Монтираните судски процеси на „систематски преглед“
12 јануари 2021Во време кога се подготвува процес за проверка на работата на судиите и на обвинителите, еден предлог-закон може да стане лакмус дали има вистинска волја за преиспитување на состојбите и за враќање на довербата во правосудниот систем. Станува збор за предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, кој влезе во собраниска процедура. Доколку биде усвоен, ќе може да се повтори постапката за најмалку 30 случаи од периодот 2007-2017 година, кои во јавноста беа перцепирани како политички мотивирани.
„За првпат се бара да се преиспитаат фактите и доказите користени во судска постапка и тоа преку повторување на постапката. Значи не се бара амнестија, аболиција или помилување, туку фер судење, вели пратеникот од Демократскиот Созјуз, Павле Трајанов, кој е предлагач на законот.
„Преку овие процеси, можно е да се коригира неправдата, да се отвори постапка за одговорноста во монтираните судски процеси нa државно политичкиот врв, на припадниците на УБК и други припадници на МВР, на oбвинителите и судиите. Анализатата на 12 судски предмети од страна на ‘Транспаренси Интернешнел Македонија' потврдуваат дека судски одлуки сe донесувани без постоење на реални факти и докази, и со кршење нa законите. Случајот со Кежаровски, кој е осуден врз основа на заштитен лажен сведок, доволно кажува како се елиминираат тие што ја говорат вистината за власта. Сакам да посочам и друг пример - кога вo МВР сe собираат Јавен обвинител и припадници на УБК и носат одлука да се прошири истрагата за поранешен функционер на МВР oд oсветнички мотиви, за што постојат и докази. Или пак, кога припадник нa полицијата на граничен премин при враќање на кусур зa купен бурек гo снимаат и го судат за примање поткуп, при што аудио-снимката не се слуша, сe избришал звукот“, наведува Трајанов дел од примерите.
Монопол врз истрагите
Забелешки за такви постапки има за повеќе случаи, а меѓу попознатите се „Детонатор“, „Змиско око 1“, „Змиско око 2“, „Метастаза“, Шпион“, „Агент“ „Ликвидација“, „Калдрма“, „Ровер“,„Музеј на Македонија“...
„Покрај овие, за случаи во кои има елементи на политичка мотивираност за нивно отворање, во целина или за дел од обвинетите, се сметаат и „Пајажина“, „Фаланга 1“ и „Фаланга 2“ (Аполон), „ПМФ“, „Отпад“, „Мигранти“, случајот со очниот хирург Ставриќ, но и неопределен број помали случаи на кривичен прогон и спроведени судски постапки зад кои стоела политичка мотивираност и интереси“, се вели во Информацијата на Комитетот за заштита на правата. Тоа е асоцијација на здруженија на засегнати граѓани кои подолг период бараат да се повторат судските постапки чии одлуки се донесени спротивно на принципот на владеење на правото, со селективна, пристрасна и неточна оценка на фактите и доказите и со повреда на правата на осудените.
Повеќе:
-Маричиќ за ДВ: Времето на „наши“, „ваши“ и „недопирливи“ е завршено!
-Ќе има ли чистка во судството?
Според Комитетот, во споменатите случаи може да се детектираат неколку или повеќе повреди на постапката и на човековите слободи и права од ист тип, во обем, степен и на начин кој укажува на одредена правилност или метод: сурово и понижувачко постапување со осомничените при апсењето и истражната постапка; во недоглед продолжувани мерки притвор без основа и релевантно образложение; прекршена презумција на невиност преку јавно објавување на снимките од апсењата и креирање медиумска хајка со цел да се влијае на јавното мнение; користење незаконски прислушувани материјали; незаконски определени посебни истражни мерки; лажни заштитени сведоци како круцијален или единствен доказ во постапката; неоснована и недокажана квалификација „злосторничко здружување“; обвинение кое се базира на интерпретации и посредни заклучоци изведени од нерелевантни и неповрзани факти; судот прифаќа нелегално прибавени докази од страна на полицијата и обвинителството; на одбраната не и се дава можност за изведување докази и вештачења во полза на обвинетите; неупотреба, изигрување или злоупотреба на АКМИС системот за автоматска распределба на судските предмети и целно определување на „подобни“ судии и ред други забелешки.
„Согласно со други споредбени студии, состојбата со клучните институции кои го сочинуваат правосудниот сектор е следна: статистиките и анализите покажуваат дека полицијата не само што има фактички монопол врз истрагите, туку е и клучен играч во целиот казненоправен систем од кого најмногу зависи кој и дали ќе одговара за сторено кривично дело. Најголем број сторители никогаш не се откриени, а речиси сите пријавени подоцна се обвинети и осудени. Подреденоста на јавното обвинителство и на судовите и нивното потфрлање во улогата на заштитници на законитоста и на слободите и правата сериозно го доведуваат во прашање нивниот легитимитет поради недоволните кадровски и институционални капацитети, но и поради сериозните проблеми на нивната самостојност и независност од извршната власт“, се вели во Информација на Комитетот.
Услови зa фер судење
Според предлог законот, повторувањето на постапката значи укинување на правосилните пресуди и дејствија на други државни органи преземени врз основа на тие пресуди, и враќање на првобитната состојба на правата и имотот на осудените лица пред тие да бидат лишени од слобода, живот и други права. За лицата кои починале во текот на постапката или при издржувањето на казната, барање за повторување на постапката може да поднесат брачниот партнер или наследниците од прв наследен ред, а за правно лице барање може да поднесе овластеното лице во правното лице или од него ополномоштено лице. Правото на поднесување барање за повторување на постапката престанува со изминување на една година од денот кога законот ќе влезе во сила.
Ако се усвои законот, неколку стотици граѓани кои се чувствуваат оштетени од постапките на обвинителите и судиите, се надеваат дека ќе добијат шанса да ја докажат нивната невиност. Но, дел веќе имаат изгубено надеж, откако претходно го изгубиле здравјето, работните места, а поради состојбата им се растуриле и семејствата.
Во врска со предлог законот Трајанов очекува консензус меѓу сите пратеници, без разлика на која партија припаѓаат, затоа што владеењето на правото е од круцијална важност.
„Никој не треба да се суден и осуден поради политички и други интереси, освета и слично. Преку обнова на постапката ќе се создадат услови зa фер судење, a ќе се преиспита и работата на полицијата, обвинителството и судот. Се работи за голем број предмети, но околу 30 се најспецифични, каде од далеку може да се види дека сe работи зa монтирани политичко-полициски случаи. Очекувам позитивно мислење за овој предлог oд Владата и експерите", уверен е Трајанов.