1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монхаупт беше водач на втората генерација терористи на РАФ

Фолкер Вагенер12 февруари 2007

По 24 години поминати в затвор претстои ослободување на некогашната терористка.

https://p.dw.com/p/AdQY
Бригите Монхаупт
Бригите МонхауптФотографија: AP

Бригите Маргрет Ида Монхаупт беше член на РАФ од самиот почеток. Кога дотогашниот водачи Андреас Бадер, Улрике Мајнхоф, Гудрун Енслин и Јан-Карл Распе беа в затвор во Штутгарт-Штамхајм, нејзе и’ беше пренесено раководењето по личен налог на Бадер и Мајнхоф. Таа стана водач на втората генерација терористи на РАФ.

Како и многумина од левичарската терористичка сцена на 70-тите години на минатиот век, ни Монхаупт претходно не покажувала никакви знаци на радикални убедувања. “Според постигнувањата беше многу добра, всушност дури одлична ученичка, иако не претерано трудољубива, ниту претерано заинтересирана” – вели Рудолф Шмих, нејзин тогашен учител. Соучениците, пријателите и учителите беа дотолку поизненадени кога Монхаупт премина во илегала. Се претпоставува дека во контакт со терористичката сцена дошла во Минхен, каде отиде на студии по матурата во 1967-ма година.

На Бригите Монхаупт во 1985-та и’ беше изречена највисоката казна во правната историја на Сојузна Република Германија. До денес е спорно дали таа ги истрела смртоносните куршуми при убиството на претседателот на Здружението на работодавците Ханс-Мартин Шлајер, на генералниот јавен обвинител Зигфрид Бубак и на шефот на Дојче банк Јирген Понто, но е докажано дека била водач при нападите во “жешката есен” 1977-ма. Самата Монхаупт досега не се искажа во врска со убиствата.

На судењето во Штутгарт беше упадлив нејзиниот бескомпромисен радикален став. Тогашниот претседател на судскиот совет Гинтер Гребе се сеќава: “Страшно многу маки ми задаваше тој потенцијал на омраза и нечовечност што дојде до израз”. Пред тоа, таа веќе беше в затвор помеѓу 1972-ра и 77-ма година.

Сега изминуваат 24 години откако ја издржува втората казна. Јерг Шлајер, син на убиениот Ханс-Мартин Шлајер, се помирува со нејзиното ослободување. “Од страна на погодените би рекол да. И како погоден мора да се подаде рака. Мислам дека по 24 години е време за тоа. Се разбира, би било полесно за сите, кога би бил осознатлив било каков гест на другата страна. Јас не сакам ни да зборувам за каење, тоа би било и неумесно”.