1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва не се откажува од Груевски, САД разочарани од Иванов

БГ
2 март 2017

Руското МНР се јави со нова реакција на состојбата во Македонија во која предупредува од обидите за „уништување на македонската државност и дестабилизација на Балканот“. САД и ЕУ го критикуваат Иванов

https://p.dw.com/p/2YXJC
Russland Moskau Außenministerium
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Melnikov

Русија и САД одново излегоа со целосно спротивставени оценки за политичката криза во Македонија. Додека Русија виновниците повторно ги лоцира во САД и ЕУ, американскиот амбасадор Џес Бејли, како и еврокомесарот Јоханес Хан синоќа, ја потенцираат негативната улога на шефот на државата Ѓорге Иванов.

Руското министерство во соопштение „со загриженост“ констатира дека политичката криза во Македонија „испровоцирана со грубо мешање од надвор во внатрешните работи е дополнително влошена“. Официјална Москва оценува дека на Македонците, „со активна поддршка од ЕУ и НАТО“ им се наметнува „албанска платформа договорена во Тирана во кабинетот на премиерот под картата на Голема Албанија, која ги илустрира територијалните претензии кон големи региони во соседните Црна Гора, Србија, Македонија и Грција“.

Руското МНР потсетува дека Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ победиле на изборите на 11 декември, но „Западот преку албанското малцинство сака да и ја даде власта на поразената опозиција“. Во Москва се „ особено вознемирени“ што во кризата се вмешале и властите на Косово и веруваат дека таквата линија е особено опасна, „со намера за уништување на македонската државност и дестабилизација на Балканот во целина“.

„Неопходно е да запре надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија, да се почитува правото на македонските граѓани самостојно да решаваат за својата судбина во согласност со основните демократски принципи“, порачува руското МНР во соопштението. 

САД: Иванов да ја преиспита одлуката

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан синоќа му порача на Иванов дека „мора да го почитува исходот од последните избори“.
„Во демократија мора да се признае парламентарното мнозинство, иако некому тоа можеби не му се допаѓа“, рече Хан.

Mazedonien Skopje Jess Bailey (r) US Botschafter
Бејли: Иванов да ја преиспита одлукатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Улогата на Иванов беше апострофирана и во денешната изјава на американскиот амбасадор во земјата, Џес Бејли кој рече дека е разочаран од одлуката.

„Веруваме дека ова не е во согласност со основните демократски принципи и со владеењето на правото, како основни вредности на НАТО. Како стратешки партнери на Македонија, како пријатели и со целосно почитување на суверенитот на земјата, го повикуваме претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука“, рече Бејли. Притоа, тој ги повика и соседните земји да покажат воздржаност и конструктивност во време на зголемена политичка чувствителност во земјата. 

Попладнево во Скопје се очекува средбата на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини со Иванов, како и со претставници на парламентарните политички партии.