1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова „бомба“: монтирани процеси

Катерина Блажевска20 февруари 2015

Лидерот на СДСМ презентираше нови, скандалозни прислушкувани разговори кои укажуваат на монтиран процес против Бошкоски и медиумско изживување врз него. Мијалков нарачувал камери од Сител и Канал 5 за своите апсења

https://p.dw.com/p/1EfCL
Фотографија: DW/P. Stojanov

Нови скандалозни разговори на владини претставници, министри и новинари во кои се договараат апсења, медиумско покривање, па дури и запирање опозициски автобуси, објави денеска лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев. На денешната прес-конференција Заев ја презентираше и третата „бомба“. Најконтроверзниот од прислушкуваните разговори содржи дискусии кои сведочат за политички монтиран процес при апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. За тоа сведочи презентираниот разговор на шефот на УБК, Сашо Мијалков со одговорните во телевизиите Канал 5 и Сител, Емил Стојменов и Драган Павловиќ- Латас, кои „ликуваат“ на тој чин. Меѓудругото беа презентирани и разговори меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер.

Мијалков му ја одредил и казната на Бошкоски

Во првиот разговор меѓу Мијалков и Латас, шефот на УБК на Латас му го најавува апсењето на Бошкоски како „едно изненадување“, кое ќе се случи ден по изборите, а потоа разговараат за тоа каков медиумски третман треба да добие истото. Директорот на УБк во разговорот со Латас дури и ја одредува казната за Бошкоски: „Осум години ќе му биде ова, да знаеш!“, му вели Мијалков на Латас. Латас реплицира:„Види, 30 дена ќе помине со Велија (Рамковски), а после ќе видиме“. На тоа се спротивставува Мијалков: „Какви бе 30 дена, не излегува тој до издржување на казната“. „Ти реков ли јас дека од понеделник почнувам да апсам“, потенцира Мијалков.

Mazedonien Skopje Ljube Boskjoski NO FLASH
Се договорале и снимките од апсењето на БошкоскиФотографија: Makfax

Во третиот разговор, Мијалков го критикува Латас дека на Сител не одат добри слики од апсењето. „Слабо е да знаеш. На Канал 5 е трипати подобро, што е работата. Ова треба јако да го продадеме“. Латас му ветува дека „пет дена ќе ги вртат снимките“. Мијалков сугерира да има снимки од вечерта кога ќе го изнесуваат и внесуваат во суд и да ја повторуваат снимката на која Бошкоски лежи на улица „како говедо“- како што вели Мијалков.

Истиот ден, Мијалков во разговор му вели на Емил Стојменов, директорот на Канал 5, да испрати камери во судот. Овој му одговара: „нема проблем“ и му вели:„ Него знаеш што уште ќеф да ми направиш? Тој Љубчо (Георгиевски) да го уапсиш“. „Ќе правиме муабет“, му одговара Мијалков.

Во следниот разговор меѓу министерката Јанкуловска и Протуѓер, се работи за пет автобуси кои од Прилеп тргнале на протест во Скопје. Протуѓер ја информира: „Комуњариве ги организираа за протест“. Јанкуловска му одговара: „Ако, не е проблем нека тераат“. Протуѓер и сугерира: „Технички преглед, бе“. Јанкуловска му ветува дека „ќе ја среди работата“.

Полициски „спинови“

Следниот разговор меѓу Јанкуловска и Протуѓер сведочи за тоа како се обидуваат да направат „спин“ околу заднината на активностите на Бошкоски, и тоа да го пласираат под формулата „дознава Канал 5 телевизија“. Во разговорот се прават планови и за уништување на партијата на Бошкоски- Обединети за Македонија. Мартин Протуѓер и вели на Јанкуловска: „Јас од утре му ги земам сите комитети. Во рок од една недела му ја распаѓам партијата“. Јанкуловска одговара порадикално:„Треба да направиме еден список, да ги сотреме. Тие што му биле обезбедување нема да работат во МВР. Никаде нема да работат. Тие ги бркаме од денеска на клоци. Тоа се џандарите од кај мене што му биле на (изборни) листи на Љубе“.

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska
Министерката Јанкуловска испраќала опозициски автобуси на „технички преглед“Фотографија: MIA

Во последниот разговор меѓу Јанкуловска и портпаролот на МВР, Иво Котевски се договораат да се одберат поненасилни фотографии од апсењето на Бошкоски. Котевски се согласува: „Така и јас мислам. Легнување на асфалт може, ама Пуки или некој од другиве му бутале пиштол во уста“. Јанкуловска сугерира тие фотографии да не ги даваат на медиумите. „Овие од А1 ме прашуваат за убиено дете (Мартин Нешковски) на плоштад. Идиоти!“, го завршува разговорот Котевски.

На крајот на прес-конференцијата по презентацијата на овие разговори, лидерот на СДСМ, Зоран Заев беше запрашан дали е можно и тој лично да биде уапсен. „Мијалков и Груевски, и сѐ е можно“, одговори Заев. И покрај тоа што партијата поднесува кривични пријави, Заев не очекува со „вакво судство правна разрешница“, туку политичка.