1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многумина Кинези не знаат за протестите во Хонгконг

Рут Кирхнер/ Жана Ацеска2 октомври 2014

Политичкото раководство во Пекинг ги оцени демонстрациите во специјалната управна зона Пекинг за „нелегални собири“, чија цел е подривање на стабилноста на Хонгконг. Многумина Кинези не знаат што се случува во Хонгконг

https://p.dw.com/p/1DOeY
Фотографија: Getty Images/P. Bronstein

Оној кој во кинескиот интернет-пребарувач ќе го впише зборот Хонгконг или демонстрации, ќе биде разочаран. Нема да најде ни извештаи, ни фотографии на десетици илјади луѓе кои во бившата британска колонија излегуваат на улиците барајќи слободна номинација на кандидатите за изборите во 2017 година. Наместо тоа, може да се прочита само официјалниот став на кинеското раководство,кој зборува за нелегални собири. Цензурата целосно ги има доведено вестите под контрола. Весниците и државната телевизија речиси не ги споменуваат протестите. Оној кој на улиците на Пекинг ќе ги праша минувачите дали знаат нешто за демонстрациите во Хонгконг, добива вакви одговори: „Не сум чула ништо“, „Не, немам поим“, „Наслушнав нешто, но не знам точно што се случува“.

Цензурата ја покажува загриженоста на Пекинг

Цензурирањето на информациите ја покажува загриженоста на Пекинг од тоа фотографиите на младите луѓе на протестите во Хонгконг и кај нив во Кина да предизвикаат луѓето да побараат поголема демократија. Само неколку весници, кои известуваат од демонстрациите во Хонгконг, ја следат познатата пропагандна мустра и нагласуваат-протестите наводно предизвикуваат хаос и нестабилност, дека во опасност се трговијата и туризмот. Тие споменуваат- на дело се радикални сили и активисти кои изведуваат нелегални акции, но и тоа оти одлуката на изборите во 2017 година во Хонгконг да не се дозволи слободна номинација на кандидати, е незаобиколна. И во Министерството за надворешни работи на Кина реакцијата е вообичаена за вакви прилики. Портпаролката Хуа Чунјинг истакна:

„Сакаме да истакнеме дека Хонгконг е дел од Кина, дека е тоа специјална зона на кинеската управа. Внатрешните работи на Хонгконг се внатрешни работи на Кина. Ние ќе се чуваме од сите мешања однадвор и нема да дозволиме поддршка на организацијата ’Окупирај Централ’“.

Хонгконшкиот политиколог Вили Лам верува дека владата под раководство на Леунг има рок да заведе ред и мир на улиците на Хонгконг до в петок утрото во 9 часот. Тоа е прв работен ден по празникот.

China Hongkong Demonstration der Demokratiebewegung Polizei
Фотографија: Getty Images/P. Bronstein

„Претседателот Ши Џинпинг лично го следи развојот на ситуацијата. Во Пекинг се одржуваат кризни состаноци. Ако до понеделник не завладее мир, кинеското раководство може да побара од полицијата да употреби водени топови и гумени куршуми. Лам ја смета за можна акцијата на кинеската Народно-ослободителна армија само како последно средство. Но, и ако дојде до тоа, не би имало големи пукања. Жителот на Хонгконг Алан Вонг вели дека демонстрантите се подготвени на се‘.

„Се разбира дека сме загрижени. Посебно поради настаните на Плоштадот на небескиот мир во 1989 година. Но, ние ќе се бориме за својата слобода на мирен начин. Ако тие тргнат против нас со употреба на сила и армијата, тогаш веројатно другите земји би побрзале да ни помогнат“, вели Вонг.

Пропаганда со позната матрица

Уште по еден друг пример се гледа дека пропагандата во Кина ја следи познатата матрица. Она што не се вклопува во официјалната слика на светот, се критикува како претерување на Западот. Само западните медиуми се во состојба да ја распространат сликата и да предизвикаат впечаток дека во Хонгконг постои растечка напнатост меѓу приврзениците и противниците на Пекинг, а тоа, е како што се истакнува, претерување. Покрај тоа, додаваат во Пекинг, јасно е - барањата на демонстрантите се целосно нереални. Раководството во Кина отфрла секаква сличност на овие со студентските протести на Плоштадот на небескиот мир во Пекинг во 1989 година.

„Кина денес е друга земја“, укажува весникот „Хуангуи Шибао“ во еден коментар. Министерството за внатрешни работи тоа како да го потцртува со зборовите-Пекинг има полна доверба во шефот на управата на Хонгконг и неговата способност да добие целосна контрола над бившата британска колонија. Прашање е само колку долго Пекинг ќе трпи и немо ќе ги набљудува демонстрациите, но и колку долго ќе успее да го изолира сопственото население од информациите за настаните во Хонгконг.