Могерини: Западен Балкан сега е партнер во безбедноста
30 август 2018Шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини непосредно пред денешниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Виена рече дека уште на вчерашното заседание имало многу корисна расправа за безбедноста и одбранбената соработка со Западен Балкан.
„Традиционално го гледаме Западен Балкан како регион на нестабилност, каде ЕУ многу години, ако не и децении, ја осигуруваше безбедноста. Сега влегуваме во фаза во која сме партнери во заедничката безбедност и одбрана“, рече Могерини.
Повеќе на темата:
-Вчера дел од проблемот- денес дел од решението
Таа изјави оти австриското претседавање работи на тоа Западен Балкан да биде високо во агендата на ЕУ, како што беше и за време на бугарското претседавање, и додаде дека очекува така да биде и за време на романското претседавање со Унијата.
„Разговаравме со министрите, заедно со НАТО и со ОН, со нашите клучни партнери во регионот, како да ја засилиме соработката во безбедноста и одбраната во регионот, што е интегрален дел од нашата соработка со Балканот“, изјави Могерини.