Меркел: Да се спаси договорот со Иран, без САД
11 мај 2018Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп - САД да се повлечат од Нуклеарниот договор со Иран е причина за загриженост и за жалење, со неа се повредува довербата во меѓународниот поредок, изјави германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Минстер. Според неа, не е во ред еднострано да се напушти едногласно усвоена спогодба во ОН.
Спорната одлука на Вашингтон го доведува во криза мултилатеризмот, истакна Меркел: „Ако секој го прави она што ќе посака, тогаш тоа претставува испраќање лоша порака во светот“. Меркел истовремено ја истакна својата натамошна посветеност на зачувување на трансатланското партнерство, зашто меѓународната соработка има поголемо значење отколку кога било досега.
Повеќе:
Зошто одлуката на Трамп за Иран е фијаско за Кореја
Иран: предвидлив чекор, непредвидливи последици
Американскиот претседатаел Доналд Трамп во вторникот го објави напуштањето на Договорот за атомската програма на Иран од страна на САД. Германија, Велика Британија и Франција најавија натамошно придржување кон спогодбата.
Германската канцеларка Ангела Меркел за темата Иран денеска извршила консултации со рускиот претседател Владимир Путин, пред нивната средба идната недела. Двајцата државници во телефонскиот разговор биле согласни во ставот дека Атомскиот договор со Иран треба да опстане, без оглед на одлуката на Вашингтон, беше соопштено денеска од Кремљ. Разговорот се водел на германска инцијатива. Меркел идниот петок патува во Сочи на средба со рускиот претседател.