Мигрантска криза: Долго чекање на иднината
28 август 20179:30 наутро пред најголемиот бегалски центар во Европа. Околу стотина мажи, жени и деца на сонце го чекаат автобусот кој секое утро вози за Минео. Ова мало гратче од бегалскиот центар е одалечено околу 10 километри. Автобусот, покрај велосипед, е единствена врска меѓу изолираниот бегалски камп и сицилијанското население.
Долго чекање на одлука за азил
Во поранешната воена база која сега служи како бегалски центар се сместени околу 2.900 баратели на азил. Во овие објекти порано биле сместени американски војници. Бодликавата жица останала околу базата. Единствениот влез во центарот и натаму го чуваат војници вооружени со автоматски пушки.
„Тука добиваме доволно храна и секој има своја соба“, вели Фабрис од Брегот на слоновата коска. Бегалците на располагање имаат и спортски терен. Да работат не смеат. Најголем проблем им е досадата. Фабрис пред 2 години преку Средоземното море дошол во Италија. Оттогаш уште чека одговор на барањето за азил. „Долгото чекање е тешко, но нам ништо друго не ни преостанува“, вели Фабрис и ги спушта рамената. „Сѐ додека не добијам документи во Италија не можам да започнам нов живот“, објаснува тој.
„Спас“ за муслиманите во католичка заедница
12 часот во црковната заедница Сант Егидио: Карамо Кеси, исто така знае што значи досада и добро ја поднесува. Пред да дознае дека смее да остане во Италија, Карамо година и половина живеел во бегалскиот камп во близината на Минео. Денеска во црквата во Катанија подготвува заеднички ручек. На менито е пилешко со ориз. „Африканците тоа со задоволство го јадат“, вели 23-годишниот Гамбиец. Кеси за католичката заедница првпат слушнал од учителот по италијански јазик во бегалскиот центар. Кеси е муслиман кој практикува верски обреди. Без разлика на тоа црковната заедница го примила со раширени раце. „За мене тоа беше спас“, вели тој.
Заедницата Сант Егидио во 2013 година почна да ги повикува бездомниците, старите луѓе и населението од средната класа на заеднички дневен ручек.
Оттогаш членовите на зедницата и мигрантите ја обновија разурнатата куќа покрај црквата. На средината на август црквата организираше тридневен летен камп за мигрантите од Сицилија.
Кеси бил еден од првите мигранти кој присуствувал на заедничкиот ручек и прославата во Катанија. „Заедницата многу ми помогна кога уште бев во бегалскиот центар и кога не знаев што ќе биде со мене“, вели Кеси. Во меѓувреме се вработил и изнајмил стан. Без разлика на тоа и натаму речиси секојдневно доаѓа во црквата. Семејството не го видел откако на 18 години ја напуштил Гамбија. „Сант Егидио е сега моето ново семејство“, раскажува.
Бројот на бегалците во опаѓање
16 часот на пристаништето на Катанија. Тука за мигрантите, како што се Кеси и Фабрис кои беа спасени на Средоземното море, почнува долгото чекање за иднината во Европа. Големите бели шатори на пристаништето се празни. До пред неколку недели припадниците на Фронтекс тука речиси секое утро земаа отисоци од прсти на новодојдените бегалци. Откако италијанската влада ја поддржува Либиската крајбрежна стража, бројот на мигранти во Италија значително се намали.
За Марк Ротун од УНХЦР тоа не укажува на можен крај на бегалската криза, бидејќи „оваа година дојде ист број на бегалци како и во мината година“. Италија направи напредок во згрижувањето на мигрантите. Ротуно смета дека ЕУ сноси одговорност за пронаоѓање решение за бегалската криза. Членките на ЕУ пред 2 години решија 39.600 бегалци од Италија да ги распоредат во други земји. Меѓутоа, нов покрив над глава досега најдоа само 8.000 бегалци. Кога другите земји од ЕУ би ги прифатиле бегалците, Италија во значителна мерка ќе биде растоварена, смета стручњакот од ОН.
Во тој случај Италија би имала капацитети да ги обработи барањата за азил кои се акумулирани во последните неколку години и би ја поттикнала интеграцијата на бегалците кои се веќе во земјата. „Тука апсолутно недостасува волја од другите држави“, вели Ротуно. „Некои одбиваат дури да примат и мал број бегалци.“ Сѐ додека не заврши спорот во ЕУ, на мигрантите кои во италијанските пристаништа наоѓаат безбедно тло, пред сѐ им е потребно едно - многу трпение.