Могерини: Кршењето на демократијата не е европски принцип
2 март 2017Претседателот Ѓорѓе Иванов да се држи до Уставот на Република Македонија, побарала високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, пред заминување од неколкучасовната посета на Скопје.„Разговарав со Иванов и го замолив да ја преиспита и да ја повлече одлуката, и да го додели мандатот на оној кој обезбедил парламентарно мнозинство затоа што тоа стои запишано во вашиот Устав", рече Могерини. Таа потенцира дека интерес на ЕУ и интерес на граѓаните на Македонија е земјата да се придружи кон ЕУ.
„Изгубивме премногу време. Прашањето е дали лидерите имаат политичка волја да продолжат во овој правец. Од наша страна таа постои. Мојата посета доаѓа во политички момент кој е многу комплициран, среде политичка и институционална криза. Дискутиравме како да излеземе од неа. Не е на ЕУ да изнајде начин, туку како пријател кој се грижи за оваа земја, да индицираме што е она што е она што не загрижува. Она, за што веруваме дека претставува сериозен прекршок на демократските вредности", рече Могерини.
Могерини разговарала со функционери во ЕУ, а утрината и со генералниот секретар на НАТО, кој побарал од Могерини да ја пренесе и неговата порака.
„Мислам дека ќе биде невозможно да убедиме кого било во ЕУ или во НАТО, дека на мнозинството на пратеници во унитарна држава не може да му биде дозволено да формира влада. Ова го крши духот на демократијата и не соодвествува со ниту еден принцип на евроатланската агенда. Затоа го замолувам претседателот да ја преиначи својата одлука во интерес на сите граѓани на оваа држава и како што вели Уставот - да го додели мандатот на оние кои имаат најмногу мандати во Собранието", порача Могерини.
Отворена вратата на ЕУ
Посетата на шефицата на европската дипломатија во овој момент е исклучително значајна, оценија претставници на парламентарните партии, кои попладнето има средба со Могерини.
„Среќни сме што ЕУ останува посветена на иднината на Македонија. Оние 67 пратенички мандати се нормален услов за давање мандат за формирање влада, а ЕУ ќе ја поддржи идната влада за забрзано членство во Унијата. Разговаравме за следните средби кои претстојат во понеделник на Советот на министри, каде од Македонија се очекува да се почитуваат демократските процеси и јасно изразената волја на граѓаните и преточени во парламентарни мандати", рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Лидерот на ДУИ, како што соопшти партијата, на средбата истакнал дека 16 години работеле заедно со ЕУ, НАТО и САД и секое постигнување било заедничко.
„Ние сме биле, сме и ќе останеме партнер на меѓународната заедница. Институционалната и системска криза не смее да се претвори во етничка криза и ние ќе останеме посветени за да се постигне политичко решение. Владеењето на правото, веродостојни институции, заокружување на Охридскиот Договор, добрите меѓуетнички и добрососедски односи и интеграцијата во НАТО и ЕУ, се нашите приоритети", нагласил Ахмети.
На средбата со Могерини заедно со најблиските соработници присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата соопшти дека „од страна на ВМРО-ДПМНЕ било изразено незадоволство од платформата на премиерот на Албанија, негативните последици што се предизвикуваат од бруталното мешање во внатрешните работи на соседна држава, спротивно на принципите за добрососедство". Воедно бил истакнат и фактот за нарушување на принципот за коалицирање на „победник со победник".
„Разговарајќи околу можните решенија ВМРО-ДПМНЕ ја повтори оценката дека спроведувањето на брзи избори е најдобриот начин за стабилност и надминување на политичката криза", соопшти партијата.
Претседателот на движењето „Беса", Биљаљ Касами вели дека пораката на Могерини била јасна.
„Во ситуација кога се паднати институциите, ние имаме договор за стабилизација и асоцијација и нивната поддршка ќе биде согласно со тој договор, со цел да се вратиме на евроатланскиот пат", рече Касами.
Поддршка за граѓанскиот сектор
Денеска првата средба на Могерини беше со претставниците на невладиниот сектор.
„Оваа моја посета е поддршка на граѓанскиот сектор. Јасно ми е во каква состојба се наоѓа Македонија и демократијата во земјава. Поради тоа, сакав мојата прва средба да биде со граѓанскиот сектор", рече шефицата на европската дипломатија. Средбата се одржа во седиштето на ЕУ во Скопје зад затворени врати. Како што дознаваме, Могерини потенцирала дека ЕУ следи се што се случува во граѓанскиот сектор, вклучувајќи ја и хајката наречена „десоросоизација".
„Од Могерини добивме уверување дека граѓанскиот сектор ќе има силен сојузник во ЕУ, дека нема да се откаже од поддршката и дека тоа ќе биде нагласено на сите средби со политичарите. Беше изрзена подготвеност да се направи се со цел Македонија да излезе од кризата и да тргне по реформскиот пат", велат од невладиниот сектор.