1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва контра Брисел и Вашингтон во македонската криза

Борис Георгиевски15 април 2016

Русија и западните земји во нов клинч околу кризата во Македонија. Москва ја обвинува опозицијата, ЕУ најавува санкции за Груевски и други високи функционери. Русија сака политички да поентира, велат познавачи.

https://p.dw.com/p/1IWH9
Фотографија: picture-alliance/abaca

Официјална Москва и водечките ЕУ членки и САД застанаа на отворено спротивставени позиции во македонската политичка криза која деновиве се заканува да ескалира по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги амнестира сите политичари и нивните соработници гонети од Специјалното јавно обвинителство.

Додека Русија говори за „украинско сценарио“ во Македонија и ја обвинува опозицијата, ЕУ, САД и поединечни членки на Унијата отворено го вперија прстот кон експремиерот Никола Груевски и претседателот Иванов поради ескалацијата на кризата.

Руското МНР дирекно ја обвини македонската опозиција дека станала „инструмент за распалување на внатрешнополитички конфликт, меѓу другото со надворешна поддршка“. Иако Москва не наведува на кои надворешни сили мисли, во соопштението се потсетуваат САД и ЕУ дека одржувањето на изборите на 5 јуни било договорено со нивна активна поддршка и се повикуваат истите да го почитуваат тој договор.

Russland Deutschland Steinmeier bei Lawrow
Штајнамајер остро ја критикуваше одлуката на ИвановФотографија: Getty Images/AFP/Y. Kadobnov

САД: изборите се доведени во прашање

САД веднаш одговорија преку својот амбасадор во ОБСЕ, Даниел Бер кој доцна синоќа оцени дека одлуката на Иванов за аболиција „сериозно ја доведува во прашање способноста на Македонија да одржи веродостојни избори на 5 јуни“.

Претходно и европскиот комесар за проширување Јоханес Хан изрази сомнеж дали се можни избори на 5 јуни.

„Во светло на овие случувања (аболицијата на Иванов, н.з.), имам сериозен сомнеж дали се можни веродостојни избори во Македонија“, рече Хан.

Со остра реакција синоќа се јави и шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер кој оцени дека одлуката на Иванов им нанесува штета „на стандардите на правната држава и на правниот мир“.

Никола Ќурчиски, докторанд на Руската Претседателска Академија во Москва кој работи во тамошниот Центар за ресурсна економија, вели дека интересот на Русија во моментов се поклопува со тоа што го говори власта во Македонија и сака преку тоа политички да поентира и медиумски да го пласира.
„Власта во Македонија кажува дека големи странски служби стојат зад „украинско“ сценарио во Македонија, што се совпаѓа со тезата која ја дава Русија за промена на режимите од страна на САД“, вели Ќурчиски.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Провладини протести во Скопје, мај 2015Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Запад ги отпиша, исток не ги запишува

Во западниот печат, пак, сѐ погласни се најавите дека доколку не се повлече одлуката за амнестија, западните земји „агресивно ќе тргнат против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и други високи функционери“.

„Меѓу можните казни кои се дискутираат се забрана за патување во Шенген зоната на ЕУ за високи македонски политичари, повлекување на поддршката за Скопје во бегалската криза, и запирање на поддршката за членство на земјата во ЕУ и НАТО“, вели висок функционер на ЕУ во изјава за „Вол Стрит Џрнал“.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по ланските мајски протести во Македонија предизвика политички земјотрес со изјавата дека е „можна поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија“. Москва и тогаш ги обвинуваше САД и Западот дека подготвуваат „украинско сценарио“ и „нов Мајдан“ во Скопје.

„Украинско сценарио“

„Активирање на 'украинското сценарио', надворешно инспирирање на незаконски дејствија и на државни удари може да доведе до сериозни потреси во Македонија, како и до дестабилизирање во целиот Балкански регион“, се наведува во изјавата од руското МНР објавена вчера.

Russland Mazedonien Nikola Kjurchiski
Никола ЌурчискиФотографија: privat

„Опозицијата во случајот е избрана само како инструмент во поентата на руското МНР. Суштински не мислам дека Русија ќе застане зад владејачката партија, бидејќи се свесни од кои причини ВМРО-ДПМНЕ ги кажува овие тези за странски служби, Украинско сценарио и.т.н. Знаат дека ова го прават единствено поради тоа што нема како поинаку да го оправдаат криминалот кој го правеле, а поддршката од западните партнери ја изгубија. Запад ги отпиша, исток не ги запишува“, вели Ќурчиски за ДВ.

Интересно е што во обид да придобие поголема поддршка во САД, ВМРО-ДПМНЕ ангажираше лобисти во САД кои во своите текстови во неколку весници и онлајн медиуми ѝ префрлаа на македонската опозиција и на нејзиниот лидер Зоран Заев дека „работат во корист на Русија за да ја урнат прозападната влада на Груевски“.