1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воени маневри и колатерални штети

Витали Калгуреану/Роберт Шварц/Ж.А.7 мај 2016

Одржувањето заеднички маневри со американски војници предизвикува немири во Република Молдавија.

https://p.dw.com/p/1IjAI
Фотографија: Sorin Bucataru

Не е првпат американската армија да учествува во воени вежби во поранешната советска Република Молдавија. Но, кога овојпат околу 200 американски војници во неколку оклопни возила ја преминаа романско-молдавската граница и поминаа низ неколку села и градови, емоциите зовреа. „Имперсиониран сум што ги гледам овие возила“, вели Вјечеслав од Негрести, кој заедно со свои истомисленици стои на работ на улицата и со мафтање со рака ги поздравува американските војници. „Се чувствувам како кај нас да стигнале ослободителите“, вели тој.

„Што бараат Американците овде? Ние сме всушност неутрална земја“, вели пак Генадиј, работник од градот Балти. „Зошто ги провоцираат Русите? Не гледате ли што се случи во Украина?“ Пензионерката Евдокија има слично мислење: „НАТО сега е овде и ќе донесе војна“, вели таа. Кога на границата кон Романија се‘уште би постоела челична жица, ниеден тенк не би влегол оттаму во нејзината земја.

Moldau USA Manöver Dragon Pioneer 2016 Mitglied der Sozialistischen Partei kontrolliert Papiere von US-Soldaten
Опозициски пратеници ги „контролираат“ американските војници на границаФотографија: Facebook/Igor Dodon

Расцеп во земјата

Поделени мислења меѓу народот, поделени позиции во политиката. Проевропската влада во Кишинев, посебно по анексијата на Крим од страна на Русија и војната во источна Украина, се обидува земјата да ја поврзе поцврсто кон Запад, заедничките воени маневри со Американците се натамошен чекор во таа стратегија. Проруската опозиција се обидува со сите средства да го торпедира владиниот курс и токму во моментов чувствува ветер во грбот. Оваа година се одржуваат претседателски избори, а нејзиниот кандидат Игор Додон има предност во сите анкети. Актуелните воени вежби за шефот на проруските социјалдемократи и неговата партија се добра можност за манифестирање борбеност: тие зборуваат за „американска инвазија“, тврдејќи дека американското воено присуство се коси со неутралноста на Молдавија.

Симболички акции

Проруските социјалдемократи тоа јасно го кажаа и на почетокот на мај на границата, организирајќи протестна акција „против влегувањето на Американците.“ Кога првите американски тенкови стигнаа до граничниот премин, од еднастрана ги дочекаа млади луѓе со испишани транспаренти како „НАТО и Европа ја спасуваат Молдавија“. Но, во истовреме, американскиот воен конвој мораше да чека, зашто пратениците на социјалистите еден час го блокираа влезниот пат. На градите тие носеа симболи на руската односно поранешната советска армија. Така накитени, тие бараа американските војници да ги покажат своите документи. Додон постираше фотографии од оваа т.н. контрола на својата Фејсбук-страница.

Проевропската влада во Кишинев е под притисок. Министерот за одбрана Анатол Салару изјави дека заедничките вежби се дел од нормалната билатерална соработка и во никој случај нема да влијаат врз молдавската неутралност. Една единствена држава и‘ се заканува на неутралноста, рече тој без да ја именува, но алудирајќи на присуството на околу две илјади руски војници во отцепениот регион Транснистрија, кој де јуре припаѓа на Молдавија, но прогласи независност. Москва уште во 1999. година со договор се обврза на повлекување на своите војници од регионот, но трупите се‘уште се таму и поради маневрите се ставени во состојба на целосна готовност.

Rumänien USA Manöver Dragon Pioneer 2016
Спорни воени маневри во МолдавијаФотографија: Sorin Bucataru

Заборавена историја

Ѕвоната за тревога сега треба да се вклучат и кај молдавската полиција. На 9. мај во Молдавија се одбележува Денот на Европа, но и Денот на победата на советската армија над фашизмот. Планирана е и воена парада, на која покрај молдавската армија, ќе се презентира и американската, со во земјата донесената воена опрема.

Социјалистичкиот лидер Додон затоа повика на протестни акции против американското присуство во Кишинев на Денот на победата. Тоа го разлути американскиот амбасадор во Молдавија, Џејмс Петит, кој потсети на многуте заслуги и бројните жртви на сојузниците, вклучувајќи ги и Американците, во војната против Хитлер, коригирајќи го извртеното претставување на историјата.

Но, историската вистина често тоне во изборните кампањи. Сепак, за Генадиј, работникот од Балти, Додон е целосно во право. Младиот човек радо цитира некој политиколог од руската државна телевизија, кој неодамна предупредил од „окупација на Молдавија од страна на американската армија“. Американските војници немаат што да бараат во Кишинев на Денот на победата на Советскиот Сојуз против нацистичка Германија, вели Генадиј, а се чини не е осамен во таквото мислење. Колкумина го делат ваквиот став и се против прозападниот курс, ќе се види на симболично многузначниот 9. мај во Кишинев.