1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ: Грчката криза не е проблем за светот

З.Јордановски/дпа/афпд/ртр10 јули 2015

Според најновата конјунктурна прогноза на ММФ, грчката криза не претставува сериозна опасност за светската економија. Но, за самата Грција можат да дојдат уште поголеми проблеми од очекуваните.

https://p.dw.com/p/1Fvlx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оценува дека турбуленциите во Грција, како и на берзите во Кина, и покрај значителните влијанија во тие две земји, во моментов не претставуваат сериозна опасност за светската економија. „Развојот таму севкупно не ја промени сликата за глобалните изгледи на економијата“, се вели во актуелизираната конјунктурна прогноза на ММФ, објавена денеска. Релативно послабите изгледи за тековнава година првенствено се должат на стопанскиот развој во САД, каде невообичаено острата зима негативно влијаеше врз работењето на многу претпријатија во првиот квартал. Затоа, прогнозата за пораст од 2,5 проценти на стопанството на САД, водечко во светот, е значително пониска од претходно предвидуваната.

ММФ: нема опасност од Грција „да се заразат“ и други земји

ММФ проценува дека светската економија годинава ќе забележи пораст од 3,3 проценти, што е за 0,2 процентни поена помалку од априлската прогноза. За 2016. се предвидува пораст од 3,8 проценти. Фондот остана на претходните прогнози за Германија и Кина, а за Еврозоната има пооптимистички гледања. Германија, според ММФ, годинава ќе забележи стапка на пораст од 1,6, а догодина од 1,7 насто.

Symbolbild Griechenland Schuldenkrise
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Huguen

На заканата од банкрот на Грција и на падот на берзите во Кина, чиј индекс за кратко време падна за речиси една третина, ММФ во анализата не им придава никакво решавачко значење за глобалната економија. Развојот таму претставува ризик, но првенствено за самата земја. Грција за кризата ќе плати далеку повисока цена отколку што досега се сметаше. Но, ММФ досега не гледа некоја опасност од „зараза“ и на други евро-земји.

Земјите во подем со двојно поголем пораст од индустриските

Стопанскиот пораст на земјите во засилен подем, од значително преку 4 проценти, во 2015 година ќе биде двојно повисок отколку кај индустриските земји. Прогнозите на ММФ за Кина се 6,8 проценти во оваа и 6,3 насто во наредната година, но тоа сепак е забележливо помалку отколку во минатото.

Опасностите за земјите во засилен подем доаѓаат од две страни: Кина сака својата економија да ја постави на поширока база и да ја јакне потрошувачката, што, пак, му создава проблеми на комунистичкото раководство во Пекинг. Вториот момент е дека евентуално натамошно јакнење на американскиот долар, на пример како последица на пораст на каматите во САД, би претставувало удар за сите земји во засилен подем во Азија и Јужна Америка, чии долгови се водат во долари.