Мијалков засега останува во куќен притвор
23 февруари 2021Обвинителката Вилма Русковска на прес-конференција вечерва рече дека ќе размислат дали да побараат затворски притвор за Сашо Мијалков. „Ќе размислиме дали да побараме затворски притвор. Цел ден беше бурен. Со колегите што го застапуваат ќе одлучиме, но сепак олеснителна околност е што сам се пријави“, истакна Русковска. Таа додаде дека при разговор со неговиот адвокат било констатирано дека направил грешка што не се пријавил и не го примил решението.
-повеќе на темата: Мијалков се појави кај Русковска: Никогаш нема да побегнам
Изјавата следи откако по два дена полициска потрага и сомнеж за бегство, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков сам се појави во Обвинителството за организиран криминал и корупција во Скопје. За медиумите изјави дека бил болен, поради што заминал во изолација. Штом слушнал за потрагата по него, веднаш се појавил во Обвинителството, каде што му беше врачено решението за куќен притвор, коешто му беше изречено поради сомнеж за бегство. Тврдеше дека не планирал да бега.
Русковска вели дека Мијалков преку посредници побарал да се пријавил токму во Обвинителството за организиран криминал и корупција. За повлекувањето на жалбата за затворски, наместо куќен притвор, таа рече дека тоа е сторено за да не се губи време.
„Колку што имам сознанија, разговарале на таа тема со Јавниот обвинител, Љубомир Јовески. Истиот се согласил. Од тие причини е повлечена жалбата“, рече Русковска.
-повеќе на темата: Случај Мијалков: скандалозни 24 часа пинг-понг
Во однос на изјавата на Мијалков дека бил болен и дури изутринава дознал дека се трага по него, рече не знаела дали тој делувал болен или не. „Единствено се видов со едниот негов адвокат. При разговор, двајцата заклучивме дека направил грешка што два дена не се појави и што не му е врачено решението. Поради тоа, навистина не знам каде бил“, рече Русковска.