1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младина без работа и перспектива

Сабине Кинкарц/ А.Трајковска 27 август 2014

Во Европа околу 7,5 милиони млади се без работа или образование. Ова произлегува од една нова студија. Досега ниту скапите европски програми за образование не сменија ништо.

https://p.dw.com/p/1D1hj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Швајцарија има скоро осум милиони жители. Речиси исто толку млади луѓе во Европа ниту можат да најдат вработување, ниту се во процес на образование. До овој алармирачки резултат дојде студијата „Невработеноста меѓу младите во Европа“ која ја изработи Центарот за европски економски истражувањa по налог на фондацијата Роберт Бош. Повеќе од секој втор млад Шпанец во 2012 година останал без место за обука или работно место. Истото важи и за Грција.

Ингрид Хам раководител на фондацијата смета дека резултатите се алармирачки. „Се продуцира нешто како загубена генерација и експертите знаат дека вакви лузни на почетокот на професионалната кариера можат долго да траат и многу подоцна да имаат влијание кај луѓето“. Многу луѓе кои во младоста биле невработени, подоцна воопшто неможеле вистински да фатат чекор.

Причините се во структурата

За високата невработеност меѓу младите има многу причини, кои не се резултат на конјунктурната криза. „Невработеноста кај младите не е нов туку структурен проблем: тоа го имаше уште пред десет години“, нагласува експертот за пазарот на трудот од Центарот за европски економски истражување Холгер Бонин.

Земјите како Италија, Грција, Шпанија и Португалија секогаш биле погодени. Според студијата причините биле во високата квота на млади кои го прекинуваат образованието, во системот за образование кој не се ориентира на барањата на работниот пазар и многу конфликти меѓу работодавците и синдикатите.

Академски образовани луѓе возат такси

Луѓето кои почнуваат да работат не се доволно квалификувани, поради што се зголемува ризикот од невработеност. „Овие системи за образование се далеку од потребите на претпријатијата и тоа е голема опасност“, вели Бонин. „Тие продуцираат академски образовани луѓе, а немаат работа за нив“. Во некои случаи доаѓа и до вработување под нивните квалификации, но и тоа има последици кога „академски образовани лица мораат да возат такси.“

Научниците исто така ги критикуваат регулациите на пазарот на трудот поради што во многу јужноевропски земји дојде до поделба на работниот пазар. Додека оние кои имаат вработување профитираат од силната заштита од отказ, оние што почнуваат да работат честопати добиваат само ограничено вработување. Затоа тие и најмногу ги чувствуваат стопанските турбуленции. Младите во последните години биле „тампон зона“ при намалувањето на работните места поради рецесијата, пишуваат авторите на студијата.

Robert-Bosch-Stiftung Jugendarbeitslosigkeit in Europa
Предавање на студијата на државниот секретар СонтовскиФотографија: Robert-Bosch-Stiftung/Tobias Bohm

Образование во фирмите по германски пример

Во Шпанија, Италија и Португалија повеќе од половината работоспособни под 25 години 2012 година имале само ограничен работен договор. Од оние над 40 години таков договор имал помалку од секој петти. Во Шпанија веќе се спроведуваат првите мерки за олабавување на заштитата од доделување отказ, додека во Италија и Португалија пропаднаа ваквите обиди, опоменуваат експертите.

Во Шпанија во меѓувреме се формираат и центри за дуално образование во училишта и фирми. Како пример служи германскиот систем. Рајнер Сонтовски, државен секретар во министерството за економија смета дека Германија има обврска да ги „советува“ европските соседи при спроведувањето на реформите на работниот пазар. Тој меѓутоа предупредува да не се преценат политичките можности за делување. Исто така и германските претпријатија би морале да сторат повеќе за квалификација на младите луѓе во јужна Европа. Добавувачот на резервни делови за автомобили „Бош“ годинава има намера да понуди дополнителни 100 места за обука за младите во јужна Европа, од нив 50 за кандидати од Шпанија.

Infografik Jugendarbeitslosigkeit in der EU Juni 2014
Невработеноста на младите во Европа во јуни 2014 година

Гаранцијата на ЕУ за младите не функционира

Научниците не очекуваат голем успех од обидите на Комисијата на ЕУ да се бори против невработеноста меѓу младите во јужна Европа со т.н. Гаранција за младите. Концептот предвидува секој млад под 25 години по четири месеци безуспешно барање работа треба да добие место за обука или пракса. За тоа се планирани 21 милијарди евра.

Гаранцијата е многу комплициран инструмент, појаснува експертот Бонин. „За таа да делува, мора целно да им се пристапи на поединечните млади, потребни се и структури во администрацијата кои тоа целно ќе го насочуваат. Но токму тука има пречки во јужноевропските земји“.

Се бара европска берза за вработување

Мерките за вработување и државните места за обука според искуствата не се цврст мост на пазарот на трудот, предупредува претседателот на Центарот за европски економски истражувања Клеменс Фојст. „Земјите би требало да се концентрираат на инструменти со цел квалификување на млади без диплома“. Освен тоа би требло да се подобри квалитетот при советувањето и посредувањето на работа.

Краткорочно сега работите зависат од тоа, младите подобро да се информираат за нивните професионални шанси во странство, тие да се мотивираат и да добијат поддршка во првиот чекор. Правните предуслови за професионална мобилност во ЕУ се созадени. Но, како и досега сѐ уште има практични пречки како на пример недоволни јазични познавања, кои ги спречуваат младите да добијат работно место во странство, велат експерите од Центарот. Холгер Бонин исто така се залага за подобри можности за информирање на младите во ЕУ. „Како и досега сѐ уште немаме транспарентен европски пазар за вработување, иако пружаме големи напори за тоа и живееме во ерата на интернетот, тоа сѐ уште не функционира.“.