани материјали стекнати на незаконски начин, за кои Заев ќе одговара на суд. Притоа додаде дека „никогаш како сега, не било толку многу инвестирано во обезбедување опрема и средства за работа на полицијата“.
„Останавме со по една кошула“
Независниот синдикат на полицијата не се огласи по таквиот став на министерката. Но, вчера претседателот на синдикална подружница на НСП, Мартин Ефремов, реагираше дека неколкупати се поништуваат тендери за набавка на нови униформи.
„Кај нас почнува да се јавува сомнеж дека тоа се прави свесно за да не се изврши набавката. Неколкупати Министерството излегуваше со конкретни датуми за набавка на нова униформа, но ниту еден не беше испочитуван. Бараме веднаш да набави нова униформа по основ на итна и неодложна потреба, бидејќи летото го минавме со по една кошула, но за зимата не знаеме што ќе правиме“, изјави Ефремов.
„Во јуни 2017 година во МВР беше затекната состојба на сериозен недостиг на униформа и ненавремено обновување на истите“ велат од Министерството. Според податоците, бил поништен тендерот објавен на 9.9.2016 година (“Службен весник на РМ“, бр.171), бидејќи немало ниту една понуда која во целост ги исполнувала барањата од Правилникот за составот, квалитетот и кројот на униформата и ознаките на униформата на полицијата. Ова всушност е периодот по кој почна да функционира т.н пржинската влада, пред изборите од 11 декември 2016. Тогаш станувало збор за планирана набавка на виндјакни, кошули со долги и кратки ракави, маици со кратки ракави и капи, по 7.000 пара од секој вид.
Униформи за сите
Според МВР, годинава ќе се спроведат неколку големи и клучни набавки за потребите на полицијата. Во Планот за јавни набавки за тековната 2018 година биле предвидени вкупно 18 постапки. Во изминатиот период веќе била извршена набавка на комплет униформи кои се испорачани за припадниците на Единицата за специјални задачи „Тигар“ за урбани средини, комплет униформи за рурални средини, ремени за сите полицајци, како и комплет униформи за воздухопловниот персонал.
„Потпишани се и договори за набавка на зимски панталони и здолништа во вредност од 13.947.600,00 денари со ДДВ, кожни ракавици за сите припадници на полиција во вредност од 11.112.650,00 денари со ДДВ, како и наменски ракавици за сообраќајна полиција кои ќе бидат испорачани до крајот на октомври во вредност од 552.851,80 денари со ДДВ“, потенцираат од МВР.
Постапките за набавка на 7.000 пара високи специјални чизми и исто толку џемпери, моментално се во фаза на евалуација и доколку биде извршен избор, договори за испорака ќе се склучат до крајот на годината. Во тек е и постапката за набавка на летни, зимски и свечени чевли (21.000 пара), опасачи, 7.000 комплети теренска униформа, свечени униформи, амблеми и ознаки на чинови, униформи за Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и Посебната единица за поддршка (ПЕП), како и работно-заштитна облека за работниците во специјални служби.
„Со цел да се задоволат итните потреби од основна униформа на 1.200 нововработени припадници на полиција, кои поради недостиг од униформа ја користат работната униформа од обуките, во итна постапка се набавени по 1.200 пара маици со кратки ракави, кошули, кратки јакни, вратоврски, и во секој момент се чека испорака на чевли и опасачи, по што истата ќе биде поделена на нововработените полицајци. Вредноста на оваа набавка изнесува 14.000.000 денари со ДДВ“, велат од МВР. Сите набавки се планирани со однапред обезбедени средства од Буџетот на МВР за 2018 година, и се спроведени во првите шест месеци, а согласно со Планот за јавни набавки ќе продолжат и во следните месеци.
Подобри услови, подобра услуга
Покрај набавките на униформи, МВР соопшти дека од минатата година интензивно се работело на реконструкција и санација на голем број објекти, со цел подобрување на условите за работа на вработените. Реконструкција и обновување на ресурсите за работа била извршена во Управните служби во Куманово, полициското одделение во Јегуновце, полициската станица во Ѓорче Петров, Железничкот граничен премин во Гевгелија и полициската станица од општа надележност во Струга. Годинава, по пат на отвoрена постапка со критериум за доделување на договор најниска цена, бил склучен договор за јавна набавка „Услуги за тековно одржување на објекти на МВР, УБК, ЦПС, БЈБ и гранична полиција на цела територија на Република Македонија со изведба на градежни, градежно-занаетчиски, инсталатерски и други работи“. По склучување на договорот веќе се започнати градежни активности во неколку сектори за внатрешни работи: во Битола, Велес, Галате, Зајас, Кичево, Драчево, во Касарната Ѓорче Петров (ЕБР), во МТВ (Управни служби), во Центарот за обука Идризово и во СВР Скопје.