Антисемитизмот во Европа не е увезен
31 март 2018Во расправата за исламот во Германија постои зачудувачка каузалност. Секогаш кога баварските провинциски политичари соопштуваат дека исламот не припаѓа кон Германија, во нивните говори сѐ почесто се слуша дека земјата има „еврејско-христијански“ карактер или традиција. Истовремено, се премолчува дека добар дел од таа христијанско-еврејска традиција е оној дека христијаните ги прогонувале, протерувале и убивале Евреите. И кога во европските домаќинства за Велигден се вапцуваат јајца, треба да се укаже на тоа дека христијанскиот антијудаизам се заснова врз тоа дека Евреите од дамнина се обвинуваат дека го убиле Исус.
Евреите како добредојдени доселеници - во Османлиското царство
Евреите се прогонувани од страна на христијаните речиси две илјади години. Па така и во 1492 година со едиктот Алхамбра од тогашна Шпанија, откако со векови живееле под муслиманска власт. Многу од тие Евреи, на повик на султанот Бајазит II прибежиште најдоа во Отоманската империја. На султанот му се припишуваат следниве зборови: „Колку ли се луди шпанските кралеви, кога ги протеруваат своите најдобри граѓани и му ги препуштаат на најголемиот непријател“.
Повеќе колумни од авторот:
-Моја Европа: Местото на Западен Балкан е во ЕУ
-Моја Европа: Потребна ни е интернет полиција!
-Моја Европа: Мора да останеме будни!
Во османлиските градови, како Солун или Сараево, со векови постоел еврејски живот, сѐ додека не дојдоа нацистите. Тоа се историски факти, кои можеби би требало да бидат познати кога од една страна се говори за „еврејско-христијанска традиција“ и истовремено кога се говори за муслиманите кои увезуваат „антисемитизам“.
Но таа историска заднина воопшто не мора да се познава, за како Германец да се знае колку апсурдно е дрдорењето за „увезен антисемитизам“. Доволно е да се знае дека Германците го сториле најголемото злосторство во човековата историја. Шоа.
Главен германски извозен производ
Германија, антисемитизам, увоз. Невозможно е да се направи интелигентна реченица во која ќе се појават овие три зборови. Освен една: Антисемитизмот во Германија не е увезен. Антисемитизмот е главен германски извозен производ, пред автомобилите, пивото и сандалите Биркеншток.
Германците се народец, на кој му успеало од борбата против антисемитизмот и безбедноста на Израел да направи државно прашање, а истовремено цела година да го слави реформаторот Мартин Лутер, кој повикуваше на палење на синагогите и на забрана за работа на рабините, со закани за смрт. Во германскиот јазик се користат зборови како „критика на Израел“, но не и „критика на Шпанија“, „критика на Бразил“, или „критика на Уганда“.
Европска традиција
Антисемитизмот ѝ припаѓа на Германија и на Европа. Постои меѓу десничарите, левичарите и таканаречениот општествен центар. Меѓу професорите, градежните работници, кај Ханс, како и кај Али.
Да, ние мора да разговараме за антисемитистичкото расположение меѓу муслиманите во Европа и во Германија. Мораме затоа што 85-годишната Мирел Кнол, која го преживеа холокаустот, е убиена во својот стан во Париз од антисемитистички мотиви. И затоа што недалеку од нејзиниот стан, Еврејката Сара Халими нејзиниот сосед ја фрли од балконот извикувајќи „Алаху акбар“. И затоа што антисемитистичките демонстранти недалеку од Бранденбуршката капија во Берлин си дозволуваат да ја палат Давидовата ѕвезда.
Не, проблемот не е „тој ислам“, затоа што „тој ислам“ го нема. Но постојат многу муслимански земји во кои државата стои за антисемитизмот. Постои Саудиска Арабија, на која еден од главните извозни производи ѝ е салафизмот и постои Исламската Република Иран од која повторно стигнуваат закани кон Израел. И меѓу муслиманите во Европа и во Германија постои малцинство, кое смета дека тоа е добро.
Постои еден проблем
Постојат исламски здруженија кои толерираат кога проповедниците на омраза настапуваат во нивните џамии. Постои еден „политички ислам“, кој го застапуваат некои од тие здруженија. И постојат познати германски политичари, кои со тие здруженија склучуваат државни договори и кои седат на иста маса со луѓето кои ги оправдуваат нападите врз Евреите.
Мораме да разговараме за тоа како во иднина да се однесуваме кон тоа, иако меѓу левичарите и либералите има и такви кои се противат на тие дебати, бидејќи во нив насетуваат „исламофобија“ и кои не забележуваат дека со тоа една важна тема им се препушта на десничарите. Конфликтот на Блискиот Исток не се пренесува само во Израел, Газа и автономните палестински подрачја, туку и во моето соседство, во населбата Нојкелн во Берлин.
Што се случува во берлинската населба Нојкелн
Кога Доналд Трамп во декември го призна Ерусалим за главен град на Израел и кога наводно умерената палестинска партија Фатах повика на „тридневен гнев“ за тоа не морав да читам во весниците. Тоа можев да го видам во моето соседство, на Сончевата алеја (Sonnenallee), најарапската улица во Германија. Кога на Блискиот Исток има проблеми, сопствениците на малите дуќани засилено во излозите ставаат производи на кои е знамето на Палестина, кое ја покрива територијата на Израел. На тие карти Израел го нема.
Се зголемува и бројот на мажи со шамија на глава. Повеќето од тие млади луѓе веројатно не знаат дека тој дел од облеката го етаблирал големиот муфтија, кој ѝ се воодушевувал на Хитлеровата политика на уништување. На крајот од краиштата, таа шамија долго време во Германија беше дел од левичарската субкултура. Но сепак остава горчлив вкус. Посебно кога по палестинските демонстранции големи групи мажи чекорат по Нојклен извикувајќи антисемитски пароли.
Зад повеќето антисемитски казнени дела во Германија стојат екстремните десничари. И кога десничарите дрдорат за „увезен антисемитизам“ и ги ставаат муслиманите под генерален сомнеж, тогаш како најдобра опција и натаму преостанува да им се покаже средниот прст. Но вистина е и тоа дека никој не би се осмелил навечер да прошета по Сончевата алеја со кипа (еврејско капче, заб. на авт.) И тоа во 2018 година во Германија. Мораме конечно нешто да преземеме против тоа.
Крсто Лазаревиќ е роден во БиХ и како дете со родителите побегнал во Германија. Денес живее во Берлин и пишува за неколку медиуми на германски јазик.