1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Мистеријата околу Пенг Шуаи продолжува

СН/агенции
18 ноември 2021

Прво исчезна нејзината објава во која обвинуваше водечки функционер на Комунистичката партија за сексуален напад, а потоа кинеската тенисерка исчезна. Сега се појави нов имејл од Пенг Шуаи- и сѐ е во ред. Или?

https://p.dw.com/p/4395g
Пенг Шуаи за време на нејзиниот настап на последниот гренд-слем во Австралија во јануари годинава
Пенг Шуаи за време на нејзиниот настап на последниот гренд-слем во Австралија во јануари годинаваФотографија: Bai Xue/Xinhua/picture alliance

Претседателот на Женската тениска асоцијација (ВТА), Стив Сајмон, рече оти се сомнева дека кинеската тенисерка Пенг Шуаи го напишала имејлот, кој во средата го објавија тамошните државни медиуми. Сајмон во изјавата рече оти му е „тешко да поверува“, во тоа дека и-мејлот го напишала Пенг или некој во нејзино име.

Кинеската тенисерка исчезна од јавноста откако го обвини поранешниот заменик премиер на Кина, Џанг Гаоли, за сексуално вознемирување.

Тамошниот државен канал ЦГТН ја објави преписката, која наводно ја напишала Пенг, на интернет. Во пораката напишана во прво лице, Пенг пишува оти не исчезнала, туку дека „одмора дома и оти сѐ е во ред“, како и дека обвинувањето за сексуално вознемирување е лажно.

Пенг, на социјалната мрежа Веибо на 2 ноември наведе дека поранешниот кинески премиер Гаоли ја присилувал да имаат сексуален однос и покрај повторените противења по еден тениски меч пред 3 години. Таа рече оти сопругата на Гаоли тогаш „стражарела пред врата“.

Пенг наведе дека со некогашниот влијателен член на Комунистичката партија еднаш имала сексуален однос пред 7 години и дека „потоа имала чувства кон него“. Пенг додаде оти нема докази за сѐ што напишала.

Скриншот од ислезнатото писмо на Пенг Шуаи
Скриншот од ислезнатото писмо на Пенг ШуаиФотографија: Weibo

Нејзините пораки се избришани околу половина час по објавувањето. Дополнителните постови, коментари и клучни зборови како „тенис“ се блокирани на кинескиот интернет, како сите вести поврзани со Пенг. Оттогаш никој ниту ја чул ниту ја видел Пенг Шуаи.

Организаторите на турнирот во женска и машка конкуренција, бројни поранешни и сегашни играчи, побараа истрага по повод наводите за сексуално вознемирување на Пенг.

Како што е вообичаено за кинеските политичари, 75-годишниот Џанг по заминувањето во поензија во 2018 година се повлече од јавниот живот.

Пенг освои 23 титули во двојка, вклучувајќи ги Вимблдон 2013 и Ролан Гарос 2014 година. Таа нема играно од февруари минатата година во Катар, пред да започнат затворањата и откажувањата на турнирите поради пандемијата на коронавирусот.

Таа учествуваше трипати на Олимписките игри, во 2008, 2012 и 2016 година, но Меѓународниот олимписки комитет сѐ уште не се огласи по повод нејзиниот случај.