1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

Две историски номинации за Оскар

СН/агенции
13 јануари 2020

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ е номиниран во две категории за најпрестижните филмски награди во светот: најдобар документарен филм и најдобар интернационален филм.

https://p.dw.com/p/3W8S8
Nord-Mazedonien l Dokumentarfilm, Filmemacher des "Land des Honigs"
Фотографија: Petr Stojanovski

Не една, туку две посебни причини ќе имаат македонските вљубеници во филмот со нетрпение да го очекуваат годинешното 92. доделување на  филмските награди- Оскар. Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ќе биде во најтесната конкуренција за освојување на две од најпрестижните златни статуетки во филмската индустрија.

„Медена земја“, како што беше соопштено денеска, на 10 февруари во Долби театарот во Лос Анѓелес ќе биде во трката за најдобар документарен филм со уште четири кандидати: „Пештерата“, „Американска фабрика“, „За Сама“ и „Работ на демократијата“.

Македонскиот филм е номиниран и во категоријата најдобар меѓународен филм заедно со „ Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.

Повеќе: 

-„Медена земја“ во битка за европски Оскар - германските критичари одушевени

-„Медена земја“ ја одушеви американската критика

-Поместуваат граници, освојуват врвови: успешните во 2019!

Nord-Mazedonien l Dokumentarfilm, Filmemacher des "Land des Honigs"
Фотографија: Petr Stojanovski

Освојувачот на наградата за најдобар документарен филм на фестивалот Санденс но и на повеќе од 40 други признанија со двојната номинација за Оскар испиша историја за македонскиот филм. Досега филмот „Пред дождот “ на Милчо Манчевски беше единствениот македонски филм некогаш номиниран за Оскарот во категоријата за најдобар странски филм во 1995 година. Номининација за наградата на Американската академија за филм, уметност и наука, но како југословенски кандидат, имаше и краткометражниот документарен филм на македонскиот режисер Столе Попов, „Дае“.

Досега меѓутоа остана само на номинации а сега „Медена земја“, која е примена одлично меѓу филмската критика и филмската индустрија особено во САД, има две шанси да ја освои златната статуетка.