Меркел опстојува на трансатлантската соработка
20 јули 2018Спор во владата околу мигрантската политика, закани со оставка на министерот за внатрешни работи, Зехофер и навреди од претседателот на САД, Доналд Трамп. Ангела Меркел на традиционалната пресконференција пред летниот одмор покажа дека дури ни сето ова не може да ја исфрли од такт. Таа со смирен тон час и половина одговараше на прашањата на новинарите за најважните теми во изминатиов период.
„Тонот во рамките на политичката дебата стана поостар и доведе до губење на довербата“, одговори Меркел на едно од бројните новинарски прашања, кое се однесуваше на судирот на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) со сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) од Баварија поради барањата на министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер од редовите на ЦСУ, за промени во политиката кон бегалците. Тоа предизвика повеќенеделна кавга меѓу партиите на Унијата која се закануваше дури и со нејзин распад.
„Се радувам на нова средба Трамп-Путин“
Што се однесува на актуелните надворешно-политички теми германската канцеларка на пресконференцијата нагласи дека трансатланските врски остануваат „централни“ за нејзината влада и покрај тензиите со американскиот претседател Доналд Трамп. Таа не одговори директно кога ја прашаа за односот со Трамп. Трамп често ја критикува Германија поради, според негово мислење, недоволно трошење на пари за војската и за планираниот гасовод „Северен тек 2“. Германската канцеларка рече оти „поредокот на кој се сите навикнати во моментов е под силен притисок“. Сепак, додаде дека трансатланската соработка, вклучувајќи ја и онаа со претседателот на САД, е „централна за Германија и ќе продолжи да ја одржува“. Меркел уште нагласи дека нема да се откаже од мултилатералниот пристап и оти и натаму е убедена дека соработката создава ситуации во кои сите победуваат. Таа ја оцени како позитивна поканата од американскиот претседател Доналд Трамп наесен во Вашингтон да дојде рускиот претседател Владимир Путин. „Се радувам на секој состанок во кој постои дијалог, посебно кога се во прашање овие две земји. Тоа е добра работа за целиот свет“, рече Меркел на минатогодишната конференција за новинар во Берлин. Според нејзините зборови, поканата на Трамп не е мала работа со оглед на тоа дека ниту еден руски претставник не ги посетил САД од 2005 година.
Поддршка за Црна Гора
Германската канцеларка потсети оти обврска на сите членки на НАТО е колективна одбрана во случај на напад на една членка и додаде дека е задоволна што е Црна Гора во Алијансата. Американскиот претседател Трамп во изјава за „Фокс Њуз“, емитувана во вторникот, ја доведе во прашање заедничката одбрана на членките на НАТО доколку една од нив е нападната. Тој рече дека „Црна Гора е многу мала земја со многу силни и агресивни луѓе“ чија агресивност може да предизвика Трета светска војна. Меркел денеска во Берлин потсети на Членот 5 од повелбата на НАТО за заедничка заштита и одбрана во случај на напад врз една членка, додавајќи оти тоа се однесува на сите членки во Алијансата „без разлика дали се мали или големи“ земји. Според нејзините зборови, Црна Гора вложила големи напори да влезе во НАТО. „Драго ми е што Црна Гора е член“, додаде таа. Црна Гора пролетта 2017 година стана 29 земја членка на НАТО.