Може ли ЕУ да заведе ред на Балканот?
2 мај 2019Германските весници сѐ уште се осврнуваат на самитот за Западен Балкан во Берлин, со акцент на обидот на Меркел и Макрон нерешените проблеми во регионот да ги земат во свои раце за да го спречат растечкото инфилтрирање на влијание на други сили - Русија, Кина, Турција. Оценката притоа е дека ЕУ-сигналите се преслаби:
Весникот Ди велт во текстот со наслов „Задниот двор на ЕУ“ пишува:
„Ангела Меркел и Емануел Макрон од Берлин им дадоа на знаење на Владимир Путин и на Доналд Трамп дека Балкан е во европската сфера на влијание и дека Европа не сака вмешување однадвор. Сега ЕУ мора да покаже дека вистински е способна сама да го реши остатокот од конфликтите во регионот. При распадот на Југославија во 1991 година, тогашниот луксембуршки министер за надворешни работи Жак Пос изјави дека чукнал часот на Европа. Чиста вообразеност. Како што е познато, ЕУ се покажа неспособна да ги спречи Балканските војни, а дури со ангажманот на САД и НАТО можеше да ги заврши.
Оттогаш ЕУ, со приемот на Словенија и Хрватска, со почнувањето преговори за приклучување на Србија и Албанија и крајно со компромисот околу идиотскиот спор за името меѓу Македонија и Грција, ја следи својата вообичаена политика на мирење преку ширење. Но, некои конфликти се само замрзнати. БиХ би се распаднала да не е фактички протекторат на ЕУ. А меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово владее студена војна. Таа мора да заврши за Србија и Косово некогаш да станат членки на ЕУ. А тоа пак Путин сака да го спречи, сака Србија да ја отсече од сферата на влијание на Запад и да создаде тлеечки конфликт на европската граница. Дали и сега е во прашање вообразеност, кога ЕУ се спрема да ја спречи играта со оган? Не. Тоа што Меркел и Макрон, двајца национални лидери, во името на ЕУ поканија на самит во Берлин, повторно покажува дека центарот на моќта во ЕУ одамна не е 'Брисел', туку Советот на шефови на држави или влади, кој располага со средства за водење робустна политика. А тоа што следниот самит е во Париз, покажува дека Советот, а посебно 'Мекрон' - овојпат сака да го искористи часот на Европа. Косовците велат дека во разговорите треба да се вклучат и САД, а Србија го внесува во игра својот поранешен сојузник, Русија. Но, ЕУ се чини одлучна сама да ги реши проблемите, а САД и Русија да ги вклучи максимално само при аминувањето на резултатот. Ако ЕУ сака сериозно да биде сфатена во светската политика, мора да покаже способност да заведе ред барем во својот заден двор.“
„Повеќе европски вредности, ве молам!“
Тагесцајтунг е на исто гледиште. Во текстот со наслов „Повеќе европски вредности, ве молам!“ авторот Ерих Ратфелдер се осврнува на разочарувањето на државите од Западен Балкан на кои ЕУ во Солун во 2003 година им вети интеграција. Ветувањето и по 16 години остана неисполнето, а политичкиот вакуум сакаат да го исполнат автократски раководени сили како Русија, Кина и Турција. Кина масивно инвестира во инфраструктурата, а руската дипломатија, иако доживеа пораз во Македонија и Црна Гора, ја вооружува Република Српска и Србија. Турција пак прави обиди за влијание врз муслиманите во регионот. Позицијата на ЕУ е поткопувана:
„Тоа што Ангела Меркел и Емануел Макрон се обидоа да повлечат рачна кочница, беше горчливо нужно. Првенствено во прашањето за размена на територии. Тоа, во автократски дух како во Србија, така и во Косово, беше преговарано сосем на врвот и требаше да биде решено без да се праша населението. Според етнички критериуми. Создавањето етнички чисти држави е декларирана цел на шовинистичките националисти од распадот на Југославија. За нив се отворија нови перспективи. 'Великосрбите' сакаат растурање на БиХ, Северна Македонија и Црна Гора ќе имаат проблеми со големоалбанските националисти. Би се отворила Пандорината кутија. На радост на националистичките и десноекстремистичките движења во самата ЕУ.
Идејата за размена на територии уште не е симната од маса. Преголеми се силите кои стојат зад неа. Ако Европа сака да ѝ се спротивстави, мора посилно и поенергично да се ангажира на Балканот. Не смее да остане на оваа необврзна конференција во Берлин. Со својот отпор против размената на територии, првенствено Меркел даде сигнал и го привлече Макрон на своја страна. Но, ништо повеќе. По изборите за Европскиот парламент, на ЕУ ѝ е потребно јако водство и надворешна политика која повторно ќе се ориентира од европските вредности.“
Весникот Франкенпост кратко и јасно коментира:
„Зошто германската канцеларка изричито одбива поместување на граници? Сосема едноставно: Оној кој на Балкан ги тресе границите, брзо може да предизвика нова војна. Зашто, кој ќе им забрани на Албанците да се обединат со Северна Македонија - таму живеат многу Албанци. Отворањето на ова буре би било исклучително опасно.“