1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мозаикот од кој се изроди договорот

14 јули 2018

Изгледа неочекувано, но Вашингтон ја култивираше Грција како сидро на стабилност во регионот, а Ципрас стана сојузник кој е многу подоверлив од Ердоган. Геостратешките потреби го изнедрија решението за името...

https://p.dw.com/p/31OA9
Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Zaev und Tsipras
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Голема слика во политиката понекогаш и не може да се види. Дури актерите кои имаат улога во неа не може да ја разберат крајната цел, иако имаат чувство дека ја насетуваат. Јасно, во политиката ништо не се случува случајно. И ако тоа се случува веројатно било планирано на таков начин. Или настаните им даваат нова акцелерација на плановите.

Поканата до Македонија за членство во НАТО е дел од една поголема геостратешка мрежа на влијанија, интереси и осигурување на безбедноста во регионот. Има делумна вистина во зборовите на портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која оценувајќи ја поканата до нашата земја изјави: „Форсираното вовлекување на Македонија во НАТО само потврдува дека политиката на отворени врати се претвора во цел сама по себе, односно во инструмент за освојување на геополитички простор“. Исто таков инструмент преку кој Москва испрати воени ловци и војници во Сирија за да му помогне на Башар ел Асад да остане на власт, а преку тоа Русија да ја зачува својата единствена воена база на Медитеранот и да игра важна улога во распределбата на моќта на Блискиот Исток. Поканата за Македонија во тој мозаик е едно од важните камчиња со кое конечно треба да се забоде знамето на НАТО за контрола на територијата и потоа да се продолжи понатаму.

Повеќе на темата:

-Поканата за НАТО потпишана, следуваат критични месеци

-Македонија нема да дозволи „црногорско сценарио“

-Вилсон: НАТО е гаранција за иднината на Македонија

Се разбира дека членството во алијансата е од животно значење за Македонија, без оглед што речиси од сите страни е обиколена од членки на НАТО. Во геостратешката игра на Америка оваа покана е дел од нејзините опции да го обезбеди најголемото можно влијание во источниот Медитеран. Откако Турција под водството на Реџеп Таип Ердоган станува комплициран сојузник (кој наоѓа сѐ поголемо разбирање со Русија), Вашингтон се сврте кон Грција.

Brüssel PK Stoltenberg und Zaev
Фотографија: Mazedonische Regierung

Помошникот-државен секретар за европски и евроазиски работи, Вес Мичел, на сослушувањето во американскиот Сенат на 26 јуни прецизно ја објасни оваа стратегија: „Ние креираме долгорочна стратегија за зајакнување на американското присуство во источниот Медитеран. Поради тоа ја култивираме Грција како сидро на стабилност во Медитеранот и Западен Балкан и работиме систематски да ја засилиме безбедноста и енергетската соработка со Кипар“, им рече тој на сенаторите.

Тоа изгледа како драматична промена на стратегијата како да се дојде до истата цел. Турција е непоуздан сојузник во последниве десетина години на власта на Ердоган, а сега станува дури и проблематичен, не само поради многуте различни интереси во Сирија. Најавата на Анкара дека сака да ги купи суперсофистицираните руски ракетни системи земја-воздух „С-400" веќе подолго време го вклучи алармот во Вашингтон. Ердоган сака поголем дел од парчето торта на влијание и моќ во регионот и речиси една година наназад најавува дека никаков притисок нема да го одврати од набавката на овој ракетен систем. Обидувајќи се да ги разубеди критичарите во САД тој понуди компромис во рамките на одбраната на НАТО и објави дека ќе купи сто борбени ловци од напредната генерација „ф-35с“. Анкара се обидува да ги отфрли американските стравови дека како резултат на овие две набавки американските борбени ловци ќе бидат ранливи на рускиот ракетен систем. Па наведува дека техничкиот персонал кој ќе управува со „С-400“ ќе биде составен од турски војници а не од руски стручњаци и дека Турција развива свој сопствен софтвер и дека ќе бидат лимитирани опасностите за протекување чувствителни податоци кон руските служби. Израел веќе има неколку „ф-35с“ и ги употреби во Блискиот Исток, станувајќи прва земја надвор од САД која ги користела овие ловци во војна. Според извештаите руските ракетни системи се обиделе да ги пресретнат ловците над Сирија, но во таа битка на небото загубиле. Но овој инцидент е доволен Русија веќе да собрала некакви технички информации.

Предупредување за Турција

На истото сослушување во Сенатот Вес Мичел ја предупреди Турција и објасни дека доколку таа го набави рускиот ракетен систем тогаш не може да има ништо од зделката за борбените ловци. „Во разговорите ние бевме сосема јасни дека набавката на ‘С-400’ ќе има неповратен ефект за изгледите на турската воено-индустриска соработка со САД, вклучувајќи ги и ‘ф-35с’. Ние бевме многу јасни во нашите пораки до Турците дека доколку го набават ‘С-400’ ќе има последици". 

Други колумни од авторот:

-Во кој свет живее Христијан Мицкоски?

-Француска врска

-Македонски круг со креда

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Но не ги расипуваат односите меѓу Анкара и Вашингтон само борбените ловци. Има и други жешки прашања, како американската политика во Сирија и затворањето на свештеникот од Северна Каролина Ендрју Брансон, на кого сега во Турција му се суди за наводни врски со проповедникот Фетула Ѓулен, што значи, за тероризам. Мичел, исто така, кажа дека има две дузини Американци притворени во Турција, поголемиот дел од нив со двојно државјанство. Доналд Трамп му се јавија уште првиот ден на Ердоган да му ја честита победата на изборите, но тоа изгледаше повеќе како куртоазно телефонирање отколку повик со вистинска супстанца, затоа што Стејт департментот и Конгресот не го омекнаа ставот за рускиот ракетен систем и повторно јавно го повикаа турскиот претседател да ја укине вонредната состојба воведен по неуспешниот државен удар пред две години. А Вес Мичел во Сенатот уште додаде: „Го охрабруваме претседателот Ердоган да преземе дополнителни мерки за претставување на различните погледи на сите турски граѓани и за јакнење на турската демократија. Задржувањето на Турција на патот кон не само политичкиот Запад, туку и кон геостратешкиот Запад, мора да биде примарна цел на американската стратегија во регионот“.

Но Ердоган сака да ја димензионира Турција во светски играч и неприкосновена регионална сила која ќе донесува самостојни одлуки а помалку ќе има разбирање за интересите на партнерите од НАТО. Поради ова амбивалентно однесување на Турција, Америка почна да игра со други сојузници. Првенствено со турскиот архи-непријател, Грција. Односите меѓу Анкара и Атина последниве две години се драматично влошени поради воените тензии во Егејот и поради осумте турски војници кои побараа азил во Грција по пучот и апсењето на двајца залутани грчки војници на границата близу Едрене.

Трансформацијата на Ципрас

Последнава година дојде до реинвентирање на врските меѓу САД и Грција. По победата на Сириза на изборите левичарот Алексис Ципрас често беше означуван како тројански коњ на Москва во ЕУ и НАТО. Ципрас за време на претседателската кампања во 2016 година дури го опиша Доналд Трамп како ѓавол, но по нивната средба лани во октомври во Белата куќа двете земји го означија патот на новото разбирање. Тоа беше една од најпродуктивните средби на Трамп со некој од сојузниците во алијансата од старата Европа. Грција последниве години го зголемува издвојувањето за одбраната, дури и во време на штедењето, а Атина донесе одлука да надгради 50 отсто од нејзината флота од 150 ловци „ф-16с“. Оваа зделка од 1,5 милијарди долари треба да ѝ овозможи на Грција да ѝ парира на Турција при евентуалната набавка на „ф-35с“.   

Алексис Ципрас доживеа значајна трансформација – од левичарски популист до посветен евро-атлантист, ја врати неговата земја на мапата во Брисел и ја моделираше како  држава врз која може да се потпре и ЕУ и НАТО. Тоа не е мал успех за еден државник кој наследи економија во урнатини и која преживеа само поради странската парична помош. Грчката економија сега заздравува, а Ципрас и покрај огромните противења во тамошната јавност заедно со македонскиот премиер Зоран Заев го пресече гордиевиот јазол за името. 

Се разбира, ако не постоеше храброста и решителноста на Заев за решение не можеше да се случи ни одважноста на Ципрас. Но таа решителност и одважност не можеа да се сретнат ако мозаикот за решавањето на овој спор не беше внимателно конципиран најмногу во Вашингтон. Мичел во мај призна дека Вашингтон повеќе со тивка дипломатија отколку со притисок им помага на Скопје и Атина да го изнајдат решението. Она што изгледаше како нерешлив проблем – името – сега се слави како триумф на дипломатијата, компромисот и разбирањето. И покажува како едно решение може да ги смени улогите – од главен блокатор на Македонија во ЕУ и НАТО Грција преку ноќ се претвори во пасиониран адвокат на македонските евроатлантски амбиции. За Балканот ова е коперникански пресврт. Грција, без оглед како ние сакаме да ја оценуваме, во западната заедница речиси преку ноќ се трансформира како конструктивен партнер отколку земја што создава неволји.

Од овој мозаик произлезе решението за името. Во променетите приоритети, геостратешки планови, засиленото влијание на Русија и Кина во регионот, како и агресивната неоотоманска политика на Турција кон Балканот решавањето на името го поставија на врвот на приоритетите. Без оглед на големата врева на националистите од обете страни на границата. Одредбите од договорот се болни и за двете страни, на прв поглед дури и неорифатливи, но кога си на шаховската табла каде што други ја водат играта, Заев и Ципрас сфатија дека и тие треба да бидат активни а не само обични пиони заглавени во предрасудите, стереотипите и заблудите. Се разбира, со мала помош на пријателите. За кои големата слика е сепак поважна. А во неа настаните, сепак, не се одвиваат случајно.

 

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар