1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Законот се носи на денот кога почна конфликтот во 2001“

14 март 2018

За последен пат повикувам за разум, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Од мнозинството одговараат: Доста е, девет месеци трае дебатата за законот за употреба на јазиците. Се множат индивидуални повици за протест.

https://p.dw.com/p/2uHWR
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

„Токму на денот кога отпочна воениот конфликт во Тетово (14-ти март - н.з), на дневен ред на парламентарна седница се става овој противуставен и неприменлив закон за употреба на јазиците“. Со споредба која ги оживува сеќавањата на периодот на меѓуетничкиот конфликт, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашната средбата со жители на Конче го искоментира новиот обид за донесување на Законот за употреба на јазиците, на денешното продолжение на 32. седница на парламентот. 

„Ова не смее да се дозволи. Лошо ќе влијае врз Република Македонија, за нејзиниот имиџ пред меѓународната заедница, но и пред домашната јавност. За последен пат повикувам за разум - да се избегне едно девијатно однесување во парламентот и насилно усвојување на овој закон. Повикувам на почитување на Деловникот, разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја очекува. Се друго ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и сите оние коишто ќе го поддржат во таа постапка“, предупреди Мицкоски.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Повеќе на темата:

-Законот за албанскиот јазик- капитално прашање од конфликтот во 2001 година

-Дипломатски аларм: Приоритет се реформите, а не законот за јазици

-Се бара заеднички јазик за законот за јазиците

Тој најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на денешната седница и ќе бара да се расправа за амандманите. Нивниот координатор, Драган Данев, вчера не присуствувал на координативната средба на пратеничките групи со претседателот Талат Џафери. Но, и оние кои присуствувале не знаат како ќе се одвива денешната седница, бидејќи Џафери не го објаснил тоа. Со оглед дека расправата за 35.569 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ би можеле повеќе од шест месеци да ја блокираат работата на парламентот, од мнозинството претпоставуваат дека Џафери ќе постапи со согласност со одредби на Деловникот, според кои, парламентот не може да одлучува дали некој закон е во согласност со Уставот. Тоа би значело дека амандманите ќе бидат отфрлени како неосновани, а секој што смета дека законските одредби се неуставни, за тоа може да покрене иницијатива пред единствената надлежна институција - Уставниот суд.

ДУИ: Законот најпрво е усогласен со ВМРО-ДПМНЕ

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека законот е неуставен, од ДУИ го оценуваат како израз на врвна дволичност. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вчера од Брисел повтори дека не се сомнева во уставноста на законот. 

„Овој закон прво е усогласен со ВМРО-ДПМНЕ пред да биде усогласен со СДСМ“, изјави Османи, додавајќи дека „сегашната хистерија има само партиска деструктивна агенда во еден историски момент за државата“.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, минатата недела го посочи и терминот во кој ВМРО-ДПМНЕ го прифатила истиот текст на законот: 29 јануари 2017 година, во 13: 30 часот. Тоа е еден ден пред да истече рокот на разговорите за формирање коалициска влада меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, кои завршија со неуспех.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го признава тоа и бара да се формираат работни групи составени од сите парламентарни партии, во кои ќе биде вклучена експертската јавност, МАНУ и од кабинетот на претседателот на државата, кои ќе подготват нов закон. Од владејачката коалиција велат дека дебатата предолго трае, а самата бројка на поднесени амандмани сведочи дека целта не е подобрување на законот, туку блокирање на Собранието. Како пример го посочуваат податокот дека дури 33.000 од амандманите се однесуваат само на казнените одредби.

„Ние не го носиме овој закон преку ноќ. Девет месеци дебатираме во јавноста во однос на законот“, потсетува Османи.

Со сличен став и премиерот Заев деновиве го најави усвојувањето на законот. 

„Девет месеци е отворена дебатата. Сите кажаа сè што имаа да кажат. Тоа (законот -н.з.) е едно уставно право што не е реализирано. Да оставиме нека се реализира, нека има своја имплементација, и ќе видиме сите дека не е нешто што е тешко или болно, туку ќе ни помогне сите заедно подобро да се разбираме“, изјави Заев.

Повици за протест

Претседателот Иванов не го потпиша указот за прогласување на усвоениот закон со забелешки дека „со него се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна блокада и нефункционалност, а во такви услови постои опасност да се отвори прашањето за уставно редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија“.

Дел од експертите го потсетија дека како шеф на државата добро ги знае сите противречности кои се содржани во Законот за јазици од 2008 година, а кој нема никакви механизми на имплементација.

Од друга страна, од синоќа на социјалните мрежи веќе се шират индивидуални повици за протест пред парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ, покрај најавата дека нивните пратеници ќе присуствуваат на седницата, велат дека за сите натамошни чекори јавноста ќе биде навремено информирана.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид