1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Мосул: Никој не знае колку цивили загинаа

Матијас фон Хајн
12 јули 2017

По протерувањето на ИД од Мосул, Амнести интернешнл покрена сериозни обвинувања: Не само ИД туку и силите на Коалицијата извршија воени злосторства. Разговор со Разав Салиху од АИ

https://p.dw.com/p/2gNmh
Irak - Flucht aus Mossul
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. DiCenzo

Дојче Веле: Фактот дека таканаречената Исламска држава (ИД) во борбите во Мосул на најбрутален начин ги прекршила и повредила меѓународните норми и човекови права не е изненадувачки. Но, во новиот извештај на

Амнести интернешнл (АИ) е нагласено дека и ирачката влада и американската коалиција, буквално: " повеќепати го повредиле меѓународното хуманитарно право, дел од повредите може да се класифицираат како воени злосторства". Кои се најсериозните обвинувања во извештајот?

Разав Салиху: Ирачката војска и Коалицијата предводена од САД, употребуваа тешки и опасни оружја во близина на цивилното население. Според нашите сознанија, ирачките и колициските трупи користеа непрецизни оружја и не успеаја да ја приспособат својата тактика за да се справат со опасноста која за цивилите ја претставуваше таканаречената Исламска држава. ИД намерно донесе цивили во местата каде се водеа борбите, ги затвори во своите домови со цел да ги злоупотреби како жив штит и уби стотици, ако не и илјадници цивили кои сакаа да избегаат.

ДВ: Гледате ли шанса злосторниците да преземат одговорност за сторените дела?

Во моментов е од исклучително значење, сторителите на вакви дела да бидат изведени пред лицето на правдата и тоа мора да почне со тоа што ирачката влада и коалициските сили мора да ја признаат масовната загуба на животи при преземањето на западен Мосул од ИД. Амнести интернешнл ги повика ирачките власти да основаат независна и непартиска комисија, која треба да ги истражи сите кредибилни докази кои упатуваат на тоа дека владата и Коалицијата ги прекршиле меѓународните права. И исходот од истрагата да биде објавен јавно.

Razaw Salihy
Разав СалихуФотографија: privat

ДВ: Што ќе значи oва за иднината на Мосул, каде цивилното население сега мора да се потпира на заштита на оние кои во извештајот на Амнести се обвинуваат за сериозно кршење на правата, па дури и за воени злосторства?

Над 600.000 луѓе се расселени од западен Мосул. Делови од градот се доста разурнати. Во тоа лично се уверивме на 27 мај годинава. Многу семејства кои се наоѓаат во бегалски кампови стравуваат и се загрижени, и немаат многу надеж дека во Мосул ќе биде безбедно и стабилно за живеење. Ако ирачките власти и членовите на Коалицијата сакаат да сигнализираат дека имаат намера да ги заштитат цивилите кои останале во Мосул како и оние кои сакаат да се вратат, и да им ја гарантираат безбедноста, тогаш ирачките власти и членовите на Коалицијата како прво мора да ја признаат смртта, повредите и страдањата на цивилното население во битката за Мосул. Во ова спаѓа и брза и сеопфатна отштета за жртвите и нивните семејства. Ирачките власти мора да им дадат на луѓето во Мосул гаранција дека ова не е само почеток на нов циклус на насилство.

Irak | Gefecht in Mossul
Битката за Мосул однесе бројни цивилни жртвиФотографија: REUTERS/A. Al-Marjani

ДВ:Дали е воопшто познато, колку цивили се убиени за време на деветмесечната операција?

Вкупниот број веројатно никогаш нема да биде познат. Независната набљудувачка група Ервејс, меѓу 19 февруари и 19 јуни нотираше најмалку 3706 загинати цивили како последица на нападите на ирачката армија и коалициските сили. Амнести во март и мај годинава документираше 45 напади, во кои имаше најмалку 426 настрадани цивили, како последица на напади на ирачките сили и воздушни напади на Коалицијата. Едно од раселените лица од Мосул ни раскажа дека при нападите ирачката армија користела минофрлачи и ракети. Цели семејства се убиени во овие операции, а под урнатините и денес лежат многу тела.

ДВ: Дали во однос на хуманитарната ситуација гледате разлика меѓу повторното освојување на Алепо од режимот на сирискиот лидер Асад и протеруваањето на ИД од Мосул?

Двете воени операции донесоа масовно страдање на цивилното население приклештено меѓу двата фронта. Во Мосул, стотици илјади се раселени и сега живеат во тешки услови во камповите. Членовите на коалицијата итно треба да го зголемат финансирањето на хуманитарна помош во и околу Мосул.


Разав Салиху е експерт за Ирак во Амнести Интернешнл. Таа беше вклучена во изготвувањето на извештајот:„По секоја цена – цивилната катастрофа во Мосул, Ирак" кој Амнести интернешнл го објави на 11 јули.