Кој ќе ги напушти министерските фотелји во Владата?
17 ноември 2021По најавата дека ќе има реконструкција на Владата, актуелните министри во неизвесност ја чекаат одлуката на премиерот Зоран Заев кој треба да пресече кој ќе остане, а кој ќе замине од сегашните министерски фотељи. Најавите се дека владиниот кабинет ќе се освежи со неколку нови имиња, откако минатата недела пропадна иницијативата на опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ за гласање доверба на Владата.
Поради меѓукоалициските несогласувања, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа од редовите на Беса, како и двајца заменици министри од партијата одлучија да поднесат оставки, по што се испразнија овие места во Владата. Но, во меѓувреме се најавуваат и нови смени, коишто ќе треба да ја зајакнат Владата пред сериозните предизвици со кои што ќе треба да се соочи земјата во наредниот период - пандемијата, енергетската криза, како и решавањето на спорот со Бугарија, со цел што поскора интеграција во ЕУ.
Филипче не се оптоварува
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека не се оптоварува со тоа дали ќе биде меѓу министрите што евентуално ќе бидат сменети во наредниот период. „Треба да работи и да остане да работи тој што се пронаоѓа себе си во министерската работа без разлика за кој ресор е, тој кој покажал резултати“, вели Филипче, додавајќи дека е фокусиран на менаџирањето на пандемијата.
И министерката за образование, Мила Царовска, денеска одговараше на новинарските прашања дали очекува да остане на функцијат. Царовска вели дека сѐ додека е во мандатот доверен од премиерот, ќе ги извршува дневно активностите, имплементирајќи ги сите започнати реформи, како и дека мандаторот носи одлуки во интерес на граѓаните.
Реконструкцијата на Владата вчера ја најави вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој рече дека смета оти наскоро ќе има нова влада предводена од Зоран Заев, која ја нарече влада „Заев три“. Тој најави смена на шест до седум министри.
ДУИ не ги дава кадрите
Но, ставот на ДУИ е дека нема потреба да има промени на министрите од нејзините редови при најавената реконструкција на Владата. Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека во зависност од преговорите кои се во тек, одлука ќе донесе партиското раководство.
-повеќе на темата: Нова сезона на нашиот политички трилер
Според него, неминовно е да има реконструкција на Владата имајќи предвид дека веќе имаме приложено оставка од министерот за земјоделство и двајцата заменици-министри од движењето Беса. „Во делот на ДУИ, ние сме го кажале нашиот став дека нема потреба од измени на членовите од ДУИ во постоечката влада, но секако согласно преговорите што веќе се одвиваат од страна на претседателот и претседателството на ДУИ и со премиерот и претседател на СДСМ, но и со другите политички партии, конечната одлука ќе ја донесе претседателот и претседателството на ДУИ“, рече Бектеши.