Многу дупки, малку пари-каков ребаланс ќе скрои власта?
16 април 2022Владата ќе го стега ременот, но ќе го продлабочи дефицитот за да обезбеди пари за побезболно премостување на кризата. Порано од вообичаеното, државната каса ќе се прекројува за да се обезбедат средства за покривање на дупките, но и за поддршка на граѓаните и стопанството. На буџетот му се потребни околу 600 милиони евра кои ќе се бараат од надворешни извори. Ќе се штеди, но и ќе се реструктуираат планираните средства:
„Ќе се намали делот за стоки и услуги, ќе има преструктуирање на планираните средства внатре помеѓу ресорите каде што нема доволна реализација на проекти, или некои ќе се пролонгираат за да се отвори простор за да се финансираат новите потреби“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Колку конкретно и на кои се позиции ќе се крати односно ќе се зголемува, засега е неизвесно. Но извесно е дека дефицитот ќе се продлабочи, што ќе влијае на зголемување на јавниот долг на 64% од Бруто домашниот производ што е историски највисоко ниво.
„Новата нормала е да научиме да живееме во криза, односно покрај долгорочните мерки, мора да имаме и бафери кои ќе реагираат и на краток рок. Во конкретниот случај, зборуваме за јавен долг од 60 проценти кој оваа година ќе достигне 63,5 проценти, а потоа постепено да се намалува и во 2026 да биде под 60 проценти. Тоа е неизбежно, за да можеме со овие политики да реагираме соодветно навремено и со соодветен обем. Тоа е исто како со антибиотикот, ако не го дадеш на време и во точна количина, или ако не се доволни дозите, тоа ќе создаде пореметување на организмот. И тоа е за нас предизвик“, изјави Бесими.
Ребалансот се крои среде сериoзна економска криза која дополнително е под притисок на серија штрајкови за повисоки плати. Најкритично е во образованието, каде синдикатот бара 18% зголемување на платите, што засега е тешко изводливо. Од Владата не коментираат ништо поконкретно. Експертите предупредуваат дека пресметките и потезите треба да се прават многу внимателно за да се обезбеди стабилност но и потенцијал за развој на економијата:
„Несомнено дека во кризни периоди најтешките одлуки паѓаат на Владата и секако дека треба да се размислува стратешки. Клучно е да се поддржува приватниот сектор, а тоа подразбира дека капиталните инвестиции не смеат никако да запрат, но и да се штеди максимално онаму каде е најреално и најнеопходно. Најголемата дилема освен економската криза, се и барањата на сите синдикати за платите и тоа подразбира дека државата ќе мора да се снајде, да се постигне една златна средина, оти најверојатно нема да можат да се исполнат сите барања на синдикатите. Дека платите треба и мора да растат е неспорно, но ќе треба да се преговара да не мора од следниот месец тие 18% да се исплатат, да не биде тоа наеднаш, туку постепено“, изјави за Дојче веле економистот Арбен Халили.
Паралелно со штедењето и форсирањето на продуктивните проекти според Халили, потребна е јасна долгорочна и стратегија за решавање на клучната болка на македонската економија, јавната администрација:
„Тоа треба да се направи долгорочно и стратешки, да се намали бројот на јавната администрација. Но тоа не е можно сега и веднаш за да има брзи позитивни ефекти, но долгорочно мора да се мери продуктивноста на тие административци, дали заслужуваат да бидат таму или не, според тоа колку сработуваат, оти тие нѐ чинат многу скапо“, укажува Халили.
Растот на јавниот долг според него е предизвик, кој сепак би се менаџирал, доколку парите домаќински се трошат:
„Во овој период несомнено дека државата ќе се задолжи и дефицитот ќе се зголеми за да се обезбедат условно кажано слободни финансиски средства. Но тоа нормално дека ќе падна на грбот на нашата, но и на следните генерации, оти долговите ќе треба да се вратат. Сепак за да опстанеме година до две, неопходно е задолжување. Но од друга страна не смее да се запираат капиталните инвестиции. Посебно оние кои го вклучуваат приватниот сектор како изведувач“, коментира Халили.
Сличен е ставот и на стопанствениците кои во континуитет бараат реформи во јавната администрација, но и засилување на домашните капитални инфраструктурни проекти:
„Јавната администрација ни е една од најголемите болки која мора да се решава. Иако во моментот неблагодарно е да се отпуштаат луѓе од работа, меѓутоа таму ни одат најголем дел од парите. Не само поради тоа што се даваат плати на овие луѓе, туку поради што за тие пари не добиваме никаква услуга. Владата најави дека ќе се штедело, но еве јас прашувам зошто тоа до сега не го направивме. Со години зборуваме дека треба да се штеди, државата самата кажува и сега конечно донела одлука дека тоа ќе го прави и тоа со ребаланс на буџетот. Но не очекувам ребалансот само да ги намали трошоците, туку тој треба и да ги зголеми инвестициите со кои на индиректен начин ќе се поддржи македонската економија, дали во градежништво, прехрана, транспорт, логистика, дигитална економија, или туризам, во таа насока треба да оди тој ребаланс. Тоа да биде концептуално и никако не треба да биде поради политички интереси, туку треба да биде концепт диктиран од потребите на општеството, граѓанството, стопанството, без каква било политичка агенда или популизам“, коментира Миле Бошков, извршен претседател на „Бизнис конфедерацијата“.
Според него, во никој случај не смее да се запостават капиталните проекти, посебно оние во делот на патната и енергетска инфраструктура за кои повеќе се зборува, а многу малку се прави:
„Сакам да видам дека конечно ќе се направи патот кон Блаце, или да се реализираат оние 11 километри од Петровец до Катланово, кои се реконструираат веќе година и половина. За автопатот Кичево-Охрид веќе е излишно да се зборува. Едноставно, тоа го урива имиџот на државата и мора да се менува“, предупредува Бошков.
Од Владата велат клучни приоритети во економските политики ќе бидат задржувањето на стандардот на граѓаните, капиталните инвестиции, обезбедувањето економски раст. Планот е да се инвестира во обновливи извори на енергија, но и да се засили финансиската поддршка во делот на земјоделието.
„Планираме авансно да се плаќаат субвенциите, 30% пред сезона, а 70% потоа. Ќе се зголемуваат субвенциите за зелената нафта, за стратешките култури, за сточарството“, ијави премиерот Димитар Ковачевски.
За да се обезбедат потребните финансиски средства, Владата планира и годинава да издаде нова еврообврзница. Сепак за разлика од лани, кога на меѓународните финансиски пазари се обезбеди поволна камата од 1,6%, годинава состојбите на пазарите се доста понеповолни. Каматите во моментов се движат околу 4%, па така ќе се чека на подобрување на ситуацијата и евентуално стабилизирање кое би донело и поповолни извори за финансирање на дефицитот.
Првичните проекции во буџетот за годинава беа дека дупката во државната каса ќе изнесува 4,3%, со тенденција тоа да се намали веќе наредната година. Овие планови на Владата сега стануваат минато, а очигледно дека со ребалансот дефицитот ќе се продлабочи. Колку точно, министерот за финансии сепак не сака да прогнозира.
„Со дефицитот на буџетот во 2021 почнавме со консолидација и од 8,1% успеавме да завршиме на 5,4 проценти. Годинава планиравме дефицит од 4,3 проценти, а наредната година да го намалиме. Но очигледно дека со ребалансот што го спремаме, ќе одиме со поголем буџетски дефицит“, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Колку и да изнесува дефицитот, јасно е дека 2022 ќе биде уште поскапа од првичниот план за годишни расходи од 4,4 милијарди евра. Толкава е проекцијата во буџетот кој беше изгласан на крајот на минатата година, во кој беа планирани и досега рекордни близу 600 милиони евра за капитални инвестиции. Според најавите, ребалансот на буџетот за 2022 година пред пратениците би се нашол во текот на мај, или најдоцна на почетокот на јуни.