Можно е Германија да избегне втор корона - бран
29 мај 2020Вирологот од Универзитетската клиника Шарите во Берлин, Кристијан Дростен, ги охрабрува Германците дека опасниот вирус може да се држи во „шах“. Постои теоретска можност, Германија да биде поштедена од втор масивен корона-бран, изјави Дростен за магазинот „Шпигел". Сега постојат подобри сознанија за коронавирусот и за начините на негово ширење.
Тоа се случува главно преку тн. Superspreader, инфицирани коикако преносители се одговорни за голем број новозаразени. Појавата на вакво масовно ширење на вирусот може да биде подобро контролирана.
Но, Дростен истовремено предупредува дека и натаму од исклучителна важност останува навремено откривање на евентуални жаришта на зараза и нивно контролирање преку ставање на контакт-лицата на инфицираните во карантин, без притоа да се врши нивно тестирање преку долг процес. Но, затоа пак е можно значително временско скратување на изолацијата.
Повеќе:
Напната и неизвесна трка по вакцина против коронавирус
Студија: Хлорокин не делува против Ковид-19
Kако и кога завршува една пандемија?
Во иднина лицата кои имале контакт со заразен од Ковид-19, треба да поминат во карантин само една недела, зашто периодот на инкубација и времето во кое заболениот може да ја пренесува заразата, е доста пократко во однос на она што претходно се претпоставуваше, истакнува Дростен.
Штрек: Потрагата по вакцина може да биде безуспешна
И вирологот Хендрик Штрек од Бон не верува дека Германија ја очекува втор масивен бран на коронавирус. Тој претпоставува дека ќе се појавуваат постојано локални жаришта, на пример наесен.
Но, Штрек смета дека нема да дојде до епидемија од толкави размери, што би го преоптоварила здравствениот систем на земјата. Во интервју за весниците на Редакциската мрежа на Германија, РНД, Штрек подвлекува – во основа, постојат добри шанси вирусот да биде под контрола. Како клучен фактор за сузбивање на коронавирусот тој ја гледа натамошната забрана за одржување масовни манифестации.
За главно оружје против коронавирусот се смета вакцина, на чие изнаоѓање во цел свет се работи со полна пареа. Некои од потенцијалните средства за имунизација веќе се наоѓаат во фаза на клинички тестови, но според вирологот Штрек, не може да се смета со вакцина до крајот на оваа година. Против ХИВ беа конструирани преку 500 вакцини, но ниедна не функционираше, потсетува Штрек, укажувајќи и на можноста – воопшто да не биде пронајдена вакцина против Ковид-19.