1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел „купи“ рок од уште две недели за азилот

ЖА / агенции
18 јуни 2018

„Крахот“ меѓу ЦДУ и ЦСУ засега е избегнат - германскиот министер за внатрешни работи на канцеларката ѝ даде уште две недели рок за постигнување европско решение во спорот околу азилот.

https://p.dw.com/p/2zmdZ
CDU-Bundesvorstand
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Христијанско социјалната унија делумно ѝ излезе во пресрет на канцеларката Ангела Меркел во интерниот владин спор околу азилот  и се согласи спорното враќање на бегалци на границите да се воведе чекор по чекор. Сојузниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер од ЦСУ прифаќа првично од германските граници да бидат враќани само барателите на азил кои веќе имаат забрана за повторно влегување во Германија.

Портпаролка на Министерството за внатрешни работи објасни дека овие луѓе досега сепак можеле да влегуваат во Германија, а теоретски можат да завршат во безбедносен притвор додека не биде донесена дефинитивна одлука за нивната апликација за азил.

Зехофер истовремено ѝ даде рок на канцеларката до крајот на јуни за да се избори за европско решение во бегалскиот спор.Раководството на ЦСУ едногласно го одобрило соодветниот предлог на Зехофер. Ако до завршувањето на самитот на ЕУ на крајот на јуни не биде постигната согласност со европските партнери, би требало да се почне со опсежно враќање на мигранти на границите на Германија.

Deutschland München Ankunft von Asylsuchenden Poster Merkel
Проблемот со бегалците упорно ја следи Меркел- еден азилант со фотографија на канцеларкатаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Меркел, според ДПА, го прифаќа рокот од две недели, а на 1. јули, по ЕУ-самитот, ќе го информира раководството на ЦДУ околу преговорите со земјите најсилно погодени од притисокот на мигранти, на пример Италија.

Врвот на ЦДУ демонстрирал цврста поддршка за канцеларката, која истакнала: „Начинот на кој постапува Германија е решавачки за единството на Европа“.

Од минатата недела меѓу владините коалициони партнери ЦДУ и ЦСУ беснее жестока начелна кавга. Зехофер инсистира бегалците кои веќе се регистрирани во некоја друга земја од ЕУ, да бидат враќани уште на германските граници. Меркел тоа го одбива и инсистира на европски договор. Партиските раководства на ЦДУ и на ЦСУ денеска одржаа одделни седници заради носење одлука околу идните чекори во спорот, кој се заканува да ја собори владата.

Дневниот весник „Ди велт“, повикувајќи се на високорангирани ЕУ-дипломати, објави дека Меркел планира вонредна средба со Италија, Австрија и неколку други држави во пресрет на ЕУ-самитот на крајот на јуни. На неа би требало да бидат продискутирани комплексни мерки во борбата против илегалното доселување. Конкретно, меѓу другото станува збор и за значајно проширување на компетенциите на ЕУ-граничната служба Фронтекс и јакнење на соработката со трети држави. 

Според една анкета на Институтот за истражување на јавното мислење Циви, ЦСУ има мнозинска поддршка од граѓаните во својот непопустлив став во спорот околу азилот. Речиси 71 процент од Баварците претпочитаат распад на големата коалиција во Берлин, ако ЦСУ не успее да се пробие со своето барање за враќање на бегалците на германските граници.