Мицкоски загрижен за македонскиот идентитет
25 ноември 2020Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изразува загриженост во врска со преговарачкиот процес со Бугарија и стравување дека тој би можел да го начне македонскиот идентитет. По интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската БГНЕС, во кое тој информира дека е испратен документ во Бугарија во кој се потенцира дека Северна Македонија нема територијални претензии, дека нема да се меша во внатрешните работи на Софија и дека нема побарувања за малцинствата, лидерот на опозицијата одржа вонредна прес-конференција во Скопје.
Спорен анекс
Мицкоски вели дека Заев несмасно и грубо изнесувал тези кои можат да предизвикаат нарушување на преговарачкиот процес, но и открил дека освен договорот со Бугарија, постои и Анекс, на кој токму тој предупредувал.
„Заев најпрво тврдеше дека договорот со Бугарија е сосема доволен. Сега признава дека прифаќаат и анекс кон еден таков договор. Тој ја негира антифашистичката борба на граѓаните и прифаќа дека овде постела бугарска администрација. Загрижен сум зошто ова интервју може да значи и откажување од малцинството во Бугарија. Сериозно сум загрижен за менување на карактерот и улогата на македонските херои. Алармирам сега за да не биде доцна. Будно да го следиме овој процес на преговори, бидејќи загрижени сме дека тој може да го начне македонскиот идентитет. Македонскиот народ го повикувам внимателно и будно да следиме што преговара Заев. Јас ќе бидам прв во таа борба“, рече Мицкоски.
Црвени линии
Од Владата, пак, претходно информираа дека се подготвени за разговор и дообјаснување на некои загрижености кои се појавија во Бугарија во однос на јазикот, меѓутоа дека остануваат црвените линии дека никој нема право да преговара за идентитетот и за јазикот.
„Контактите и размената на идеи со Бугарија се во постојан тек, бидејќи двете страни се вложени во изнаоѓање решение и за двете земји е важно да продолжи европската инеграција на регионот“, порача владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на новинарски прашања за тоа какви документи се разменети со Бугарија. Арсовски повтори дека нема нов договор во однос на македонскиот јазик, идентитет и историја.
Пред два дена, одговарајќи на новинарско прашање дали има волја за средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и шанса за решение до 8 декември, кога треба да се одржи состанок на Советот на министри на ЕУ, премиерот Заев рече дека двете земји не се далеку од договор.