МВР распиша меѓународна потерница по Грујевски и Бошковски
27 јули 2017Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека распишало меѓународна потерница за Г.Г. и Н.Б. Зад овие иницијали се имињата на поранешниот началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошковски.
МВР во соопштението објаснува со каква „динамика“ стигнале наредбите за спроведување на обвинетите во притвор, и какви активности биле преземени потоа.
„Вчера, 26 јули 2017 година, во 21 часот Апелацискиот суд во Скопје до МВР достави наредби за спроведување на Г. Г. и Н. Б. во Истражниот затвор Скопје. Иако телефонски Судот во 17 часот го извести МВР дека ќе бидат испратени наредбите, тоа се случи дури во 21 часот, кога МВР можеше да постапи согласно своите законски овластувања“, се вели во соопштението.
МВР веднаш распишало национална потерница, со која биле спроведени активности за приведување на осомничените.
„Tимовите на Министерството извршија проверка на објектите на адресите кои се пријавени како места на живеење на осомничените и проверки на повеќе локации на територијата на Република Македонија, поточно во Скопје, Велес и Охрид, за кои имаше оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење. Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, МВР, согласно законските надлежности, побара од Судот согласност за распишување на меѓународна потерница и по наредба на Судот веќе е распишана меѓународна потерница за Г.Г. и Н.Б.“, соопшти МВР.
Засега нема информации дали илегално ја напуштиле Македонија, а не може да се лоцираат според сигналот на мобилните телефони, затоа што ги оставиле во нивните домови.
Грујевски и Бошковски се дел од обвинетите во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ за незаконско следење на комуникациите на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР, како и за уништување на дел од опремата со кое било сторено кривичното дело. Специјалното јавно обвинителство до Судот доставило огромен број докази што укажуваат зошто е неопходно обезбедување на присуство на овие обвинети во кривичната постапка по повеќе основи, меѓу кои, најмногу заради вршење влијание врз сведоците.