Микеланџело - 450 години од смртта на универзалниот гениј
Сикстинската капела е светски позната. Тука може да се види и деталот од фреската „Создавање на човекот“, дело на Микеланџело, уметникот гениј. Тој почина во февруари, пред 450 години.
Ренесансен мултиталент
Уште за време на животот го нарекувале „божествен“. Неговата творечка сила е легендарна. Микеланџело Буонароти работел како опседнат. Тој бил сликар, архитект, вајар и поет. Негов проект е куполата на базиликата „Св. Петар“, а творец е и на фреските во Сикстинската капела. Господовиот показалец кон Адам важи за ремек дело во историјата на уметноста.
Уметник со магични раце
Микеланџело не бил убавец. Уште додека бил момче, негов колега сликар му нанесол наводно тешки повреди на лицето и го унаказил. Овој портрет на Јакопино дел Конте, насликан во 1535 година, го прикажува Микеланџело на 60-годишна возраст. Големиот уметник е инаку роден на 6 март 1475 година, во малото место Капрезе. Израснал кај каменорезец, затоа што мајка му не можела да се грижи за него.
Љубов кон мермер
Микеланџело рано почнал да покажува особен талент за обработка на камен. „Делото на Микаленаџело ја фрла во сенка славата на сите антички статуи“, констатира биографот на големиот уметник, Васари. Повторното откривање на антиката му дава печат на раното творештво на Микеланџело. „Пиета“ во Рим важи за прво негово генијално дело.
Уметничка ѕвезда
Микеланџело доаѓа во допир со идеалите на хуманизмот во дворецот на семејството Медичи во Фиренца, на крајот на 15. век, од каде и тргнале најважните импулси на развојот на ренесансата. Микеланџело таму среќава поети и уметници. Немал ни 25 години, а веќе бил славен поради неговите дела.
Убавец во бело
Во септември 1504-та низ Фиренца е транспортирана огромна мермерна скулптура. „Давид“ е симбол на слободата на републиката и на културната метропола Фиренца. Таа е отелотворение на сонот за новиот човек и за крај на мрачниот среден век. Денес во Фиренца има само копија на „Давид“. Оригиналот, кој е во Академијата на уметности во Фиренца, не смее да стои на отворено поради атмосферските влијанија.
Легендарен темперамент
Во 1518 година Миленаџело добива задача да ја обнови фасадата на базиликата „Св. Лоренцо“. Неговите планови предвидувале комбинирање на архитектурата и скулпторството. Но откако дознал дека поради политички причини својот мермер веќе не може да го набавува во Карара, бесно го отфрлил налогот на семејството Медичи.
Мајстор за движење
Движењето е мотив кој се провлекува низ целокупниот опус на Микеланџело. Своите идеи за движење мајсторот неуморно ги пренесувал на хартија, но и на камен, како што го покажува и овој пример.
Натчовечки напор
Своето чувство за простор и движење Микеланџело го пренесува и врз своето можеби најпознато дело - фреската во Сикстинската капела. Сликањето на таванот (околу илјада метри квадратни) траело над четири години. Тоа било особено напорна работа, затоа што техниката на сликање фрески бара брзина и прецизност. Боите мора да се нанесуваат свежи, оттука и името Фреско. Дополнителни корекции не се можни.
Грандиозна композиција
Микеланџелот на таванот насликал фигури кои се големи по четири метри, за тие да можат да бидат видливи и од далечина. Мајсторот не бил задоволен само со композицијата на Потопот, затоа што фигурите, според негово мислење, излегле премали. Господ е прикажан во човечко издание.
Идеална купола
Папата Јулиј втори му помогнал на Микеланџело да стане дефинитивно уметнички бесмртен. Освен со сликањето на Сикстинската капела, тој го задолжил големиот мајстор и со довршувањето на најпознатата црква во светот. Куполата на базиликата „Св. Петар“ во Рим е последното големо дело на Микеланџело Буонароти, на која работел последните 19 години од својот живот. Починал на 18 февруари 1564 година.