1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Решавањето на спорот за името е позитивен пример

ЕМФ
1 јули 2019

Германската канцеларка Ангела Меркел на неколку дена пред самитот за Западен Балкан во Познањ, во своето видео-обраќање зборуваше за односите на ЕУ и регионот.

https://p.dw.com/p/3LNeA
EU-Gipfel | EU-Wahlen | Merkel
Фотографија: Reuters/P. van de Wouw

Состојбата на Балканот е мирна, но сепак треба да се надминат уште многу тензии и да се исполнат голем број критериуми за земјите од Западниот Балкан да ги исполнат условите за приклучување во ЕУ, оценува германската канцеларка Ангела Меркел во своето неделно видео-обраќање посветено на односите на ЕУ и Западниот Балкан пред одржувањето на конференцијата во Познањ, во четврток.

Патот е сѐ уште трнлив, оценува Меркел, но додава дека има и позитивни примери:

„На пример, решавањето на спорот за името на земјата која сега се вика Северна Македонија. Овој спор траеше со години и благодарение на политичката храброст на северномакедонскиот премиер Зоран Заев, како и на грчкиот премер Алексис Ципрас, се успеа во решавањето на овој конфликт, така што сега има перспектива за почеток на преговори и можен е прием во НАТО. Ваквиот позитивен пример треба да нѐ охрабри и за решавање на проблемите во Босна и Херцеговина или помеѓу Србија и Косово.“

Повеќе:

Меркел ќе стори сѐ за датум за ЕУ-преговори со С. Македонија во октомври

Меркел: Северна Македонија прави големи чекори напред

Пендаровски: „Северна Македонија нема План Б“

Во врска со сферите каде соработката со и меѓу земјите од Западен Балкан треба да биде конкретно поттикната со конференцијата во Познањ, германската канцеларка на прво место ја наведува инфраструктурата:

„ЕУ за таа цел стави на располагање значајни средства. Но, мора да ги поддржиме проектите на изградба на патишта и железнички пруги. Зашто, знаеме дека ако луѓето се поврзани со инфраструктура, тие се посетуваат почесто. Основавме и организација за младинска соработка во земјите на Западен Балкан. Ќе известиме за нејзината работа. И, ќе разговараме и за научната соработка, затоа што во меѓувреме потесно соработуваат и академиите на науки. Се разбира, ќе слушнеме и на  што имаат забелешки земјите од Западен Балкан, каде сакаат поголема соработка и ќе видиме како од страна на Европската унија да излеземе пресрет на ваквите молби и желби.“