Законот за учебници не се повлекува
27 април 2021Министерството за образование и наука не се откажува од носењето на целосно нов закон за учебници со кој се воведуваат современи материјали за учење и се нуди можност за дигитализација. Ова е ставот на МОН кој го демантира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ; Антонијо Милошоски кој изутринава на социјалните мрежи објави дека е повлечен предлог-законот за учебници од собраниска процедура.
„Ги повикуваме граѓаните и родителите да не подлегнуваат на грубите лаги и политички манипулации пласирани во јавност од страна на пратеници од опозицијата. Во интерес на објективно и вистинито информирање на јавноста по координација со Секретаријатот за европски прашања, законот е вратен за да се дополни само делот за усогласување со европските документи, како дел од процесот на усогласување на националното со европското законодавство“, велат од МОН.
-повеќе на темата: Ќе заминат ли хартиените учебници во историјата?
Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието. „Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики. Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време. Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука“, велат од МОН.
-повеќе на темата: Модернизација на образованието, но без укинување на книгите
Пратеникот Антонијо Милошоски изутринава, пак, објави дека предлог-законот за учебници и и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој предизвика поделени мислења во јавноста, е повлечен од собраниската процедура. „Информација: После силните реакции од јавноста, од собраниска процедура вчера е повлечен Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование“, објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој закон предвидува ипотреба на дигитални учебници, наместо печатени, по што дел од јавноста реагираше со жестока критика. Според министерството за образование, станува збор за реформа која од есен ќе стартува во прво и четврто одделение.