1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Разочарувањето по револуциите од 1989 година

14 септември 2019

„Кадифените револуции“ во Источна Европа им дадоа крилја на соништата, но следеше тежок процес на трансформација. Отрезнувањето на многу граѓани се одразува и на нивниот став спрема ЕУ, смета Ивајло Дичев.

https://p.dw.com/p/3PXlt
Ivaylo Ditchev
Фотографија: BGNES

По 30 години многу луѓе како да се разочарани од т.н. „кадифени револуции“ во Источна Европа. Куповната моќ во повеќето земји, по првичниот пад од 40 проценти, денес е удвоена, а во Полска е дури три пати поголема. За политички левоориентираните граѓани процесот на трансформација отишол предалеку и, покрај диктатурата, ја уништил и еднаквоста, моралот и самата држава. За оние десно од центарот тој процес не е ништо друго освен замачкување очи кое беше спроведено од поранешните комунисти со цел да ја трансформираат политичката моќ во економски добра.

Општото незадоволство во многу постсоцијалистички општества им овозможи на новите популисти да освојат власт со тоа што ќе ги отфрлаат европските вредности и така ќе станат предизвик за либералната демократија. Тие практикуваат методи слични на оние кои ги применува мафијата и кокетираат со религиозниот фундаментализам. Тоа пак ги разочара западните Европејци: многу од нив денес се каат за некогаш славното ЕУ-проширување на исток.

Има разни причини за нелогично негативното оценување на процесот кој, историски погледнато, претставува успех. За некои тоа беше растечката нееднаквост која економскиот раст ја носи со себе или видливоста и мерливоста на нееднаквоста која порано беше врзана за скриени привилегии и статус. Други почнаа да се чувствуваат несигурни по отворањето на нивните земји за меѓународната конкуренција или беа фрустрирани бидејќи маглата на глобализацијата ги засени нивните блескави национални држави. Аналитичари пишуваа дека зад мобилизацијата против имиграцијата се крие страв од емиграција. Откако ја снема комунистичката бодликава жица, активниот дел на општеството во Источна Европа ја напушти татковината - до 20 проценти од земји како Бугарија и Летонија.

Политичка диктатура, социоекономска анархија

Општото разочарување би можело да почива и на општото недоразбирање во однос на комунистичкото владеење. Тоа е замислено како систем на апсолутна контрола, што имплицитно е содржано во зборот „тоталитаризам“. Диктаторските методи во суштина беа и компензација за тоталниот хаос кој владееше под идеолошката површина. Политичката диктатура беше замислена како противтежа на социоекономската анархија. Оној кој има заборавено колку неефикасен бил тој систем, треба да ја погледне серијата „Чернобил” на ХБО. Таму е прикажано како среде страшната нуклеарна катастрофа нема никој кој би презел одговорност и мерки. Тоа не е резултат на психолошките карактеристики на поединци, туку е структурна грешка во системот. Бидејќи е укината приватната сопственост, а изборот на раководен кадар е запрен според легитимни критериуми, со општеството фактички не можело да се владее. Замислете модерна еконмија која луѓето кои не ја завршиле работата ги испраќа во затвор поради „саботажа“, која во текот на жетвата е зависна од доброволна работа на студенти и која во мирнодопски услови мора да жртвува луѓе за да поправи електрана.

Звучи парадоксално, но комунистичките општества во извесна смисла беа послободни од западните. Работникот беше слободен да украде нешто од фабриката, шефот беше слободен да си ги вработи роднините. Вработените беа слободни да им се одмаздат на своите колеги пријавувајќи ги тајно кај властите. Како може некој да преживее во еден таков систем? Човек се прилагодува на големиот хаос и на малиот личен хаос. Популарна изрека беше: „Јас се преправам дека работам, а тој се преправа дека ќе ми плати."

Други колумни од авторот:

Моја Европа: Балканот несакан, или пак му недостасува волја?

Чиј е Гоце Делчев? Не реагирајте на провокации!

„Овие комунистиве во Брисел!“

Да ги анализираме „кадифените револуции“ од аспект на карактеристиките на комунистичкиот систем: хаотичен, доброволен, невладин. Тие беа мотивирани од страста кон слободата, но се покажаа како начин за подобра контрола на засегнатите општества. Парадокс кој Хегел го нарекува „лукавство на умот“. Замислете на штрајкувачите во Гдањск да им се кажело дека по победата врз комунистите фабриката ќе им биде приватизирана и 90% од нив ќе ги загубат работните места. На крајот на краиштата секако е посигурно да се живее во едно уредено општетство – и овие работници во суштина водат подобар живот од порано. Но, и покрај тоа револуционерниот порив ќе беше засенет од разочарување доколку им беа познати последиците од револуцијата.

Вообичаено авторитарните влади (сеедно дали некој ги смета за добри или не) се тие кои воведуваат ред во општеството, како што на пример беше во Сингапур или во случајот со ужасната воена хунта во Чиле. Бугарите можеби се сеќаваат на еден текст на дисидентот и првиот демократски избран претседател Жељу Желев, во кој тој тврди дека ЕУ ја презела улогата на „воена диктатура“ која овозможува мирен трансформациски процес во Источна Европа. Не знам колку сериозно треба да се сфати оваа идеја, но таа во најмала рака барем ни покажува колку е амбивалентен нашиот однос кон Европската унија, која, рака на срце, ни вети слобода, но долгорочно ни воведе правила. На истокот на Европа може често да се слушне: „Овие комунистите во Брисел“. Да, некој си го замислува ослободувањето како брз и неотповиклив процес, полн со сништа и страсти. Но, нормализацијата на општествата по комунистичкиот неред можеше да биде само бавна, здодевна и макотрпна.

Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија. Меѓу другото има предавано и во Германија, Франција и САД.

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.