1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МНР апелира советниците да го користат уставното име

ДТЗ
2 ноември 2021

Непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата, се вели во апелот.

https://p.dw.com/p/42TEy
Mazedonien Außenministerium
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерството за надворешни работи упати апел до советниците во општинските совети во земјата да го почитуваат Уставот и да го користат името Република Северна Македонија, по случувањата на конститутивните седници на Советите на општина Штип и општина Аеродром, каде на писмената свечена изјава, место уставното име стоело Република Македонија. Како последица на тоа советниците од СДСМ ја напуштија седницата во Штип. 

МНР изразува загриженост од постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори и укажува дека со Законот за ратификација на Конечната спогодба и Уставот од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија. Сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат тоа и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот, децидни се од МНР. 

Секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа,вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на актите се користи уставното име Република Северна Македонија“, укажуваат од МНР. Тие повикуваат на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија.