1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Пандемијата е катастрофа на векот!

21 јануари 2021

Бројот на новоинфицирани со коронавирус во Германија се намалува, а локдаунот сепак е продолжен. Канцеларката Меркел денеска во Берлин го бранеше овој курс.

https://p.dw.com/p/3oEeI
Deutschland Coronapandemie Pressekonferenz Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture-alliance

Канцеларката денеска, точно во 11 часот, на прес-конференцијата во Берлин се појави исклучително релаксирана и мирна, како секогаш. Средбата со новинарите, закажана краткорочно, е со тема: „Актуелна состојба“. А, тоа во овие недели и месеци значи - корона. На прес-конференцијата дојдоа помалку новинари од вообичаено, зашто поради пандемијата во салата мора да има празни столови.

Меркел сака да разјасни некои работи. Од пандемијата и рестрикциите не страдаат само луѓето во Германија. Речиси секојдневно има нови барања за рестрикции или отворања, зависно од барателот или ситуацијата. Многу луѓе во земјата одамна имаат загубено преглед на состојбата. Очигледно е: Меркел помалку им се обраќа на претставниците на печатот, а повеќе на народот. На пример, кога потсети на дневните бројки на починати, на кои не сака да се навикне: „Тоа е страшно. Само денеска над илјада луѓе. Тоа не е само бројки, тоа се луѓе кои починале осамени. Тоа се судбини, семејства кои тагуваат по нив.“

Deutschland Coronapandemie Pressekonferenz Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture-alliance

Меркел апелира уште еднаш за заедничка борба против коронавирусот. „Оваа пандемија е катастрофа на векот во смисла на природна катастрофа. Оваа пандемија од сите, со право, се чувствува како товар. Би било чудо кога трпението не би било ставено на екстремно голем тест и ние сме свесни за тоа.“

Повеќе:

Германија останува во локдаун: Издржете... до лето

Ангела Меркел: Претстои најтешката фаза на Ковид - пандемијата

Дали Меркел е виновна за бавното вакцинирање?

Од Канцлерамтот во последно време доаѓаа вознемирувачки информации, па и тоа е сигурно една од причините зошто Меркел сега се појавува на прес-коференција. Жал и' е, како што се слушна, што секогаш таа мора да ги пренесува лошите вести во врска со коронавирусот. Бројот на новоинфицирани е се' уште висок, иако во последните денови се бележи благ пад. Училиштата и градинките се затворени, рестораните и баровите не работат одамна, има строги рестрикции на контакти меѓу луѓето. Дел од новинарите во Германија пишуваат дека сето тоа биле идеи на канцеларката. Почетокот на вакцинирањето оди бавно. Меркел секојдневно се занимава со стравот дека опасна мутација на вирусот би можела да се рашири и во Германија. А, дел од покраинските премиери бараат олабавување на мерките.

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Локдаунот во Германија е продолжен до средината на февруари, а за мерката во врска со училиштата и градинките се дебатирало долго и жестоко на средбата на канцеларката и покраинските премиери. „Не дозволувам да ми се прикачува став дека ги измачувам децата“, рекла Меркел во текот на повеќечасовната дискусија во вторникот.

Невообичени тонови од една жена која вообичаено е смирена и која владее со Германија речиси 16 години.

Прашана дали водела телефонски разговор со Бајден откако тој стапи на должност, канцеларката одговори со „не“. Но, повторното чекорење на САД кон Парискиот договор за климата и СЗО веќе и' буди оптимизам: „Со претседателот Бајден едноставно има многу поширок простор за политичка согласност“, изјави таа. Проблемот Доналд Трамп засега е минато. Пандемијата е доволно голем проблем. По речиси еден час Меркел се врати во Канцлерамтот. Нов термин - видеоконференција со ЕУ-партнерите. Тема, што друго, ако не корона!

Ковид-19: Долгиот пат на опоравување