Моја Европа: Нема време пред и по Трамп
21 јануари 2017Низ западниот свет шета сениште, сениште на постфактичката ера. Се вели дека новата епоха почна откако Доналд Трамп со мал интелектуален напор, со лаги и подбуцнување победи на претседателските избори во САД. Во тој поглед Трамп претставува линија на поделба. Претходно - просветување, потоа - просветувањето може да ги спакува куферите. Претходно беше подобро, потоа... Очекуваме со напрегнатост.
Зашто, кому уште му е потребно нешто така застарено, бавно, компликувано, нешто кое одзема толку време како еден просветен разум, ако може поедноставно и побрзо? И тоа благодарение на Твитер и другите (не)социјални медиуми. Навистина има доволно причини за загриженост. Кога претседател на една нуклеарно вооружена демократија може да стане некој со нарцизам, некој кој одбива разум што постојано мери и одмерува, некој со ограничен вокабулар кој знае само една придавка - great (извонредно), некој кој знае како да се докажува, но не и да поткрепува со докази, тогаш апокалипсата на разумот не е далеку. Притоа, не смееме да заборавиме дека и дел од однесувањето на поранешниот претседател Буш тешко можеше да се оцени како просветено, па линијата на поделба веројатно ќе мора да се помести далеку наназад.
Трамповите сопатници
Трамп не е сам на своето патување кон рајот на неодговорноста. Тој има сопатници кои се не помалку решителни. Да наведеме само двајца: рускиот и турскиот автократ, Путин и Ердоган, одамна го туркаат проектот на ослободување од одговорност и перење мозок на своите народи. Нивната сметка, ако се погледнат колосалните проценти на граѓани кои се согласуваат со нивната политика, се чини, се остварува. Иако сѐ уште постои извесен отпор на критички настроените граѓани, тој е маргинализиран.
Народот сонува за цврста рака која ќе може да ја бакнува. За османлиство кое е станато мит или русофилство кое нуди заштита и ги лекува сите рани, или кое просветлува. Ако оваа невкусна мешавина се зачини и со малку религија - руско православие овде, конзервативен ислам онде - се добива порција опиум која го замаглува разумот и обезбедува состојба на замаеност на голем дел од народот.
Путин и Ердоган сепак никогаш не тврделе дека се просветители. Нивните земји - ако воопшто - се на периферијата на просветителската зона, благодарение на малиот слој критички настроени граѓани и дисиденти. Но, кога во една стара демократија голем дел од народот - но не и мнозинството, што не смее да се заборави - гласа за Трамп, тогаш мора да се биде внимателен. Се разбира, една стабилна демократија како САД не смее да се споредува со демократски неискусни земји. Меѓутоа, сите овие политички лидери, а и дел од нивните следбеници, ги поврзува презирањето на толеранцијата и поистоветувањето на сите, недоволната стравопочит кон суштествата, слепилото од вообразеност и лицемерието.
Унгарија и Полска: копнеж по „здрав“, етнички чист свет
Да погледнеме кон Централна и Источна Европа, онаму каде би требало да се претпостави поголема просветеност. Унгарија и Полска - две фиксни ѕвезди на источното небо за време на процесите на демократизација во деведесеттите години, Полска всушност тоа беше до неодамна - денес се само сенки на себеси. Двете станаа жртви на агресивен националпопулизам. Во Полска, и покрај протестите на просветената опозиција, се копнее по полство, а во Унгарија по унгарство. Новото е што овој копнеж по здрав, етнички чист свет - зачинет со многу антисемтизам, ксенофобија и католицизам - не ги има зафатено само вечно „вчерашните“ и оние со избричени глави, туку и многу млади луѓе.
Во Полска десните радикали маршираат покрај семејства со деца. Во Унгарија младите семејства посетуваат фестивали каде се слави наводното унгарство. Танцуваат и пеат патриотски песни рамо до рамо со фолклористите и десните радикали. Разумот потфрла и во Романија. Само што социјалдемократите, кои се избламираа со неверојатна корупција до највисоките нивоа, беа симнати од власт, веќе повторно се избрани на власт. Контра секаков разум.
Јас сметам дека никогаш немало линија на поделба. Дека нема време пред и по Трамп. Ниту порано не беше поинаку. Да наведам три примери: од просветените држави во 1914 година војниците пеејќи заминуваа на фронт, опиени со национализам, кој го делеа со оние кои остануваа дома. Просветените држави до 1960-тите и 1970-тите имаа колонии во светот, од кои делумно се откажаа само по многу пролеана крв. Католичката црква е таа која во просветените држави стигматизира и дискриминира луѓе - жени, разведени, хомосексуалци. Тука не можам да препознаам ништо просветено.
Структури на магично размислување и кај возрасните
Никогаш не било подобро или полошо. Луѓето се подложни на неразумност, на размислување согласно желбите. Онака како што кај возрасниот остануваат структури на магично размислување како кај дете, па се плашиме од темница кога одиме во подрум, тивко си пееме или свириме, така просветувањето кохабитира со неразумноста.
Во нормални услови еден просветен дух може да ги држи на узда фактите наспроти рамнодушната неразумност. Тогаш градиме институции за обезбедување на мирот, веруваме во моќта на дијалогот и на образованието, зацврстуваме и не дозволуваме нагризување. Меѓутоа, во посебни околности се пробива неразумност, која е второто лице, наличјето на просветувањето. Тогаш ја откриваме нашата желба за уништување и уривање на цивилизацијата. Тогаш се ослободуваме од обврската кон хуманистичките вредности. Тогаш се перчиме, претеруваме.
Денес проживуваме ваква една фаза во еден нов културен и цивилизаторски конфликт. Прастарите феномени - популизам, национализам, економски кризи, бес кон оние „горе“ кои не се грижат за оние „долу“ - се поврзуваат со нови: бегалски бранови, лажни вести и површно, фрагментирано знаење добиено од еден виртуелен простор, претворање на ангажираниот граѓанин во глув конзумент, преголема индивидуализација и десолидаризација, хуманистички вредности кои се ставени на диспозиција. Сето тоа е плодна почва за слепа и разбеснета неразумност. Она што останува е спалената земја на просветувањето.
Писателот Каталин Дориан Флореску е роден во Романија, а од 1982 година живее во Швајцарија. За романот „Јакоб решава да сака“ во 2011 година ја доби наградата на Швајцарските книжари.