Мијалков во притвор 60 дена, што натаму?
26 февруари 2021Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков попладнево е спроведен во Истражниот затвор Скопје, по изрекувањето на казната од 12 години затвор за масовното прислушување опфатено со судскиот процес „Таргет - Тврдина“. Тој во затворот пристигна во полициско комбе и со силно полициско обезбедување.
Мијалков замина во притвор откако Обвинителството побара наместо куќен, да му биде одреден затворски притвор, поради опасност од бегство. Како образложение беше наведено тоа дека тој може да избега и да има легален престој во Прага, каде што има и имот.
-повеќе на темата: Во Белата палата, Владата или во Белград - каде се криел Мијалков?
Мијалков е првостепено осуден дека дал наредба да се прислушуваат околу 4.000 телефонски броеви во УБК, без судска наредба. Тој во притвор може максимално да биде задржан 60 дена, бидејќи постапката беше скратена, а против него беше поднесен обвинителен предлог, а не обвинение.
Обвинителката Ленче Ристоска вели дека законодавецот треба убаво да размисли за оваа одредба од законот. „Се покажа дека и со обвинителен предлог се бара одговорност за сериозни кривични дела. Прашање е дали времетраењето на притворот не треба да се врзе всушност со акумулацијата на кривични дела, а не со тоа дали било обвинителен предлог, или обвинителен акт”, изјави Ристоска .
Се најавуваат жалби
Мијалков денеска беше првостепено осуден на затворска казна во траење од 12 години дека како директор на УБК формирал злосторничко здружување и злоупотребувајќи ја службената положба и овластувањата од 2008 до 2015 година масовно прислушувал стотици граѓани.
-повеќе на темата: Злосторство и казна: 12 години за Мијалков
Љупчо Шврговски, адвокатот на поранешниот директор на УБК, смета дека спротивно на член 470 од законот е да се одреди притвор за обвинетиот, бидејќи за Сашо Мијалков не постои никаква можност да избега од државата, оти тој веќе има решение за домашен притвор.
„Мијалков може да биде во притвор најмногу 60 дена. Тој има решение за домашен притвор, а не можат да го однесат во ефективен притвор пред да му биде доставено ново решение. Ќе се жалиме кога ќе ја добиеме пресудата, а ќе се жалиме и кога ќе го добиеме решението за затворски притвор“, рече Шврговски.
МВР продолжува со истрагата
„Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда има и мир! “, порача премиерот Зоран Заев по денешната пресуда за случајот „Таргет - Тврдина“.
Според него, правосудниот систем e независна власт и ги има сите околности да спроведува истрага без влијанија и да организира обвинителска и судска постапка во која важат само доказите и одредбите за фер и правично судење, за секого, без исклучок. „Тоа е начинот на кој треба да бидат спроведени и довршени сите предмети за организиран криминал и против Уставот и достоинството на граѓаните. Времето на неказнивост и на привилегии на криминалните актери го оставаме во историјата“, порача премиерот.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, најави дека продолжува истрагата за случајот со Сашо Мијалков. Таа треба да покаже каде е направен пропуст, дали некој помогнал и кој е тој и да се види каде е проблемот во целокупниот систем на функционирање. Спасовски е категоричен дека Мијалков не побегнал во Белград, како што тврди опозицијата.
„Се направија низа чекори од страна на институциите пред се' во однос на тоа да детектираме кој може да помогне, значи членовите на неговото приватно обезбедување, членовите на неговото семејство и целокупниот имот што го поседува беа еден од начините за да можеме и да дојдеме до него и да биде задоволена правдата. Кој е инволвиран во бегството, верувам дека на крајот од истрагата ќе се покаже“, рече Спасовски. Во однос на прашањето каде се кртовите, Спасовски вели дека тие можат да бидат и во МВР и во Обвинителството и во судството и во тајната полиција.