1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирисот на детството и новата еколошка свест

27 декември 2021

Нашите родители имаа многу потворечки став кон живот, произлезен од скромност и штедливост, а ние се преобразивме во пасивни конзументи чии потреби во целост ги диктира индустријата. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/44rGR
Comeback der Seife
Фотографија: picture-alliance/imagebroker/A. Antl

Од летово, се‘ повеќе почна да ми пречи преголемото присуство на пластично пакување во секојдневието. Македонските граѓани веројатно при пластика ќе помислат само на тоа што не можат повеќе во супермаркетите за купените производи да добијат бесплатни ќеси. Пластичните ќеси во Германија веќе неколку години се наоѓаат во постепена рестрикција, со тоа што одамна не беа повеќе бесплатни, а како замена за нив големите супермаркети нудеа да се купат за скромни цени торби од памучно платно и ќеси од рециклирана хартија. Веќе одамна не одам на пазар без своја торба. Меѓутоа, кога човек ќе стане сензибилен за еден вид  пластика во секојдневието, како ќесите, ако е барем малку критичен, ќе согледа дека таа е насекаде. Доволно е да влезете во бањата, доволно е да посакате да ја вклучите машината за перење, за да ви стане јасно дека прашокот е во пластични ќеси, а омекнувачот за облеката во шишиња од тврда, дебела пластика. Доколку сте  еколошки совесен , би требало воопшто да не употребувате омекнувач, затоа што дури и оној што е со ознака „био” трајно ја загадува водата.

#dw_BalkanBooster: Еко-живот

Мирисот на сапуните

Додека пред некој ден ја суредував бањата и ги проверував датумите на траењето на шампоните и на геловите за туширање, ми стана јасно колкав број од нив е само до половината потрошен, а јас веќе сум купила нов. Такви нешта, како шампон, креми и лосиони најголемиот број од нас купуваме без размислување, не чекајќи прво да го потрошиме оној што го имаме дома. Проверката заврши со тоа што неколку од полупразните туби со шампон за коса веќе беа со изминат рок на траење и завршија во вреќата со пластичен смет. Одамна во продавниците за природна козметика ( на германски, Naturkosmetik) ги имав здогледано на регалите, крај обичните сапуни, и шампоните во тврда состојба, што значи, сапуните за коса. Меѓутоа не можев да поверувам дека сапунот може да ја храни и негува косата како течниот шампон. Пред овој Божиќ имав намера да ја најдам био-продавницата „Тетка Олга” („Tante Olga“) во келнскиот кварт Зилц, затоа што знаев дека таму сите производи се продаваат неспакувани или само во хартија. Од ориз и макарони, до сапун за коса! Кусото време пред да затворат продавниците пред Божиќ ме натера да ја одложам посетата на „Тетка Олга” по празниците, а додека со мало разочарување тргнав кон дома, поминав крај една од најголемите био-продавници во квартот. И секако, таму ги најдов шампоните во сапунска форма. За да ги „заразам” со желбата за поголема  еколошка свест  и останати жени во фамилијата, ја наполнив корпата со секакви сапуни.

Comeback der Seife
„Враќање“ на сапунитеФотографија: picture-alliance/dpa/B. Settnik

Уште попат, кога ќе пробуричкав во платнената торба, мирисот на новите сапуни за коса ме радуваше како дете. И се чудев зошто толку се радувам на парче сапун кое чини од две до пет евра? Секако, сите беа од биолошко производство и во пакување од рециклирана хартија. Картонот не беше тврд, блескав и мазен, туку мек, рапав и без блесок. Како да доаѓаше кон мене од препотопско време, одеднаш го почувствував во умот допирот на хартијата со која беа спакувани производите кога бев дете, во југословенскиот социјализам.

Други колумни од авторката: Конески и грижата за јазикот

На Бадник, на германски, Heiligabend, кога во фамилиите роднините и пријателите се даруваат едни со други, ми стана јасно дека јас не сум единствената која се одлучила да ја смени својата конзумирачка парадигма. Барем што се однесува за козметиката. Роднината од Берлин ни беше испратила во пакетот по пошта исти сапуни за миење коса! Јас веќе имав испробано еден од моите уште пред Бадник, за да можам да сведочам за неговата функција кај оние што јас ги дарував. И додека ја сапунисував косата, одеднаш ме заплисна силна радост, небаре бев дете. Затоа што за миг бев во детството, додека мајка ми ми ја сапунисуваше косата! Секогаш во сабота навечер, пред легнување беше времето за капење. Веднаш го почувствував мирисот на сапунот од моето десттво. Тој не мирисаше на праска и мандарини, како овој, биолошкиот, но мирисаше на чистота, на сладок сон, на умор од долгата детска игра и на радоста спроти недела. Неделата мајка ни ја преобразуваше во вистински празник со нејзините малечки ритуали.

Други колумни од авторката:Фридрих Ниче, „историската треска” и балканските биографии

Ми стана јасно колку беше скромно детството кон крајот на педесеттите, но такво било и детството на германските роднини на мои години, ми раскажаа роднините на Бадник. Тие роднини сега со радост ги исфрлија сите туби со шампон и гел за туширање и ги заменија со нежно мирисливи сапуни. Една од роднините ми подари дрвена подлошка за сапун, со процепи на дното, за да може низ нив да истекува водата, а сапунот брзо да се суши. Се сетив дека такви имаше и кога бев дете во Скопје. И додека после полноќ на Бадник се миев во бањата, подготвувајќи се за спиење, околу мене се ширеше мирисот на моето детство, скромен и благ како допир на мајка. Ми долета во умот сликата како купувам шеќер во дуќанот во Автокоманда со хартиена ќеса, а продавачот ми го полнеше маслото во шишето што го носевме од дома. Микропластиката го загрозува нашето здравје, затоа што одамна го загрози здравјето на животните во реките, морињата и океаните. Не може се‘ да се очекува од државата и од државните институции. Еколошката преобразба која е неопходна за да ја спасиме планетата за нашите деца и внуци, може да се оствари само доколку секој граѓанин развие еколошка свест. Треба да гледаме што можеме да сториме веднаш самите!

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

„Ништо не се фрла“

Ми стана јасно дека во моето детство во Скопје ми се чинеше дека луѓето многу малку „произведуваа” ѓубре. „Ништо не се фрла“, беше девизата на нашите родители. Така не се фрлаа употребените ќеси од дебела, сива хартија. Не се фрлаа ниту канистрите во кои се купуваа маслинки или маслиново масло. Откако ќе се испразнеа, во нив напролет се садеа олеандри и георгини. Се изненадив кога пред десетина години во едно тосканско село во дворот на една малечка, стара куќе ги видов олеандрите во металните канистри од маслиново масло. Кога бев дете навистина ништо старо не се фрлаше. Џемперите од волна во зима се распаруваа, волната некогаш одново се вапцаше и од неа се плетеа нови џемпери. Како што од старите алишта се сечеа тенки ленти, од кои потоа се ткаеја черги. Тоа, всушност, е принципот на новата еколошка доктрина: „одржливост” и долготрајност на материјалите, со тоа што тие се пренаменуваат, се преработуваат и се рециклираат. Употребата на материјалите треба да има кружен тек, за да не остава зад себе ридови од ѓубре. Нашите родители имаа многу потворечки став кон живот, а ние се преобразивме во пасивни конзументи чии потреби во целост ги диктира индустријата. Нивниот творечки став произлегуваше од нивната скромност и штедливост. Дури и од еден вид достоинство и почит кон земјата, кон обработливата почва, кон природниот материјал, затоа што голем дел од луѓето во Македонија некогаш се занимавале со земјоделство.

Граѓанска совест и одговорност

Си велам, просечните македонски граѓани и денес не се многу богати. Дали тие, пред да ја фрлат амбалажата се прашуваат, како нашите роднини и родители во педесеттите, што од тоа би можело да се употреби или пренамени? Уште повеќе, зошто да се фрли ѓубрето под прозорецот, во најблиската река, во нивите крај автопатите, во шумите и клисурите? Се прашувам, кога станавме толку сурови кон тоа што е нашата најблиска околина, природата? Заборавивме ли дека ние сме дел од неа? ЕУ нема да им го собира ѓубрето на македонските граѓани. Нема да им ги чисти улиците, нема да им ги одржува лифтовите во зградите, за да не бидат постојано неисправни, како сега во скопските станбени згради. Тоа треба да го прават самите! А за тоа треба уште сега да почнат да ја поттикнуваат во себе граѓанската совест и одговорност. Навистина е време да се сврти листот, да се промени парадигмата во нашето однесување кон природата на целата планета, но барем, за почеток, во Европа. А и Македонија е во Европа! Затоа, почнете во Новата година барем од најмалото кое, кога ќе го практикуваат многумина, може да доведе до квалитетна еколошка промена. Побарајте ги сапуните со кои нѐ капеа и ни ја миеја косата нашите мајки и употребувајте ги само нив. Дејството е извонредно, во секоја смисла!

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.