Моја Европа: Помош, седам во автомобил и врескам: Финале!
14 јули 2018Хрватска се пласираше во финале. Вистина, финале. И навистина не знам што се случува со мене, ама се фатив како за првпат во мојот живот седам во автомобил и силно свирам во колоната од луди среќни фудбалски навивачи со хрватско знаме, кои врескаат до засипнување. Градот е добро подготвен за нас, сѐ е подредено. Кружење по определена траса: Добредојдовте во Германија! Ја обожавам.
Хрватска е во финале. Јас врескам низ прозорец – „финаааалееее“ со таква леснотија како само тоа да сум го правела во животов. Едно момче стои на семафорот од спротива, и скока наоколу со хрватско знаме. Значи така изгледа животот на улиците. Но, зошто ли е така само за време на светско првенство?
Чопоративно следење натпревар
Па дури и јас до скоро прашував каков е овој театар и се жалев за корумпираната ФИФА. Викав дека сѐ е тоа чист или скриен национализам. Па играчи кои заработуваат толку многу пари колку што нивните навивачи нема да видат во животот никогаш. И згора на сѐ, Русија како домаќин. Кому му е тоа потребно? Мене очигледно. Еве ме во автокорзо во Манхајм. Полицијата има блокирано улици, ама пријателски ме поздравува. Јас ги отпоздравувам, љубоморна на сите кои биле доволно паметни да се опремат со музика и да си ги накитат возилата. Натпреварите од Светското првенство сакам да ги гледам на отворено, со што е можно повеќе непознати и што е можно повеќе измешани луѓе. Годинава повеќето натпревари ги изгледав во Манхајм, еден од најшарените градов во Германија, град на работници чиешто работно секојдневие има меѓународно обележје. Во натпреварот против Русија се буцкаа Руси и Хрвати, а при тоа сите се Германци. Се вмешува и еден пар што се прави дека е голем познавач на работите, демек неодамна си купиле вила во Хрватска. Јас пак насмеана им возвраќам, распродажба на странци! Тие сепак навиваат со мене за нивната втора земја. Подоцна, откако Хрватска победи сакаа и една тура ракија. Им реков дека има само германски јегермајстер, па возвратија дека и тоа проаѓа. Да се гледа фудбал со непознати е катарза како што веројатно порано бил карневалот. На полувреме разменуваме полначи и надворешни батерии за нашите мобилни телефони. Преку сите можни канали се праќаат пораки на роднини и пријатели во цел свет. На Хрватска ѝ се паднаа најбруталните продолженија. На крај и губитниците можеа да си одат од теренот со крената глава. По натпреварот со Русија стоев како аутсајдер на тротоарот. Автомобили на луѓе од сите општествени слоеви, и модерни и стари. Многумина возеа со хрватско, руско и германско знаме на автомобилот. Ете како можело, си помислив. Штета, што Германците овојпат ја пропуштија шансата за „нова летна бајка".
Претходни колумни од авторката:
Моја Европа: Чекајќи ја селанската буна 2018
Моја Европа: #MeToo е само почеток
Дистанца? Каква дистанца?
Секако на почеток сакав да се дистанцирам од сето ова, бидејќи општеството во денешно време симболизира колективно разочарување, а не и колективно славје. И така една вечер ме стигнаа твитовите на познатиот српско-американски економист Бранко Милановиќ. Тој смета дека Светското првенство со сета негова корупција е последниот преостанат голем глобален настан. Си мислам дека има право и оти од него може да се извади материјал за неврзан разговор со соседи, пријатели и непознати. Неврзаните разговори за кои не сум расположена се обвинувањата на сметка на германската репрезентација. Еден Лотар Матеус којшто се поклонува пред Путин, нема проблем. Еден Месут Озил кој нема поим од теорија за демократија, нема проблем. Дури и нивото на издишани фудбалски експерти е повисоко отколку празни дебати. Притоа на Германија само ѝ се случи нешто што им се има случено на икс светски прваци претходно. Испаднавме во првата рунда. Секаде се кршат копјата околу фудбалот. Хрватската претседателка слави со тимот во кабината и за тоа си доби и пофалба и критика, и сексистички и восхитувачки коментари. Е сега би можела сето тоа да го анализирам, целата дволичност на светот собрана во еден турнир. Но потоа си реков, остави, едноставно уживај го настанот, и сподели го уживањето со милиони луѓе на светов.
Што е офсајд?
Автобусот на хрватската репрезентација се појавува со супер слоганот „мали земја, големи соништа". И навистина беше Светско првенство, во кое малите земји како Белгија и Хрватска се изборија за четвртфинале. Давид против Голијат. Тоа е таа прастара приказна која му е потребна за преживување на секој човек. Хрватска која има население колку еден Берлин, сега е во финале на СП 2018. Многу мои колеги, автори и новинари навиваат со мене. На секој натпревар се тркаат кој ќе напише повеќе твитови. Наутро читам анализи за прва постава. Имам одговор на прашањето што е офсајд, оти мажите сѐуште сметаат дека тоа е ултимативниот тест за една жена која коментира фудбал. По победата, илјадници пати е споделен твит за Модриќ како го изгубил дедо му во војната и дека како бегалец дошол во Задар, и бил многу срамежлив. И како потоа од него станал оној Лука Модриќ кој е душата на тимот што успеа да влезе во финале. По секој натпревар многу непознати ми честитаат на Твитер, пријатели од факултет од целиот свет чиишто броеви одамна ги немам во адресарот. Со иронија се прашувам што ли направив за ова да го заслужам, но им одговарам: фала и вие бевте супер, ве гушкам. Јас отсекогаш сум била за послабите, а СП не е само турнир на нации туку и турнир на соништа. Светска слава за мали земји. Борбениот дух предничи пред парите. Во меѓународните клупски натпревари најчесто победуваат најбогатите. Играчите си имаат цена. А овојпат победи тимот на една земја која нема ни стадиони за такви натпревари. Тренерот ретко ко им го познава, а големите звезди како Меси и Роналдо отпаднаа. И наеднаш чуствувам гордост иако секогаш велам дека никој нема никаков придонес за тоа во која земја се родил. Ги слушам сите оние критички изјави на кои, иако обично им давам за право: ова е бина за национализам и десница... овојпат избирам да не ги слушам.
Момци, уживајте!
По натпреварот читам интервју со тренерот Златко Далиќ кој им префрла на сонародниците дека никогаш не верувале во ваков успех на тимот. Тој ги потсетува што значи да се бориш и да веруваш во себе, и на крај да успееш. Ова е прослава насочена кој општество фокусирано на успеси. Ова ми беше последна станица на која можам да се симнам од циркусов и да кажам дека се залагам за социјален и солидарен свет, ама наместо тоа си го посетив Твитер профилот на Ракитиќ и го испофалив тоа што неговите твитови ги пишува совршено на три јазика, и за тоа што си го слави братството со Модриќ иако сите ги дефинираат како конкуренти. „Братство“ си велам, и пак се чувствувам поинтелектуално. Да Хрватска во сабота игра во финале против Франција. Ќе се потат, ќе плачат и вака или онака ќе се изгушкаат. А Златко Далиќ кој и по името е „златен“ пред играта ќе им каже „уживајте момци во вашата игра." А и јас ќе го направам истото - „да живее нерационалноста!"