1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: нема промена на границите на Западниот Балкан

БГ
14 август 2018

Германската канцеларка вчера го повтори ставот дека нејзината земја нема да дозволи промена на границите на Балканот. Меркел реагира на изјавите на српски и косовски претставници кои заговараат размена на територии.

https://p.dw.com/p/337Dw
Merkel trifft Zvizdic in Berlin
Фотографија: picture-alliance/A.Hosbas

„Територијалниот интегритет на Западниот Балкан е дефиниран и не е тема за преговори“, порача германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот од Берлин. Меркел разговараше со премиерот на БиХ, Денис Звиздиќ кому му вети поддршка за европската интеграција на земјата.

Темата за промена на границите на Балканот повторно се актуелизира во последниот период откако највисоките државни претставници на Србија и Косово отворено почнаа да лицитираат со размена на територии меѓу двете држави.

„Мораме да го повторуваме ова, затоа што одвреме навреме се случуваат обиди да се разговара за границите. Не можеме да го правиме тоа“, рече Меркел.

Меркел против промена на границите на Балканот

Српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ веќе извесно време отворено изнесуваат идеи за поделба на Косово. Според нивните сценарија, една од можните опции е северниот дел на Косово, мнозински населен со Срби, да се врати во границите на Србија.

На овие идеи возврати косовскиот претседател Хашим Тачи кој пак го проблематизираше јужниот дел на Србија мнозински населен со етнички Албанци. Според Тачи, Прешевската долина во иднина треба да биде дел од Косово. Тој тврди дека не се залага за поделба по етнички линии туку за „корекција на границите“.

Српскиот министер за надворешни работи Дачиќ на крајот на минатата недела изјави дека предлогот за разграничување со Косово е одраз на желбата да се пронајде компромисно решение за Косово и истото не треба да се толкува како слабост. Тој ги обвини оние кои се против таквото решение за лицемерие.
„Како не им е срам да говорат дека нема промена на границите, оние кои не бомбардираа за да ги урнат нашите граници? Како не ви е срам, лицемери? Тоа важи и за Македонија која ја призна независноста на Косово и вели дека сега нема промена на границите“, рече Дачиќ на заедничката прес-конференција со портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Меркел им порача на сите земји од Западниот Балкан дека имаат перспектива во ЕУ.