Минималната плата отвори апетит - сите бараат повисока плата
9 февруари 2022По договорот за зголемување на минималната плата во Северна Македонија на 18.000 денари од април годинава, синдикатите бараат скалесто зголемување на платите, а во спротивно дел од нив се заканија со штрајк. Незадоволство изразија од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), а денеска реагираше и Синдикатот на УПОЗ, кој предупреди дека ако до април не се реши проблемот со скалестото зголемување на платите, ќе има протести или штрајк.
Синдикатот на УПОЗ упати до Владата барање заедно со измената на Законот за минимална плата во скратена постапка да се направат измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството. „Со новите измени со кои минималецот ќе стигне до 18.000 дури четири категории работници ќе стигнат до оваа сума што ќе предизвика крах во системот на плати. Доколку тоа не се случи цела група вработени во администрацијата ќе се изедначат со минималната плата“, велат од УПОЗ.
Барања и незадоволство
Тие бараат вредноста на минималната плата да биде земена како основна плата и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво. На овој начин ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и за прв пат во историјата ќе има усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството.
И опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да има раст на останатите плати, а не само на минималецот. Партијата најави дека ќе поднесат амандмани на Законот за минимална плата. „ВМРО – ДПМНЕ најавува амандманска интервенција на овој закон со цел да не се дозволи урамниловка односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места. Токму затоа како пратеничка група ќе бараме усогласување на Колективните договори со новата минимална плата од 18 илјади денари“, велат од партијата.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ биле против Законот за минималната плата, а станале „за” кога социјалните партнери постигнаа договор. На опозициската партија, која најави амандманска интервенција и порача дека најпрво треба да одговори дали биле „за” минимална плата и дали го блокирале цела година во Собранието законот за трансформирање на работниот однос на 4.700 наставници од определено на неопределено време.
Законот за минимална плата утре е на дневен ред во Собрание. Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) порачаа оти очекуваат пратениците едногласно да го поддржат минималецот од 18.000 денари. И тие стојат зад барањето за скалесто зголемување на платите, а ваквиот став сакаат да го образложат и пред пратениците.
Владата, синдикатите и работодавците на 4 февруари 2022 година постигнаа договор за зголемување на минималната плата од 15.200 на 18.000 денари, со тоа што дел од придонесите треба да ги субвенционира државата. Договорена е и нова методологија за усогласување на минималната плата.