1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По посетата на Меркел: ЕУ без визија за односите со Балканот

Обработка: Е.М. Фиданоска
15 септември 2021

Дали по заминувањето на Ангела Меркел ќе падне во втор план европерспективата на земјите од Балканот? Со ова прашање денеска се занимава печатот на германски јазик.

https://p.dw.com/p/40LxD
Albanien Bundeskanzlerin Merkel bei ihrem Abschiedsbesuch in Tirana
Фотографија: Ani Ruci/DW

„Многу луѓе на Балканот на крајот на ерата Меркел гледаат со измешани чувства. Зашто, на германската канцеларка во последниве децении се гледаше како на котва за малку стабилност и надеж. Како ќе биде без неа, е нејасно, а тоа ја зголемува несигурноста пред сѐ кај оние кои страдаа најмногу во војната пред 30 години. Расположението на населението во текот на нејзината последна посета се огледува во сликата претставена во многу медиуми, која, покрај сета критика, е дефинирана и со почит и симпатија. Нејзиниот позитивен имиџ е поврзан со тоа дека Меркел никогаш не се откажа од перспективата за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, иако не ѝ успеа да постигне пробив во тој дел“, пишува денеска весникот „Тагесцајтунг“, анализирајќи ја прошталната посета на германската канцеларка Ангела Меркел на Балканот.

Во коментарот на весникот, меѓу другото, се оценува дека тоа што Меркел отпатувала во регионот непосредно пред завршувањето на нејзиниот мандат, треба да се разбере „како опоменувачки гест за времето потоа: Гледајте кон овој регион! Зашто ЕУ предолго го вртеше погледот настрана, беше премногу зафатена самата со себе, а потоа дојде пандемијата“.

„Критичарите велат дека стратегијата на Меркел за траен дијалог пропаднала. Но, тие не наведуваат алтернативи. А, имаше и успеси, како планот за заеднички пазар, укинатиот роаминг, Срби кои се капат на албанската ривиера, што за многумина долго беше незамисливо. Берлинскиот процес мора да остане. Скромниот напредок и незадоволството во балканските земји, меѓутоа, покажуваат дека по рутинираните заложби за 'ЕУ-перспектива' мора да следуваат политички дела. Останува проблемот што одделни земји членки можат да го блокираат приклучувањето (на нови членки, н.з.), во случајот на Северна Македонија- Грција и Бугарија. Унијата мора веднаш да се зафати со промена на ваквите механизми“, оценува „Тагесцајтунг“.

Serbien | Angela Merkel und Aleksandar Vucic
Ангела Меркел и Александар Вучиќ на прес-конференција во Белград, 13.09.2021Фотографија: AFP/Getty Images

Со овој проблем се занимава и весникот „Зиддојче цајтунг“:

„Ентузијазмот за нови ЕУ-членки е намален - кај многу држави од ЕУ поради неспроведените реформи, а на Западниот Балкан поради долгото време на чекање на членство во ЕУ. Скептични кон прием на нови ЕУ-членки се пред сѐ Франција и Холандија. Во Србија, Вучиќ води тројна политика и притоа е отворен за членство во ЕУ, но истовремено негува и блиски односи со Русија и Кина. А, Албанија, втората станица на Меркел, во мандатот на премиерот Еди Рама одржува сѐ поблиски односи со Турција или Саудиска Арабија, на пример. Оттука, канцеларката во Белград опомена дека на Западниот Балкан 'има и влијание од многу други региони во светот', па затоа 'за нас е апсолутно од стратешки интерес да ги примиме овие земји во Европската унија'. Ако условите се исполнети, 'ЕУ мора да го одржи зборот', рече Меркел во Тирана по средбата со Рама. 'Независно од тоа како ќе завршат германските избори, секој нов германски канцелар ќе има срце за регионот', рече Меркел.“

Ваквите изјави и апел од Меркел не се доволни, оценува „Рајнише пост“:

„Тоа е премалку, па, и покрај сето ценење на нејзиниот ангажман од страна на нејзините партнери за разговор, нејзината посета останува поврзана со горчливото претчувство дека во пост-Меркел ерата проблемите и конфликтите повторно ќе се влошат.“

Bundeskanzlerin Angela Merkel in Albanien
Меркел заминува од функцијата - што ќе се случува со евроинтеграциите на Западниот Балкан?Фотографија: Pres Office. Albania Premiership

„Ноје цирхер цајтунг“ констатира дека „Западниот Балкан, како што се нарекуваат шесте аспиранти за ЕУ, никогаш не беше надворешнополитички приоритет на канцеларката“ и додава:

„Но за регионот никогаш не ѝ беше сеедно. Дури и на врвот на грчката должничка криза во 2015 година, Меркел најде време за патување во Белград, Сараево и Тирана. А, за приклучување на Хрватска во ЕУ, последната земја која се приклучи во 2013 година, таа се ангажираше и лично. Оттогаш речиси нема напредок. Берлин официјално сѐ уште дава поддршка за далечната цел - приклучување. Меркел во понеделникот во Белград изјави дека приемот на овие земји е апсолутна геостратешка цел. Но, остварувањето во догледно време е илузија. Тоа никаде не е толку јасно како на примерот на Северна Македонија. Дури и промената на името, со која беше ставен крај на деценискиот спор со Грција, не донесе пробив. Сега почетокот на преговори за приклучување е блокиран од страна на Бугарија, поради спор околу заедничката историја. Но, зад Софија се кријат и други противници на проширувањето на Унијата, како Франција, Холандија или Данска.“

Весникот наведува дека и други играчи, како Кина, сакаат да го зголемат влијанието во регионот, па „Меркел во 2014 година го иницираше т.н. Берлински процес, со кој државите од Западниот Балкан требаше да останат врзани за ЕУ. Резултатите се скромни“, оценува „Ноје цирхер цајтунг“ и нагласува дека на германската канцеларка, како и на многумина во Европа, кога се зборува за регионот, најважно ѝ било да се одржи стабилноста:

„Но, големите прашања остануваат нерешени. Од страна на ЕУ водените преговори помеѓу Србија и Косово се тркалаат без резултати. На други места се забележува дури и назадување. Во Босна, а последно и во Црна Гора, етничките разлики се злоупотребуваат за политички игри на моќ. Пролетта дури се појави и анонимен предлог за промена на границите според етнички критериуми.“

Последниот дел од анализата во овој весник е посветен на германските инвестиции и стопанската соработка со регионот:

„Од регионот повеќе се одлеваат отколку што се влеваат ресурси, вели Душан Рељиќ од фондацијата Наука и политика. 70 проценти од надворешната трговија на Западниот Балкан се одвиваат со ЕУ, а најголемиот дел од тоа со Германија и Италија. Кумулираниот дефицит во трговскиот биланс на шесте држави со ЕУ изнесува речиси 100 милијарди евра во последната деценија. Тука треба да се додадат и десетиците илјади луѓе кои секоја година го напуштаат Западен Балкан во насока на западна Европа. Иселувањето на млади, квалификувани граѓани, претставува најголем предизвик за регионот.“

Оценката на „Ноје цирхер цајтунг“ на крајот од долгиот текст посветен на резултатите од ерата Меркел во врска со Западниот Балкан, гласи:

„Западниот Балкан е структурно запоставен остров, опкружен од држави од ЕУ, за чиј иден однос со Унијата немаат стратешка визија ниту Брисел ниту Берлин. Посетата на Меркел реализирана непосредно пред завршувањето на нејзиниот мандат тука ништо не менува.“