1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меј може да го прекине апсурдниот театар

Бернд Ригерт
22 јануари 2019

Британската премиерка би требало да ѝ направи услуга на својата земја и да го прекине Брегзит-хаосот. Тереза Меј треба да го откаже излегувањето од ЕУ, а потоа да отвори простор за нови избори, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3BwTE
Symbolbild Brexit
Фотографија: picture-alliance/R. Pinney

Помина уште една недела од поразот на британската премиерка при гласањето во Долниот дом на парламентот. Ништо не е променето. Фактите кои се на маса остануваат исти. Планот Бкој Тереза Меј сакаше да го поднесе не постои. Нејзиниот план повеќе се состои во тоа да го подобри отфрлениот договор за развод од ЕУ. Некако, некаде, некогаш. Покрај тоа, трагично неуспешната Меј ниту има политичка сила ниту поддршка од парламентот во Вестминстер, а нема ни партнер за преговори во Брисел.

Европската унија и по новиот очаен настап на премиерката останува на својот став. Нема нови преговори за модалитетите на Брегзит, во најдобар случај можеби брзи разговори за некаква царинска унија по излегувањето од ЕУ. Работата е сосема заглавена. Никој веќе не ги разбира внатрешнополитичките сплетки и пушкарања во Велика Британија. Можеби британските партии ни самите не знаат што всушност сакаат да постигнат.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Тереза Меј треба да покаже големина

Часовникот неуморно отчукува. Ако не се случи ништо, Обединетото кралство на 29 март ќе се катапултира самото надвор до внатрешниот европски пазар, без заштитна мрежа и дупло дно. Последица од тоа ќе биде политички многу опасната „тврда“ граница помеѓу Република Ирска и Обединетото Кралство на ирскиот остров. Тоа не го сакаат ниту ЕУ ниту Ирците или Британците. Значи, што е излезот од овој темен ќорсокак со име Брегзит?

Со оглед на тоа што премиерката очигледно не е способна да спроведе договор за излез од ЕУ, таа би требало на својата земја (и на ЕУ) да им направи последна голема услуга и да ја запре постапката за излегување согласно членот 50 од ЕУ-договорот. Таа може да му стави крај на Брегзит-лудилото и тоа сосема легално, без парламентарна согласност. Тереза Меј мора само да напише писмо до Брисел и да побара враќање кон старата состојба пред иницирањето на постапката за напуштање на Унијата.

Излезете на избори

Потоа Велика Британија би го имала сето време на светот уште еднаш намира да размисли и да си разјасни каков излез од ЕУ всушност сака. Ако Англичаните, Велшаните, Шкотланѓаните и Северноирците постигнат согласност за начинот на кој сакаат да излезат од ЕУ и за тоа како да го обликуваат односот кон Европа, тогаш во секое време можат повторно да го активираат Членот 50. Но, дури тогаш.

Се разбира,Тереза Мејкако премиерка би била поразена, но таа и онака не сака да се кандидира за наредните парламентарни избори. Неопходни се нови избори за да се добие влада која е способна да дејствува и која има мнозинство во парламентот.

Новата влада, кога е јасно какви последици би имал Брегзит, би можела да дојде до заклучок дека е потребно уште еднаш да го праша народот директно за неговото мислење за членството во ЕУ. Тоа би бил трет референдум за ова прашање по 1975 и 2016. Во демократијата ништо не е неможно.

Тереза Меј е таа што треба да му стави крај на хаосот, да си замине од функцијата, но претходно да ги врати работите на претходна состојба. Запрете го Членот 50, госпоѓо Меј!

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија