1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои имиња се најдоа на листата на Каракачанов?

ДТЗ
11 март 2021

Бугарскиот вицепремиер објави список на пратеници и фунционери на ВМРО-ДПМНЕ кои добиле бугарски документи. Посочените тврдат дека станува збор за „масло на Заев“ 

https://p.dw.com/p/3qTi2
Bulgarien Verteidigungsminister Krasimir Karakachanov
Фотографија: BGNES

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов објави список на 17 „интересни имиња“, на македонски граѓани коишто имаат право да гласаат на парламентарните избори во Бугарија, врз основа на стекнато државјанство, а коишто се совпаѓаат со имиња на пратеници и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. На листата која што ја објави Каракачанов се најдоа имињата на Александар Николоски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, коишто, се тврди дека се запишани на адреси во Ќустендил и Благоевград. Каракачанов ги повикува „луѓето на списоците да гласаат со гласачкото ливче број 1 за вистинската ВМРО“. Посочените на листата ги демантираа обвинувањата и тврдат дека станува збор „масло на Зоран Заев“.

Ескалација на тензиите

Тензиите околу бугарските пасоши, кои беа актуелни изминатиов период, изутринава ескалираа откако Карачанов на Фејсбук објави дека над 120.000 граѓани на Република Северна Македонија во својство на бугарски граѓани ќе имаат право на глас на претстојните парламентарни избори. Избирачките списоци, во кои се запишани сите бугарски граѓани, се информации од јавен карактер и секоја бугарска општина е обврзана со закон да ги рекламира, физички и преку Интернет, сите оние кои имаат право на глас – живеат на нејзина територија.

Deutschland Bulgarien Symbolbild Doppelte Staatsbürgerschaft Reisepass
Карачанов на Фејсбук објави дека над 120.000 граѓани на Република Северна Македонија во својство на бугарски граѓани ќе имаат право на глас на претстојните парламентарни избориФотографија: Fotolia/babimu

„Деновиве ‘копав’ по веб-страниците на бугарските општини и доволно е да се погледне објавениот список на избирачи за да се најдат многу интересни имиња, сите луѓе од Македонија, кои стекнаа бугарско државјанство врз основа на декларираното бугарско потекло и се идентификуваа како етнички Бугари“, се вели во објавата на Каракачанов.

-повеќе на темата: Имаат ли македонските политичари резервна држава?

Меѓу случајните имиња на кои Каракачанов тврди дека наишол се, на пример: Александар Николоски – запишан во областа Средец – Софија, Антонио Милошоски – во областа Вазараждане – Софија, Никола Мицевски – Ќустендил, Стефан Андоновски – Ќустендил, Марија Андоновска – Благоевград, Љупчо Димовски – Ќустендил, Бојан Стојановски – Благоевград, Иван Јорданов – Ќустендил, Игор Здравковски – Ќустендил, Марија Петрушевска – Средец, Дајанчо Ефтимов – Благоевград, Здравко Трајанов – Благоевград, Александар Пандов – Средец, Петар Богојески – Обориште, Филип Петровски – Средец, Стевица Јанева – Петрич, Тало Груевски – Благоевград.

„Има многу други, но секој што сака може да провери за себе и за кое било друго лице, без оглед дали е од Македонија или не. Секој исто така може да провери кои се лицата за кои станува збор. Се разбира, секое совпаѓање на имиња со луѓе кои заземаат водечки политички и јавни функции во Македонија може да биде случајно. Меѓутоа, ако не е случајно и ако овие луѓе се оние на кои мислам, се надевам дека и ова е во ред“, посочува Каракачанов.

-повеќе на темата: Стан на улицата „Леге“ во Софија е „дом“ на 45.000 Македонци со бугарски пасоши

Тој во објавата вели дека сака да верува дека повеќе не е кривично дело против „македонската чест“ ако македонски политичар, јавна личност или близок роднина на крв се изјасни слободно и како етнички Бугарин без да биде навреден или исмеван заради тоа. „Знам дека на многумина не им е лесно јавно да се откриваат и рекламираат како Бугари, но знам и затоа што некои од нив ги познавам лично, дека тајно ја сакаат Мајка Бугарија и сонуваат, како што рече големиот водач на ВМРО Тодор Александров, ‘обединување на целото бугарско племе’“, вели бугарскиот вицепремиер. 
Освен право на глас, Каракачанов додава дека „сите овие ‘истакнати’ македонски Бугари, како и другите над 120.000 бугарски државјани во Македонија, имаат право на бесплатна вакцинација против Ковид-19, како и еднаков пристап до здравствениот систем на Бугарија и целата ЕУ. Според него, ова е вистинска солидарност на татковината Бугарија кон нејзините бројни граѓани – Бугари кои живеат и во Македонија и низ целиот свет. „Ги повикувам луѓето на списоците, не само оние наведени погоре, да гласаат со гласачкото ливче број 1 за вистинската ВМРО!“, вели Каракачанов.

Реакции за списокот

Посочените политичари коишто се најдоа на списокот на Каракачанов демантираат дека имаат бугарски државјанства и обвинуваат дека станува збор за „масло на Зоран Заев“. „Не е точно дека пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ имаат лични карти и државјанства на Република Бугарија, изјави за „Сакамдакажам“ Никола Мицевски, координатор на пратеничката група откако вицепремиерот на Бугарија и министер за одбрана Красимир Каракачанов на Фејсбук профил објави список на имиња какви што имаат високи вмровски функционерикои се запишани на избирачките списоци.
Мицевски вели дека ова е масло на македонската Влада на Зоран Заев за да ги скрие скандалите со вакцините и пописот и најавува дека партијата ќе реагира со соопштение, а не секој од наведените имиња поединечно.

-повеќе на темата: Со 800 евра до бугарски пасош

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ниту еден од посочените функционери нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест. „Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја“, се вели во реакцијата. 
СДСМ, пак, верува дека овие имиња се совпаѓаат со тие на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на избирачкиот список за гласање на парламентарните избори во Бугарија на 1 април. „Не е проблем што половина раководство и пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ, од Антонио Милошоски до Бојан Стојановски, Александар Николовски, потпишале изјава дека се бугарски производ и земале бугарско државјанство. Проблем е што глумат загрижени и поголеми македонци од нас, кои немаме резервна татковина, за разлика од нив!“, објави Коста Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.