1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Можам да ги обединам граѓаните на Македонија“

Горан Чутаноски 9 март 2009

Може ли кандидатот за претседател на Нова Демократија, Имер Селмани, да стане „македонски Обама“? Како би ги надминал поделбите во земјата и како би ја повел на патот кон НАТО и ЕУ?

https://p.dw.com/p/H8M4
Имер Селмани, кандидат за претседател на МакедонијаФотографија: DW / Stojanovski

Господине Селмани, што ќе биде прв и апсолутен приоритет на Вашето претседателство доколку граѓаните на Македонија Ве изберат за претседател?

Прв и апсолутен приоритет ќе биде првиот круг на разговори, средби со главните авторитети во моментов во светот, коишто делуваат во меѓународната политика. Имаме голема потреба да го деблокираме процесот на интегрирање во НАТО и ЕУ. Парлалено со тој процес ќе се одвива изградба на заеднички став околу мојата визија за надминување на спорот околу името со Република Грција, како и усогласување на ставовите во домашната политика.

На еден од митинзите оценивте дека Македонија е поделена по сите основи, по партиска, национална, религиозна и порачавате дека ако земјата сака да влезе во ЕУ и НАТО мора да се обедини. Како имате намера да ги надминете тие поделби?

Јас, со моето лично искуство како градоначалник, како министер и како заменик премиер во Владата на Република Македонија имам доволно искуство и доволно сум докажал дека можам да го направам тоа. Јас можам да ги обединам граѓаните на Република Македонија без оглед на нивната етничка поделба, религиозна или културна. Тоа ми е еден од најсилните аргументи со коишто и настапувам на овие избори. Без внатрешно обединување Македонија ќе биде слаба во секоја позиција, дали во позицијата за преговорите со Република Грција или во позициите во однос на останатите соседи или на патот за интеграција во ЕУ и НАТО.

Точна ли е проценката дека се надевате на гласови не само од албанскиот етникум, туку и од етничките Македонци?

Да, апсолутно! Како прво, јас се кандидирам за претседател на Република Македонија, значи претседател на сите граѓани на државата. Како второ, првпат во историјата на Република Македонија, еден кандидат, кој не е етнички Македонец, уште во првиот круг добива огромна поддршка од граѓаните, не само Албанци, туку и Турци, Роми, Бошњаци и еден добар дел од гласачите етнички Македонци од сите краишта на државата, се разбира и од Источна Македонија.

Доколку бидете избран за претседател на Македонија, Вие би биле прв припадник на едно малцинство во државата, кој дошол на оваа функција? Како ја проценувате ситуацијата, дали е македонското општество подготвено за еден вид „македонски Обама“?

Самиот факт што добар дел од граѓаните уште во кампањата се изјаснуваат дека ќе го поддржат Имер Селмани, пред се’ мислам на етничките Македонци, веќе со тоа феноменот Обама е присутен во Република Македонија. Значи ги надминуваме етничките бариери, што е многу битно за нашата држава и што е многу битен индикатор за нашата демократска зрелост. Ние дефинитивно зрееме со самиот факт што знаеме да ги цениме понудите на кандидатите, карактерите на кандидатите и знаеме дека со изборот на добар кандидат за претседател на државата инвестираме во нашата иднина и во иднината на следните генерации.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Селмани на средба со новинаритеФотографија: DW / Stojanovski

Го спомнавте проблемот со името, кој е Вашиот концепт за надминување на овој проблем? Тој се смета за моментално најсериозна пречка на патот на Македонија кон евро-атлантските интеграции.

За жал тој проблем премногу се исполитизира и борбата за добивање на оваа битка не се водеше надвор од државата, туку внатре во Република Македонија, помеѓу позицијата и опозицијата, помеѓу претседателот и премиерот, што за мене претставува погрешен концепт. Прво, треба да излеземе надвор за да ја биеме оваа битка, а не внатре во државата да се препираме околу тоа кој е поголем патриот и кој е предавник. Второ, ова прашање треба целосно да се оддели од прашањето за идентитетот на македонскиот народ. Името на Република Македонија е име на државата, а таа е држава на сите заедници, како според уставот, така и според етничкиот состав. Идентитетот на македонскиот народ, пак, е нешто што се креира преку генерации и векови, тоа е чувство, нешто што се идентификува преку историјата, преку говорот, јазикот и така натаму. Значи, тоа не би било воопшто предмет на преговори за надминување на каков и да е спор со Република Грција. Мислам дека политичарите во Република Македонија успеаја да го постават на исто рамниште идентитетот и името на државата. Според мене, ова се две сосема различни работи, коишто треба да се третираат поинаку.

Има ли разлики во македонскиот и во албанскиот политички табор по основа на решавањето на проблемот со името, во поглед на тоа колку лесно би се откажале едните или другите од уставното име?

Мислам дека треба да се донесе историска и одговорна одлука, одлука којашто ќе ни покаже колку сме големи патриоти, ако успееме државата не само да ја зачуваме таква, каква што е сега, туку да ја интегрираме и да ја зајакнеме на економски план. Мислам дека најголем патриот ќе биде оној политичар, кој ќе успее да ја внесе Македонија во Европската Унија и на нашите семејства ќе им обезбеди пристојна економска состојба и добар живот. Се разбира, тоа ќе им го оставиме како аманет и на нашите млади генерации: добра демократска држава, интегрирана во НАТО и во ЕУ.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Се кандидра со визија да ги обедини сите во земјата: Имер Селмани од Нова демократијаФотографија: DW / Stojanovski

Мислам дека прашањето околу тоа кој полесно би прифатил промена на името, повеќе се поврзува со идентитетот, отколку со името на Република Македонија. Се разбира дека никој не е подготвен да го смени својот идентитет, тоа е нешто што се чувствува, а не нешто што може да се смени со некоја административна мерка.

Ако бидете избран за претседател, како имате намера да ги застапувате интересите на целата нација, на сите етнички групи во неа?

Во мојата програма е зацртано дека доколку бидам избран за претседател, ќе ја вложам целата мојата енергија најпрвин да имаме мирни, добри односи внатре во државата, да имаме внатрешна политичка стабилност. Рамковниот договор го обезбедува местото на сите етнички заедници во Република Македонија. Освен тоа мораме да имаме добри пријатели надвор од државата. Во соседите треба да гледаме исклучиво пријатели и тоа треба да го постигнеме со нашиот вложен труд. Јас тоа знам и умеам да го направам. Се разбира дека претседателот на државата треба добро да ја претставува Република Македонија во Вашингтон, во Брисел и во сите останати центри на дејствување. Државата преку авторитетот на претседателот може да создаде добар амбиент за инвеститори, не само од големите држави, туку и од соседството, тие да вложуваат и со тоа да обезбедат нови работни места.

Konferenzraum in Ohrid - NATO Treffen
Кога Македонија ќе си го најде местото во НАТО? Слика од конференцијата на НАТО одржана во Охрид во 2007Фотографија: Petr Stojanovski

И за крај на интервјуто: со каков стил имате намера да ја водите државата? Дали ќе бидете строг татко на нацијата или имате некој поинаков концепт?

Јас ќе бидам тоа што сум во моментов и таков, каков што ме препознаваат сите. Ќе бидам личен пример, лично ќе ја понесам одговорноста при донесувањето на одлуките, затоа што претседателот на државата е институција, каде што одговорноста е врз една личност. Се разбира, ќе се консултирам со професионалци, со тим на советници. Ќе соработувам со владата максимално, како што пропишува не само уставот и законите, туку и демократскиот кодекс на однесување. Во таа насока ќе бидам буквално онаков, каков што луѓето ме знаат и ме препознаваат.