1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мнозинството распнато меѓу тактиката и математиката

9 ноември 2021

Во моментов од двете страни на политичкиот спектар стигнуваат пораки „ние го имаме мнозинството“. Граѓаните се во конфузија и неизвесност.

https://p.dw.com/p/42l8o
Symbolbild Schach Peer Steinbrück
Кој навистина има мнозинство?Фотографија: Andre Borlinghaus/Fotolia

Партиите тактизираат, граѓаните губат трпение. Во период на растечка ковид и енергетска криза, особено по последователните хаварии во РЕК Битола, јавноста е во неизвесност кој и кога ќе го преземе кормилото на државата во крајно сензитивен период, пред „натпреварот“ да се претвори во бескарајна агонија која ќе натовари и други проблеми. Во моментов, ни тие што учествуваат во процесот не може до крај да бидат сто отсто сигурни како ќе заврши гласањето доверба на Владата, иако и од две страни стигнуваат пораки „ние го имаме мнозинството“.

До седницата што претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа за в четврток во 11 часот (11.11), останува доволно време во кое состојбата со мнозинството може да биде флуктуирачка, еден ден да натежне на една, друг ден на друга страна, и сето тоа неизвесно до последен миг.

Повеќе: Кој ќе го стисне копчето за (не)доверба на Владата

Неизвесно до крај

Алтернатива, партијата која засега се спомнува како фактор кој може да одлучи на која страна ќе натежне мнозинството, (иако не е исклучено дека и други пратеници може да приредат изненадување во една или друга насока), синоќа не донесе одлука како ќе настапат нејзините 4 пратеници. Дискусијата се отвори откако едниот од нив, Скендер Реџепи, изјави дека не сака неговиот потпис да биде на список со потписите на Левица. Според извори од опозицискиот блок, за да се знае дали тоа е вистинската причина или отпосле обезбедено алиби од други причини, опозицијата би можела да ја изнесе таа ситуација на чистина, само доколку обезбеди мнозинска поддршка и без гласовите на Левица.

Дека опозицијата работи на тоа, потврди Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар и Генерален секретар на Алијансата за Албанците.

„Ние преговараме и со пратеници на СДСМ и на ДУИ, не по наша иницијатива, туку по нивна. Тие побараа да се сретнеме и побараа некои гаранции“, изјави вчера Таравари.

„Го слушнавме и Ахмети дека е спремен да разговара и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Значи, нема нешто против ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи цела кампања беше против оваа партија, и тоа ме радува. Јас мислам дека дефинитивно ДУИ ќе биде во опозиција за две-три недели. Мислам дека ДУИ е канцер на општеството и со нејзино заминување во опозиција се раѓа една надеж, особено кај Албанците“, изјави вчера Таравари.

Средбата Ахмети-Мицкоски се случи и побрзо отколку што се очекуваше: лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ синоќа оствариле средба во Собранието. Според извори од ВМРО-ДПМНЕ, получасовната средба се одржала на барање на Ахмети, а тема на разговор било прашањето околу гласањето доверба на Владата за кое до Собранието вчера беше поднесена иницијатива потпишана од 61 пратеник. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ за „Слободен печат“ изјавиле дека средбата била информативна, за да се слушнат ставовите на Мицкоски за Договорот од Преспа, новото име на државата и спорот со Бугарија.

Nord-Mazedonien | Arben Taravari
Таравари: Ние преговараме и со пратеници на СДСМ и на ДУИФотографија: DW/P. Stojanovski

Реџепи не попушта

Со цел да не ја нарушат евентуалната предност, во моментов сите партии тактизираат со информациите. Од Алтернатива најавија дека до среда ќе имаат конкретен став како ќе настапат нивните пратеници, но и дека „каква и да биде одлуката - таа ќе се почитува од сите пратеници од Алтернатива“. Но, пратеникот на Алернатива, Скендер Реџепи, вчера најави дека ќе ја напушти партијата и ќе го врати пратеничкиот мандат доколку неговата партија одлучи да ја урива актуелната Влада заедно со Левица. Во моментов, неговото незадоволството не е само поради Левица, туку и од односот во коалицијата АА/А. Тој како „нож во грб за Алтернатива“ ја оцени средбата меѓу генералните секретари на Беса и Алијанса за Албанците, Арјанит Хоџа и Арбен Таравари за време на кампањата.

„Средбата помеѓу Аријанит Хоџа и Арбен Травари, без да го информира коалицискиот партнер, а притоа знаејќи како внатрешно стојат работите за нас, беше повеќе од нож во грб. Се среќаваат генералните секретари на двете партии, едниот вели ручавме, другиот вели пиевме кафе. Ние не знаеме дали пиеле кафе или ручале, но едно со сигурност знаеме: работеле на проект кој не оди во корист на Алтератива. Најмалку што требаше е да не викне нашиот коалициски партнер на разговор, да нѐ информираат за намерите, да седнеме и да разговараме, па да пробавме да најдеме решение. Тоа што се направи, од многуте партиски структури се оцени како штетно“, посочи Реџепи во дебата на ТВ „21“.

Тој повика да се разгледаат резултатите од изборите, на кои се изгубиле 27.000 гласови поради коалицијата со ВМРО ДПМНЕ, што укажува дека во изборот на опцијата ќе решава и одговорноста за резултатите.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Седница на Собранието е закажана за в четврток во 11 часот (11.11)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Примерот од март

За разлика од сега, кога инцијативата за гласање доверба на Владата стигна во парламентот, на почетокот на годинава таквата опозициска намера не стигна на дневен ред. Во февруари Мицкоски најавуваше дека во Собранието ќе бараат гласање доверба на Владата и ги повика сите пратеници и од опозицијата и власта да ја соборат власта и да се формира техничка влада која ќе организира предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Во тој период кога власта се жалеше на постојана опозициска блокада на работата на парламентот, ваквата најава на Мицкоски за ново мнозинство ја претекна неговиот опонент Зоран Заев.

Тоа го направи врз основа на член 93 од Уставот (Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието) и на член 217 од собранискиот Деловник. Според став еден од овој член, Собранието гласа за доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Но, „во случај кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа (став 2), а претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието“ (став 3).

Правото од став 2 и 3 на трети март го искористи премиерот Заев и на седница на парламентот усно побара да се гласа доверба на Владата. Со 62 гласа за, ниту еден против и ниту еден воздржан, Собранието и изгласа доверба на Владата, додека пратениците од опозицијата не беа присутни во собраниската сала во моментот на гласање.

Повеќе: 

Се огласи Заев, тврди дека има мнозинство во парламентот

Мицкоски сака да формира ефикасна влада, СДСМ обвини дека го интересира само власт

Тоа беше прв случај кога претседател на Влада сам побара да се гласа доверба на неговиот кабинет. Со тоа, владејачкото мнозинство тогаш си обезбеди „мир“ во следните три месеци по прашањето на доверба, бидејќи член 92 од Уставот предвидува: „Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници“.

Претседателот на Собранието не беше достапен да даде деловничко толкување, што ако евентуално се случи нешто слично – на пример, ако премиерот во меѓувреме усно на седница побара гласање доверба на Владата, а при веќе постоечка иницијатива од опозицијата? Односно која инцијатива во таков случај би имала предност?