Заев, Рама и Вучиќ во регионална офанзива!
29 јули 2021Ако за две години дојдеме дотаму да немаме граници меѓу нас и камионите и возилата да можат слободно да поминуваат, тогаш ми се чини дека сме постигнале нешто за кое мечтавме. Не сум сигурен колку сите ќе бидат пресреќни поради тоа во светот и Европа, но ние ќе бидеме среќни, порача синоќа од Скопје претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата и разговорите со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама.
Вучиќ и Рама се во дводневна посета на Скопје, по повод главниот настан што ќе се одржи денеска во соработка со стопанските комори: Економски форум за регионална соработка. Форумот веќе го доби епитетот „настан од исклучително значење“, во време кога земјите се соочуваат со бавен напредок или одложување на нивното пристапување кон ЕУ. Денеска ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега неформално беше нарекувана „Мал Шенген“, според урнекот за слободно движење во рамките на ЕУ.
„Соработката помеѓу нашите три држави на граѓаните им носи огромни придобивки, а ќе најавиме нови иницијативи, ќе го објавиме името на овој нов балкански развој и ќе ја интензивираме соработката со потпишување на три договори од заеднички интерес“, најави премиерот Заев.
Тој во разговор за босански „Аваз“ изјавил дека Северна Македонија, Србија и Албанија во оваа инцијатива од самиот почеток се отворени и за сите други држави од Западен Балкан.
Повеќе:
Заев, Рама и Вучиќ со зајакната регионална соработка ќе се приближуваат кон ЕУ
Има ли Западен Балкан потреба од „Мини Шенген“?
Мини Шенген: Прв чекор до Балкан без граници
Заштеда за стопанствата
Вучиќ е уверен дека регионалната соработка ќе помогне да расте трговската размена, и смета дека ако се намалат оперативните трошоци - стопанствата може да се заштедат од стотина милиони до една милијарда евра.
„Одлично се разбираме, гледаме што можеме заеднички да направиме. Дo 15-ти октомври министрите ќе мора да исполнат одредени обрски по прашањето на договорот од Скопје. Пред крајот на годината ќе видите многу од тоа“, најави Вучиќ за српски медиуми.
Соговорниците имаат заеднички планови за развој на зелената агенда, идеи како да ја искористат индустријализацијата на своите земји за да привлечат поголем број инвеститори во единствен пазар на трудот, што ќе ги зајакне националните економии и ќе обезбеди подобар животен стандард на граѓаните. За тоа ќе се говори на Форумот на кој ќе бидат присутни претставници на повеќе од 300 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија и други земји од регионот, како и претставници на меѓународни институции. Само од Србија на Економскиот форум ќе учествуваат 217 компании.
„Ако сакаме да привлечеме компании, мора да сфатиме дека ни треба повеќе работна сила. Веќе сега немаме занаетчии. Немаме бравари, дрводелци, водоинсталтери, и мора да наоѓаме нови патишта. Со обединување на пазарите можеме да ги надоместиме тие недостатоци“, смета Вучиќ.
Лидерите на трите земји ќе имаат свои обраќања, а потоа ќе учествуваат на економскиот панел, на кој за новата иницијатива и за непосредните придобивки од неа ќе разменат мислења претставниците на деловните заедници од Албанија, Србија и Северна Македонија. На посебен церемонијален дел од програмата на Форумот, ќе бидат потпишани два меморандуми за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата.
Едниот се однесува на побрз проток на стоки и услуги меѓу трите земји, другиот за заедничко дејствување по прашањето на природните катастрофи, а третиот за создавање единствен пазар на труд, што подразбира укинување на работните дозволи.
„Тоа значи дека тој што работи во Белград, ќе може да работи и во Скопје и Тирана и обратно“, објасни српскиот претседател.
Економскиот форум денеска ќе заврши со прес-конференција на лидерите на која ќе бидат соопштени придобивките од Форумот, како и плановите за идните иницијативи.
Прошетка низ центарот на Скопје
Вчера попладне Заев, Вучиќ и Рама во придружба на скопскиот градоначалник направија прошетка по реновираната улица на кејот на Вардар во центарот на Скопје. Прошетката продолжи со пиење кафе, а заврши со дегустација на печена пченка купена од уличните продавачи на скопскиот плоштад.
„Му благодарам на градоначалникот Петре Шилегов што ни беше домаќин на прошетката низ Скопје во пресрет на првиот Економски форум за регионална соработка. Со претседателот Вучиќ и премиерот Рама имавме прилика да го видиме новиот кеј покрај Вардар и со гордост можам да кажам дека се согласивме дека Скопје навистина е една поинаква приказна", напиша Заев на Фејсбук.
Градоначалникот на Скопје на Рама и Вучиќ им подари маички со стилизиран мотив од Скопје.